1. Џабе ни се писма од Клинтон, џабе му се телефонските разговори на Глигоров со Олбрајт, џабе Хавиер Солана ни вика дека НАТО ќе се грижи за Македонија. Што ако САД ни велат дека се загрижени за Македонија, кога ние не сме. Ние повеќе би ценеле кога би добиле едно писмо од Милошевиќ во кое ќе нé пофали за херојското демолирање на американската амбасада, како што Шешељ му испрати пофалница на Панки за тепачката со британските војници.
Зошто да се грижиме за Македонија кога можеме да се грижиме за Југославија. Гледате колкава беља си направивме што ни текна да правиме држава.
Требаше да си останеме со Југославија и требаше сега Милошевиќ да се грижи за безбедноста на Македонија. Наместо да го повикуваме НАТО да нé брани од Милошевиќ, ние ќе си се криевме под ракетите на НАТО. Башка, НАТО со нас ќе поминеше евтино. Со две три ракети. Ќе го погодеа аеродромот Петровец, некоја ракетна база и – толку. Бившата СФРЈ не ни градеше некоја наменска индустрија. Значи отсекогаш мислеле на нас.
Дури и вежбите “Сите во одбрана и заштита” кои бившата ЈНА ни ги организираше за борба против НАТО, ќе се покажеа непотребни. Да си бевме во иста држава, немаше да имаме американска амбасада во Скопје, па немаше да имаме и објекти каде да вежбаме СВОЗ. Ќе си демонстрираа белграѓани, а ние ќе си бевме мирни. Единствено тие што завчера херојски викаа “Ќе одиме на Косово!” сега ќе се криеја од мобилизацијата на југословенската војска.
2. И по девет години самостојност државата сé уште ни функционира слично како во времето на комунистичките измислици за борба против капитализмот од типот на СВОЗ. Пред неколку дена, Вук Драшковиќ им испрати глас на сите Срби во светот да организираат протести против нападите на НАТО, ама изгледа дека тој глас не допрел до македонската Дирекција за безбедност и контраразузнавање.
Според стандардите на КОС од бивша Југославија, веројатно, таква најава не е битна. Па, бидејќи за тоа не знаат контраразузнавачите, гласот не стигнува ни до министерот за внатрешни работи Павле Трајанов. И затоа Павле на Драгиша Милетиќ му испраќа обични полицајци, а не специјалци. Зашто Драгиша е наш човек. И затоа што не гледа српска телевизија која непречено се пренесува во македонскиот етер, па да може да претпостави што може да се случи. И зашто голем дел од македонските политичари со години ја игнорираат агресивната српска пропаганда и во медиумите, и во културата, и во образованието, и на естрадата, па дури и во кафеанскиот живот.
Затоа министерот Павле Трајанов беше изненаден. Нас никогаш ништо не може да нé изненади, освен кога ќе се случи.
3. И Американците се изненадени. Ова што им се случи во Скопје, не беше по сценариото на Си-Ен-Ен. Па новинарот што само пред три часа го протерале од Приштина, и Македонија ја знае, веројатно, само од кафето или вискито што успеал да го испие во луксузниот хотел, од “Александар палас” драматично јави дека меѓу Македонците има анти – НАТО и анти-западно расположение. Тоа го виде од прозорецот на хотелската соба. Не го слушна обраќањето на премиерот Георгиевски. Нема потреба да чита македонски медиуми, не гледа македонска телевизија. Нема поим ни дека тука живеат и Срби кои сочувствуваат со своите во Србија, ни дека протестите ги организирале српските организации, ни дека има проблем со Албанците, кој не е нов и не започна со приливот на бегалци од Косово… Којзнае дали воопшто и знаеше каде се наоѓа.
Македонија е, сепак, многу покомплицирана за разбирање, отколку компјутерската анимација за двата бомбардера што долетале од Мисури, со по шеснаесет ракети за шеснаесет различни цели.
На компјутерската анимација на Американците го нема реалниот страв на Македонците од приливот на бегалци и загриженоста дека може да дојде до изместување на националната структура на државата, ја нема загриженоста за бедната економска ситуација, ја нема огорченоста дека за нив во оваа држава постои само проблемот на Албанците, а не и на сите други граѓани. Компјутерската анимација не го регистрира очајот што сме се родиле тука, во соседството на Милошевиќ и нашето чувство дека сме заборавени од Европа. На компјутерите на хотелските известувачи нема место за нашето стресно живеење, веќе повеќе од десет години, нашето паметење на стравотиите во Славонија, бомбардирањата на Сараево и Дубровник, сиромаштијата во Бугарија, безредијата во Албанија и затворената граница со Грција.
Далеку е Мисури.
4. Грците не би биле Грци, ако од секоја ситуација не направат трговија. Во скопските супермаркети од грчкиот синџир “Веро” во тек е наградна игра со собирање купончиња. Колку повеќе пари потрошиш толку повеќе добиваш купончиња, а со купончињата ти даваат подарок тенџериња. Како што тргнале луѓето масовно да пазарат воени резерви од храна, Грците ќе мора да донесат повеќе тенџериња за испаничените Македонци.
Тенџерињата се многу потребни во воени времиња. Во нив може да се сварат макарони. А кога ќе снема макарони, може да се стават и на глава, наместо шлемови. И така ќе немаме гајле ако југословенската војска нé ракетира. Не ни треба НАТО. Македонските глави ќе ги штитат грчки тенџериња.