1. Многу брзо пристигнаа сметките за изборот на Бранко Црвенковски. Рокот за наплата на фактурата за претседателските избори истече. Поминаа 30 дена и Али Ахмети почна да си го бара своето. По истекот на рокот се пресметува камата.
Ако Струга и Кичево ги гледаме како реална камата на фактурата што Али му ја испрати на СДСМ, тогаш ова со двојазично Скопје веќе е затезна камата.
Премиерот Хари е банкар. Тој знае што значи реална и што значи затезна камата. Тој може сега да вика колку што сака дека не ги признава старите долгови, ама во банкарството е јасно. Долгот си е долг и мора да се наплати. Никој не знае што ставил Бранко под хипотека. Па ако Али не успее да си наплати по редовен пат, следува присилна наплата.
2. Замислете, СДСМ сега влегле во нова офанзива. Покрај Струга и Кичево, ќе го понуделе и Скопје! Демек, ќе ги збунеле коалиционите партнери од ДУИ. И тие, демек сега не знаеле што да прават. Оти им порачале: “Ако го сакате Скопје, да ни ги вратите Струга и Кичево”.
Во ДУИ сега се многу збунети. Па покрај Струга и Кичево, си го бараат и Скопје. Ако веќе за СДСМ во преговорите важеше принципот дека кон Струга и Кичево ќе се припојат селата со албанско население за оштината да стане доминантно албанска, зошто тој принцип не би се применил и во Скопје, за да стане двојазично.
Сметката ќе биде порамнета. СДСМ ќе ги добие локалните избори, а ДУИ ќе ја добие територијата.
На што личи тоа, врати ми два града, ако го сакаш главниот град? На трампа, или на размена? И, што е разликата меѓу трампа и размена?
3. Владата донесе одлука за помош на поплавените да собере пари со тоа што од секој вработен ќе земе по една солидарна дневница.
Дали вработените што не примаат редовно плати ќе мораат да се солидаризираат со една дневница, или ќе мора да одат на присилна работа. Уште да не во облечат сиво-зелени униформи и да не пратат на работна акција.
Само работните акции се од некое друго време. Тогаш живеевме во неврзана држава и во договорна економија. А сега сме со Европа. Затоа и униформите треба да бидат сино – жолти. А за да се потенцира дека станува збор за пазарно стопанство, на реверите ќе ни закачат црвена роза.
Зошто ни продаваат евтина демагогија? Не снајде несреќа, што не снајде. Дека треба да се плати, треба да плати. Кој ќе плати, ако во буџетот нема пари? Пак ние ќе платиме. Ионака ние три пати плаќаме. Еднаш сме платиле регуларен данок за да има во буџетот пари за елементарни непогоди. Сега ќе плаќаме во име на солидарност. И на крај ќе си ги платиме пиперките поскапо, оти се поплавени.
Нормално е дена нема од кого да соберат пари, освен сите да платиме. Ама нека не го викаат тоа солидарна дневница. Нека го наречат данок на катастрофи, како што е.
Со приказната за солидарноста Владата не прави да се чувствуваме фини. Оти, ако платиш данок, утре ќе прашаш како ги потрошиле нашите пари. А вака, бидејќи солидарно ги даваш парите, не прашуваш каде отишле.
Ако вака продолжат наместо данок да ни собираат солидарност, утре ќе им текне и за други елементарни непогоди да ни земаат од платата. На пример, ако на Пенов му снема пари за павер елементи пред локалните избори? Или, ако на синдикатот на Муратовски не му стигнат парите од буџетот, кога ќе треба да се изјасни кого ќе поддржи пред изборите. Ехее… Солидарноста нема граници.
4. Бранко пред изборите беше со народот. Шеташе по пазари, купуваше во самопослуги, играше оро, се бацуваше со кого ќе стигне… Сега нема време да ги посети поплавените. Нему народот веќе не му е во описот на работното место. Тој е државник.
И Хари не најде време да тркне до Гевгелија.
И двајцата имаа многу важна работа. Мораа со Али Ахмети да преговараат за одложено плаќање на фактурата.
А можеа и него да си го земат со себе. Само што на Али Струмица и Гевгелија уште не му се дојдени на ред.
5. Министерот за земјоделство знае што е болката. За елементарната непогода виновна е минатата влада. Затоа што не ги исчистила каналите.
Па тој знае ли колку време е министер за земјоделство? Или мисли дека е од завчера, кога го назначи Хари. Па тој 20 месеци е министер, па не успеа да ги исчисти каналите. Тие и да биле чисти за време на претходната влада, за 20 месеци пак ќе се наполнеле.