Ајвар востание

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:229:"Порано,когасеславеше11Октомври,воПрилепсеправешеимпровизираннападнаучастокот.Денеснемапотребаодимпровизација

    1. Што е оваа работа? Сите сакаат атентат. Само што јавија дека на Борис му подготвувале атентат во Бугарија, другиот ден на Водњанска најдоа некои 200 грама експлозив што биле наменети за Љубчо. Да не остане покусо од претседателот. Само на тој начин можат да влезат во историјата.
    Вака Борис барем има нешто подобро од Киро. Обезбедувањето. Нели, обезбедувањето на поранешниот претседател не успеа да го спречи атентатот во октомври 1995. А сега, обезбедувањето на Борис ги спречи софиските атентатори. Еееј, и тоа во странство. И без да знае полицијата.
    За Киро на атентаторите им требаа 20 килограми експлозив. За овие, пак, само 200 грама. Мери им го умот. Мислам, на атентаторите.

    2. Стојан Андов им најде оправдание на пратениците што не присуствуваа на свеченоста по повод доделувањето на наградите “11 Октомври”. Убаво било времето, па луѓето си го споиле викендот да се одморат. Плус, тоа значело дека ситуацијата се нормализира.
    Како да не! Колку е нормална ситуацијата, нека прошета по пазарите и нека ги спореди цените со минатогодишните. А за одморот, нека му раскажува на некој друг. Каков одмор среде сезона на ајвар!? Проблемот е што пратениците, такви какви што се, и за прославата на 11 Октомври го имаат злоупотребено ајварот. Сигурно на жените дома им рекле “Одам во Собрание, не можам да печам пиперки!”. На швалерките им рекле: “Одам во Собрание, не можам да ти ги влечам вреќите”. А тие, наместо во Собрание, со мама и тато се зачадиле во некој двор и лупат ли лупат пиперки.
    Сто отсто и востанието пред 60 години било дигнато поради ајварот. Зошто бил избран баш 11 октомври? Се погодило времето, како што би рекол Андов, седнале домаќинките покрај огновите да прават пиперки, а мажите да се спасат од лупењето, отишле да дигаат востание. Поарно нападни некој бугарски участок отколку да се чадиш покрај огнот. Или, пресечи три телефонски кабли, наместо да мешаш со саати во големо тенџере. Приказнава фрла лоша светлина на партизанките. Резил за прилепчанките со првата пушка. Тие не правеле ајвар. Недомајќинки.
    Да се паметни Албанците, би требало да дигнат востание сега. А тие подранија со Танушевци, на пролет. Сега, кога Македонците се зафатени со ајварот, се решаваат сите отворени прашања за човековите права. Сè ќе им дадат, само да не им се мешаат во мерката – десет кила пиперки за три тегли. Зависи од модрите патлиџани.
    А не тие сега нашле да го бојкотираат парламентот. Не сакале амандмани во пакет, туку оптан-топтан. Им е гајле на Андов и на пратениците. Што подолго време бојкотираат Албанците толку повеќе време им останува на Македонците да го направат ајварот. Башка, како што рипнале цените на пиперките, само пратеник со по уште две-три членства во управни одбори може да си дозволи луксуз да направи ајвар за цела зима. Другите – колку за адет. Да не ни се налути Банерџи дека многу трошиме.

    3. Порано, кога се одбележуваше 11 Октомври, во Прилеп се правеше импровизиран напад на участокот. Ама денес нема потреба од импровизација. Сега полициските станици навистина се напаѓаат. Плус, и во Прилеп, спроти празникот рокна вистинска експлозија пред едно кафуле.

    4. Љубчо и Снешка не прават ајвар. Тие одат на кино. А кога Љубчо оди на кино, сè мора да стои. Затоа, пред премиерата на “Прашина” во киното “Центар”, целата улица, од Собрание до МНТ, беше затворена за сообраќај. За да не можат другите што тргнале на кино да стасаат со сопствените коли. За да им се слоши тие што тргнале во аптека гледајќи ја ергелата луксузни возила. За да не им текне на тие што наумиле да се паркираат во Трговскиот центар или спроти него, никогаш повеќе да паркираат во близина на местото каде што наумил да оди премиерот. За да им текне на тие што сакале да стават бензин на пумпата на “Макпетрол” дека треба да одат во “Окта”. А гостите на “Холидеј ин” ќе почекаат пред да влезат во собите. Да го запаметат Скопје и моментот кога премиерот оди да гледа филм.
    Среќа што и претседателот Трајковски не изрази желба да оди на премиерата. Ќе го евакуираа центарот на градот.

    5. Владата се уби плачејќи за донаторска конференција. И кога Љубчо и министерот за финансии Груевски видоа дека странците не ни даваат пари, му се обратија на Господ. Па решија да дадат два милиона марки за крстот на Водно.
    Толку луѓе на прагот на зимата седат очајни, без надеж дека ќе се вратат дома и молат за помош. Со месеци седат во паркот пред Собранието, во шатори и без храна, ама од врвот на Водно никој не ги гледа.
    Колку што се сеќавам, нели црквата го зеде хотелот “Бисер” во Калишта, кај Струга? Колку бегалци сместија таму?
    И уште Љубчо расправа за аранжманот со ММФ, се жали дека бараат од нас да плаќаме поголем данок и на храната, и порачува дека Македонија веќе доволно плаќала и со воениот данок. А бе плаќаме ние, и уште ќе плаќаме. Ама се плашам да нè не можеме да им го задоволиме апетитот. Од ден на ден сè повеќе крадат. Па сега ако дадат пари за крст, мислат на тој начин ќе им се простат гревовите.
    Туку, белки Господ ќе ни даде сила да го преживееме и нивното време. Барем крст да се молиме, ќе имаме.

    6. Пет најголеми ТВ-мрежи во САД се договориле во иднина да не ги емитуваат снимките со говорите на Бин Ладен. По разговорот со советничката за национална безбедност на претседателот Буш Кондолиза Рајс, тие ја донеле оваа одлука “од патриотски причини”.
    Е, како бе таа работа? Нели тие нè учат на слобода на јавното изразување, слобода на печат… Тука новинарите на истите тие ТВ станици секој ден емитуваа изјави на некакви си команданти Шпати, Соколи, Ваљони, Оџа, Илир, Чели, Лека… Тие ни ги измислија, ние не. Тие се потепаа кој прв ќе објави интервју со Али Ахмети.
    Нам не ни урнаа две кули. Ама, затоа Куманово, среде лето го држеа без вода, а ден-денеска го тероризираат Тетово. Гледаш, патриотизмот ти бил релативна работа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари