1. Многу е убаво тоа што и Германците ќе ни испратат оклопни транспортери за АРМ. Покрај казахстанските што ни ги промовираа пред десетина дена, шеесетте подарени германски транспортери ќе се вклопат како порачани во структурата на македонската одбрана. Само, сепак, оваа вест може да биде и малку загрижувачка. Не дека сега веднаш оваа пратка ќе ја поврземе со Косово, со нестабилноста на регионот, со подготовки за одбрана на татковината. Туку, едноставно – што ќе им правиме на толку транспортери? Немаме толку војници за да се возат во транспортерите. Ако цела војска ја сместиме во нив, кој ќе оди пешки?
Германците ќе треба да побрзаат со испораката на оружјето. Ако е можно, транспортерите да дојдат до 8 Септември, па за Денот на независноста да направиме една голема парада. Ако нема доволно војска, ќе се качат и други луѓе да се повозат. И онака сме ја учеле Титовата доктрина за вооружен народ. Секој граѓанин по еден транспортер. Па, кога локалните мафијашки групи ќе се пресметуваат меѓу себе по скопските дискотеки, нема да користат пиштоли. Тоа ќе биде многу побезбедно за обичниот народ. Ај нека проба некој, нека влезе со транспортер во диско.
Доаѓањето на транспортерите до 8 Септември ќе биде добредојдено и пред парламентарните избори. Деновиве, кога низ Македонија протатне циркусот “Касандра”, многумина се згрозуваа колку прост народ сме биле. А се знае, често знаеме да кажеме: “Прост народ – силна држава”. Тоа кај нас се покажа како погрешна теза. Изгледа дека народот, сепак, не е толку прост, бидејќи силна држава сигурно не сме. Е сега, дали со најавените транспортери ќе станеме доволно силни, за да биде силината пропорционална на простотилакот – не верувам. Изгледа ќе ни требаат уште многу повеќе транспортери за да ја достигнеме рамнотежата.
2. Борбата против простотилакот ќе се води во највисокиот законодавен дом. Првоборец е пратеникот Амди Бајрам, кој предложи, пред влегување во Собранието, на секој пратеник да му се направи “алко-текст”, за да се види дали се пијани, како што несериозно забележа пратеникот на ЛДП Зоран Шапуриќ, па дури потоа, “атестирани”, да им биде дозволена работа на седниците. Огорченоста на Амди Бајрам е сосема на место. Нормално е човекот да биде навреден од таму некој си опозиционер што тврди дека пратениците во Собранието пијат. А цела Македонија на телевизија виде дека Бајрам, заедно со своите коалициони партнери не пие во Собрание, туку во кафеана. И не пие евтини, туку скапи пијачки. Ако не веруваат, нека го прашаат магарето што им правеше друштво додека го поеја со виски. И сега некој се осмелува од нив да прави магариња, недокажано и без направен “алко-текст”.
Не нé зачудува тоа што таква гнасна инсинуација стигна од пратеник на опозицијата. Уште еднаш се докажува дека тие немаат чувство ни за државност, ни за традиција, ни за негување на народните обичаи, па дури ни за почит кон своите партиски колеги, кои по прашањето на “атестираноста” се расположени и без да им се прави “алко-текст”. Па што, ако и се случило некој пратеник да се појави во собраниската сала малку поднапиен. Малку ли македонски народни песни се врзани со некакви вина, ракии… Барање “алко-текст” би дошло како елементарно непочитување на историјата. А традицијата продолжува. И современите трендови на развојот на Македонија се темелат на историското наследство. Не за џабе на Евровизија нé претставуваше песна во која Владо пееше: “Јас морам да пијам, да се опијам!”. Се знае, кога нешто се мора, не е тешко.
Навистина, во право е потпретседателот Џеладин Мурати кој интервенираше дека во салата пиењето е забрането, ама во бифето е слободно. Затоа на пратениците им е тешко. Мораат да слегуваат по скали за да се расположат. За да им биде олеснета работата, сепак, собраниското бифе нуди поволни цени на алкохолните пијачки, за да не почувствуваат пратениците голем удар по џебот. За малите дневници и малку поголемите патни трошоци, и една чашка ракија што чини “дури” 15 денари е голем товар за буџетот. А да не зборуваме за шишето вино кое чини од 100 до 250 денари. Чаша вино чини 15-20 денари, а “скопско” е 25 денари. Затоа, во Собранието “сé е можно”.
Ваквите цени се сосема реални. Народните избраници мора да бидат најадени и напиени за да можат успешно да го претставуваат народот и да донесуваа одлуки во негово име. Освен тоа, како ќе бидат задоволни од состојбите во државата, ако сé не им е евтино. Да им е така и на нивните избирачи, и тие ќе бидат задоволни, а не понекогаш да се срамат за кого гласале. Она што загрижува е, сепак, ниската цена на пивото. За 500 денари, колку што е просечната дневница, можат да се испијат 20 пива. Што е многу и за крупни фигури, какви што ги има меѓу пратениците. И после Тито Петковски се лути што веднаш по ручекот не може да ги собере и ги одложува седниците поради немање кворум. Попусто ги испраќа собраниските служби да ги собираат од бифето. Следниот пат нека ги проверуваат тоалетите.
3. Пензионерите соопштија дека премиерот Бранко Црвенковски им ветил паричен надомест за заостанатите 8 отсто што пред неколку години им ги скуси државата. Портпаролот на Владата Зоран Иванов не знаеше да каже што им кажал премиерот на пензионерите, па ниту го демантираше ниту го потврди тоа што го рекоа пензионерите.
Сега ќе измине некое време додека Фондот за пензиско осигурување и пензионерите се разберат што кажал Бранко. Тамам, колку да се изгуби уште извесно време, па првиот “паричен надомест” да стигне некаде месец, два пред изборите. И тука приказната ќе заврши. Ако СДСМ победи, ќе нема пари да продолжи со исплатата затоа што ги потрошил за да победи. Ако победи некој друг, нема обврска да ги исполнува ветувањата на Бранко.
На прославата на СДСМ, претседателот на партијата Бранко Црвенковски, во врска со странските инвестиции, праша дали опозицијата ќе биде задоволна, ако тој им кажел на странските инвеститори да не вложуваат во Македонија. И, навистина, според угледното британско списание “Јуромани”, Македонија е рангирана на последното 25. место на листата на странски инвестиции во источна Европа и централна Азија. Освен тоа, во однос на 1996 година, обемот на странски инвестиции паднал за 59 отсто, за разлика од, на пример, една Бугарија во која тие се покачиле за 330 насто. Затоа опозицијата нека не се грижи и нека не го напаѓа Бранко без потреба. Премиерот си ги исполнува ветувањата.