1. “Кока-кола” повторно оди со нова весела и оптимистичка кампања, во која слоганот е “Сподели добрина”. Секоја чест на “Кока-кола”, ама некако сум сомничав дека во оваа земја некој сe уште е подготвен да сподели добрина. Каква добрина? Тоа за Македонија е непозната. Може да споделиш стан, да споделиш тендер, да споделиш фирма, ама да споделиш добрина!? Кога би ни порачале “Сподели лошотилак”, сите тоа би го прифатиле. Многу природно. И ако досега сме имале сомнеж какви сме, оваа генерација има историска прилика лошотилакот да го запечати во нашиот генетски код. Оти ова што сега си го правиме нема врска со идеологија, со идеали, дури ни со политика. Ова сe се сведува на нешто лично.
Така што и претходниот слоган на “Кока кола” – “Отвори за радост” не важи за македонските прилики. Кој има тука време за радување? Тука сите теми се смртно сериозни. Не за џабе е речено дека кај нас важи изреката “Да му умре кравата на комшијата”. Може да му се радуваш на политичкиот противник само ако му се случи нешто лошо. Како охриѓани смислиле со еден збор од срце да ти посакаат нешто лошо? Думриш!
2. Среќа што пред две години ни пропадна пописот. Којзнае какви погрешни податоци ќе излезеа. Вака партиите уредно си водат статистика за тие другите. Сега ќе излезе и кој колку станови има, кој колку фирми има, кој колку говеда пасе, кој колку овошки одгледува, кој живее со мајка му, кој се оженил, кој родил,кој колку синови, колку снаи се вртат во куќата, кој колку баџанаци и братучеди има.
Кога ќе видиш, што ќе ни е попис? Сите ние сме одамна попишани.
3. Што скромна нација сме. Сите сакаат да се прчат, а од друга страна, што помалку пари да покажат. Не смее човек лижавче да купи. Веднаш ќе речат: “Ете го, ги извади парите”.
Едно време кога излеговме од комунизмот, мислевме дека сме влегле во капитализам. Ама гравитацијата од стариот систем е посилна од нас. Нe забавуваат кој колку имал. Два сапуни, или еден? Течен ли е сапунот?
Колку и да спечалиме, си остануваме бедни. Во душа.
4. Се натпреваруваат кој колку помалку да покаже, на вестите се изнаслушавме дека на сите страни фрчат милиони, и тоа евра, а министерот за финансии Зоран Ставрески рече дека историски успех е зголемувањето на минималните плати за наредните години. На некои до крајот на 2018 ќе им се зголеми минималецот за 1.800 денари, на некои две години порано. Ќе примаат дури 10 илјади и кусур денари месечно. Вреди да се издржи дотогаш.
Но оваа мерка се коси со кампањата за привлекување странски инвестиции. Пред неколку месеци, министерот Џери Наумоф ги повика дури и Кинезите да инвестираат во Македонија оти имаме најевтина работна сила. Во 2018 година веќе нема да бидеме толку евтини.
5. Додека ние се занимаваме кој колку треба да биде сиромашен за да биде идеална политичка елита во Македонија, директорот на националното разузнавање на САД Џејмс Клепер во Сенатот зборувал за проценка на закани во светот и ја споменал Македонија, заедно си Босна и Херцеговина, како можно жариште, поттикнато од етнички и од политички поделби. Колку повеќе се одолжува со македонското членство во ЕУ и во НАТО поради спорот со Грција околу уставното име и поради лошите билатерални односи со Бугарија, толку е поголем ризикот дека етничката напнатост ќе порасне
А што е важно што викаат американските разузнавачи за безбедноста на Македонија? Најважни се соопштенијата од партиските штабови. Кој ќе го фати најдобриот тајминг за прес-конференција за да се фатат вестите на телевизиите. И со чија прес-конференција ќе ни заврши денот. Да знаеме кого ќе сонуваме и чиј збор ќе ни ѕуни во главата до сабајле.
6. Херој на неделата е пратеникот Хајрула Мисини. Оти во Атина шест пати споменал Република Македонија. Го налутил дури и Венизелос. Што ние тука особено го цениме. (Види точка бр. 1). Можевме барем со еден билборд на Богородица да го испочитуваме – “Командант Шпати – Шум фаљеминдерит”. Сите вести поминаа во знакот на Мисини. Беше поважен дури и од снегот кој таа вечер го најавуваа дека ќе заврне. Ја засени и харизмата на Даниел Кајмакоски од “Икс фактор”. Дури и домаќинките слушнаа за Хајрула Мисини, чекајќи да завршат вестите, за да може да и` се посветат на судбината на Фатмаѓул. Оти сопствената судбина одамна им е позната.
7. Ова со менувањето фасади затоа што мнозинството во советот на општината така сака е нов пронајдок. Партија која во моментот е на власт ќе ти кажува како да ти изгледа куќата. Па кога ќе се смени власта, пак ќе ти ставаат скелиња. Каде се архитектите? Не се потребни. Тој што е на власт ќе кажува како да изгледаат зградите. Исто како што на лекарите им кажуваат како да оперираат. На новинарите одамна им кажуваат што да пишуваат. На судиите ќе им дадат правилник како да судат.
Во оваа држава не ти треба професија. Треба да си во партија. И ти треба само просто мнозинство.
П.С. Не сакам да кажам дека ова е дното на македонското новинарство, оти сигурен сум дека може да оди и подолу. За жал, и верувам дека ќе оди.
Сакам само уште еднаш да се осврнам на случајот кој повлече нога, а кој колегата Зоран Димитровски од “Нова Македонија” инспиративно го нарече “Ивонагејт”, и обидите тој да се релативизира во стилот “Ние сме валкани, ама и вие сте валкани”.
Значи, во “Ивонагејт” темата не е дали новинарите имаат фирми туку дали Владата корумпира новинари, така што на нивните фирми им овозможува привилегиран настап на владини тендери.
Тоа е трагедија што не ги засега само Владата и новинарството. Со овој памет што го имаме, оваа пракса темелно ја оштетува јавната сфера до степен што тешко ќе се оправи. Значи, не страда само новинарството. Можеме ние да гледаме сеир и да се ситиме едни на други, ама ова остава трајни последици. Страда општеството во кое сите живееме и кое во блиска иднина нема да стане подобро, па макар уште утре нe примиле во ЕУ сосе уставното име.