1. Како тргнало Министерството за внатрешни работи со поднесувањето кривични пријави, ништо чудно наскоро да снема хартија за пишување. Ќе треба да се распише тендер за набавка на унифицирани формулари за кривични пријави. Нема смисла министерот Павле Трајанов да се мачи да пишува текстови. Ќе си има формулар, само ќе го пополни и процедурата ќе се забрза. Фирмата на министерот за финансии Борис Стојменов веќе има искуство со тендерите за формулари.
По прашањето на кривичните пријави Владата може да покаже максимална ефикасност. Стојменов ќе печати, Трајанов ќе пополнува, а Камбовски ќе води сметка. Владата требаше да размислува кога го предлагаше Законот за амнестија дали тие што ќе си заминат од затвор ќе ослободат доволно места за новодојдените. Затоа и министрите за внатрешни работи и за правда треба тесно да соработуваат. Да не се случи поради презафатеност, да мора да се градат нови затвори. А според програмата за обнова и развој, не е предвидена таква инвестиција. Ниту, пак, министерот Стојменов во Буџетот одвоил стапка за тоа. Евентуално, може да најде пари по две години, откако ќе престане да ги плаќа кредитите кон една американска банка, зашто тие така му шепнале. Во меѓувреме, Владата ќе мора да троши од тајванските долари, ако сака сите на кои Трајанов им поднел пријави да ги стави в затвор.
Ако не успее и тоа, тогаш ќе мора самиот министер да се снаоѓа со парите. Ако можеле неговите претходници да даваат спонзорства за џез-фестивалот, тогаш и Трајанов нека организира еден добротворен концерт. Приходот од продадените влезници ќе оди на сметка на подобрување на животните услови на идните затвореници.
2. Со откривањето на спонзорствата од полицијата, се откри дека полицијата располагала и со некоја сметка која не била под контрола ниту на државата ниту на Владата, ниту на Заводот за платен промет, туку директно под контрола на министерот. Сепак, оваа ситуација на држава во држава била продуктивна во однос на изградбата на културниот дух на граѓаните. Ние не сме ни знаеле дека кога како обични граѓани ќе застанеме на шалтерите на МВР за пасош, лична карта, или за уверение за државјанство, придонесуваме за културниот живот во државата. Со секој платен формулар, дел од нашиот денар одел и за Џез-фестивалот во Скопје, или “Интерфест” во Битола.
Ме интересира дали и казните што им ги плаќаме на сообраќајците се користат за спонзорирање фестивали. Нема смисла да плаќаме, а да не знаеме за што ни одат парите. Зар во минатото не биле онеправдани оние возачи кои платиле казна и после нивните пари отишле за џез, а тие сакаат народна музика. И тоа зошто? Затоа што министерот повеќе сакал џез отколку народњаци.
Е отсега нема да биде така. Ќе има промени и во казнената политика. Кога ќе поминеш на црвено и кога полицаецот ќе ти напише белешка, тој ќе мора задолжително да ги наведе и културно-уметничките афинитети на казнетиот. Не смее парите на некој што ја сака Цеца да одат на сметката на Македонска филхармонија. И ако греши, барем да знае зошто греши.
Оваа акција на културно описменување на народот од полицијата може да се изведе во соработка со “Скопска пивара”. Нели во една реклама за “скопско” се тврдеше дека со секоја испиена голтка пиво, придонесуваме за спонзорирање културни манифестации. Што повеќе пијаници, толку покултурна нација. Е сега, на акцијата на “Пивара” се вклучува и полицијата. Сообраќајците ќе треба да ги ловат пијаните и да им пишуваат казни. Со “скопско” и со МВР ќе имаме двојно финансирање на културата.
3. Премиерот Љубчо Георгиевски на 21 и 22 февруари ќе замине во Бугарија. Бидејќи 21 февруари е празникот Прочка, значи Георгиевски оди на проштавање со тамошниот премиер Иван Костов.
Според старата македонска традиција, во семејството, за време на Прочка, мајката ги собира децата, им врзува варено јајце на конец, а децата се обидуваат да го лапнат јајцето, без да го фатат со раце. Белки Иван Костов нема да го пречека Љубчо со јајце на конец. Веднаш ќе се прокоментира дека Љубчо ќе го амка јајцето што му го нишка мајка Б’лгарија.
Уште пострашно ќе биде ако министерот за надворешни работи Александар Димитров го амка јајцето на Надежда Михајлова. Каков Пангалос, каков Тајван, дури ова би било катастрофален пад на угледот на државата.
Настрана што бившиот министер Ханџиски би бил многу љубоморен. Како тој не успеа за време на неговиот мандат да се амка со Надежда. Којзнае дали хубавото Наде уште мисли на него. Барем да го праша Александар, што е со Ханџо, да не му пуштиле и нему некоја пријава.
Ова младиве се многу безобразни. Веднаш забораваат и немаат почит кон старите љубови. Не се како американската министерка Медлин Олбрајт. Таа се среќава со Љубчо, ама пак не заборава да му се јави и на Киро. И тоа сé ноќе се слушаат. Тоа ти се вика верна љубов.
4. Како се викаше државата со која неодамна воспоставивме дипломатски односи, па Кина ни се налути? Потпретседателот на Владата Бедредин Ибраими, дента кога стигна шокантната вест од Тајпеј, зборуваше за Тајланд. Во меѓувреме, Владата дозна со кого сме се здружиле. Така што сега и министерот за финансии Борис Стојменов знае со кого сме воспоставиле дипломатски односи, ама не е сигурен за последната буква од името на државата. Па, за да не испадне неук како потпретседателот Ибраими, не зборува за Тајланд, ама за секој случај, Тајван го вика Тајванд.
5. Претседателот Глигоров прави разлика меѓу Тајван и Тајванд, па в понеделник ќе го свика Советот за безбедност. Бидејќи Советот се свикува кога безбедносната ситуација во државата е драматична, сигурно претседателот има основа за сериозна загриженост.
Глигоров го свикал Советот кога дознал дека Кинезите од Пекинг деновиве насочиле стотина балистички проектили кон Кинезите од Тајван(д). Со оглед на составот на Советот за безбедност, сосема е неизвесно како нашата држава ќе се однесува во оваа драматична ситуација. Дали, ќе се раководи по ставот на Владата, па ќе испратиме војници да го штитиме Тајван, бидејќи Тајван(д) е наш, или Врховниот командант, ќе мобилизира македонски трупи да ѝ помогнат на армијата на НР Кина да го освои островот и така да го спаси угледот на државата.