1 Бидна и тоа чудо. Се исправи Воинот на коњ, со ликот на Александар Македонски среде Плоштадот во Скопје. Луѓето беа возбудени, гледаа нагоре, го сликаа, плачеа од радост…
Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ добија трет мандат за владеење. На избори кои беа оценети како фер и демократски. И тука завршува секаква дискусија за споменикот. Затоа што, очигледно, на Македонците им требал споменик за да се радуваат. И тоа висок споменик за да гледаат нагоре. Како на роденденскиот плакат на ВМРО-ДПМНЕ. Што повисоко се поставени мадињата на коњот толку повисоки се и гледањата кон вселената.
Луѓето што мислат дека подигањето на споменикот е грешка и се плашат дека тоа дополнително меѓународно ќе ја изолира земјата, во муабетите си наоѓаат утеха и викаат: “Ќе го преживееме и ова”.
Е па проблем е што ние цело време преживуваме. А да почнеме еднаш и да живееме.
Груевски имаше цел да го подигне националното самочувство и да постави национални симболи. Ете, ги имаме големите јарболи со македонски знамиња низ цела Македонија. Го имаме и Воинот надвиснат над сите помали македонски револуционери расфрлани низ центарот на Скопје. Кај и да е, и Музејот на ВМРО ќе се отвори од другата страна на Вардар. И… После што ќе правиме?
Оти луѓето што му се радуваат на споменикот во тој момент се среќни, ама мозокот сигурно не им е исклучен. Кога ќе тргнат накај дома, ќе сфатат дека децата им се невработени, дека за да најдат работа мора да станат членови на партијата, и тоа заслужни, оти за да се лекуваат во хумани услови, треба да подигнат кредит, дека кога ќе одат на суд да бараат правда, нема да ја добијат оти има помоќни и побогати од нив, оти во градинките ќе имаат доволно воспитувачки, дека во училиштата барем клозетите ќе бидат чисти, дека ќе има воз за да си ги посетат роднините, дека нема да се гине по патиштата и автопатиштата оти се небезбедни…
Затоа, мислам дека е добро тоа што Груевски го дигна споменикот на почетокот на третиот мандат. Му остана уште спектакуларно да ја прослави 20годишнината од независноста на 8 Септември. И нека заврши со симболите до есен, за да му останат барем уште три и пол години, покрај спомениците, да заврши и некои други работи
Никој не гласа за некој што му нуди преживување. Се гласа за некој што ќе ти обезбеди добар живот. Оти уште малку ќе н држи гордоста дека во Скопје ќе имаме споменик за кој ќе доаѓале да се сликаат. Зошто само други да се сликаат? А ние да отидевме некаде да се сликаме!
2 Разочаран сум до женското лоби во Македонија. Едно чудо организации за правата на жените, а ниту една не се побуни за половата дискриминација во редењето на спомениците. Ај што не се појави ниту една жена излеана во бронза. Туку два споменика му дигнаа на Филип, таткото на Александар, а мајка му Олимпија никој не ја споменува.
Велат дека таа “не била од нашите”, оти била од Епир, ама и за тоа ќе се најде оправдување. И Александар бил чедо на некој Рамковен договор од 356 година пред нашата ера. Па нејзин споменик убаво би се вклопил како договор во коалицијата со ДУИ.
Неставањето на споменик на Олимпија е голем пропуст во реформите ако се има предвид улогата на мајката кај синовите во македонското општество од векови до денес. Тоа е опеано дури и во народни песни. Како на пример “Кога ќе ме жениш, мајче, да ми кажеш…” Во поновата македонска историја и првиот настап на независна Македонија на Евровизија со Владо Јаневски беше опевање на улогата на мајката кај ергените “оди мајко прашај кај нејзините, дали ќе ја дадат за мене…”
А во најновата историја дури и легендарниот Ѕинго тоа го потврди кога на предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ и се заблагодари на мајката на Груевски дека родила таков син.
Во македонската култура улогата на мајката кај синовите е драматично значајна. Почнува од мал кога ја викаш да ти го избрише газето. Продолжува кога ќе ти даде дозвола за невестата. А завршува така што дури е жива не ги припишува становите на синовите затоа што не им верува на снаите.
Сигурно било така и во времето на Александар Велики. Како што, впрочем, видовме во филмот на Оливер Стоун каде што Олимпија ја играше Анџелина Џоли. Тоа е оној филм кој Грците сакаа да го забранат оти Александар бил претставен како хомосексуалец. Така што оваа конзервативна влада, која така жестоко е против хомосексуални бракови, го направи најлибералниот потег во светот. Влатко Ѓорчев сигурно не е многу среќен.
3 Сакала или не, министерката Гордана Јанкулоска го погоди терминот “индивидуална одговорност” за полициското убиство на момчето ноќта по изборите. Демек, убиецот е фатен и завршивме работа.
Има тука цела низа индивидуални одговорности. Покрај специјалецот што убил, имало и неколку полицајци кои го пренеле телото на настраданото момче од Плоштадот во тревникот. Индивидуална одговорност има и кај лекарката и екипата на Брзата помош. Индивидуална одговорност има и кај истражниот судија што не излегол на местото на настанот. Индивидуална одговорност има и кај портпаролот на МВР Иво Котески кој не знаеше за таков настан и им велеше на новинарите да пријават во полиција ако знаат нешто.
Никој не ни побара колективна одговорност. Таа, како што рече министерката, е индивидуална. Ама оди по хиерархија. И ги засега сите што по функција се во хиерархиската пирамида.
4 Како што продолжуваат протестите, зачудува упорноста на Владата и нив да ги претстави како партиски организирани. Дури се обидоа да организираат и контрапротест, како што правеа со тутунарите, лекарите, со стечајците…
Толку се заробени во својот свет на “наши” и “ваши”, што мислат дека во Македонија може да се убие и дете, а никој да не смее да се побуни, освен ако не е организиран од партија.