1. ММФ предложил, а ние, нормално, ќе прифатиме, зашто, нели, нема нешто ММФ да предложил, а ние да сме одбиле За да се стави брана на неконтролираните поскапувања по воведувањето на данокот на додадена вредност, требало шпекулантите кои неоправдано ќе ги дигнат цените да се ставаат на листи на срамот.
Со идејата е запознат и министерот Никола Груевски и сега тој размислува како да ги убеди тие од ММФ дека кај нас такво нешто не бидува. Прво, треба да се расчисти каде ќе се објавуваат листите на шпекулантите. Дали Министерството за финансии ќе објавува платени огласи по весниците или ќе ги закупи уличните билборди, па наместо реклами, ќе објавува таблоа со топ-листи на шпекулантите. Листите ќе се објавуваат еднаш неделно. “Шпекулант на неделата е…” Тие што по неколку недели нема да слегуваат од топ листите, ќе имаат привилегија да бидат закачени на столбот на срамот, на централното место на плоштадот Македонија во Скопје каде што се кити новогодишната елка.
Значи, главниот предуслов за стартување на ДДВ е да се обезбедат доволно рекламни табли. Втората работа е да се расчисти дилемата дали шпекулантите ќе ги избира некое владино тело или ќе им се даде право на граѓаните сами да ги избираат. Во случај да ги избира Владата, ништо чудно воведувањето на ДДВ да не даде резултати. Зашто, шпекуланти те што не се поврзани со Владата брзо ќе бидат фатени. А оние што се со власта нема да бидат објавувани, па таблоата ќе останат празни.
Башка што објавувањето на таблоата на срамот може да предизвика спротивен ефект. Тие од ММФ не го знаат нашиот менталитет, па уште не сфатиле дека кај нас токму шпекулантите се на цена. Толку време нè набљудуваат, а уште не научиле дека од нас, ни срам, ни перде не бидува.
2. Министерот Груевски наскоро ќе заземе став за таблоата, како што ќе му каже премиерот. На последната прес-конференција, Груевски на новинарите им објасни како го профилира личниот став, на случајот со овластувањето на Сашо Станинов да врши ревизија на приватизацијата во Македонија.
Едноставно. Станинов барал службите од Управата за јавни приходи да вршат ревизија на приватизацијата, бидејќи тие, според него, се најстручни и најподготвени за тоа. Тоа барање Груевски го разгледал заедно со Станинов и со премиерот. “Мојот став беше дека ќе се согласам на тоа, ако премиерот нема ништо против”, рече Груевски. Бидејќи Љубчо Георгиевски немал ништо против, Станинов го добил официјалното овластување.
Ставот на Груевски е – како што ќе рече премиерот. “Љубчовиот став е и мој став”. Бидејќи сега министерот застанува цврсто во одбрана на својот непоколеблив став, а на Станинов, според законот, не му е таму местото, тој најави и дека “најверојатно, ќе има некои измени во Законот за приватизација”.
Како што тргнал Станинов и како што власта му ги исполнува сите ќефови, па дури менува и закони, ништо чудно некој ден да му текне дека сака да стане и претседател. Лесна работа. Методот за профилирање на став е познат. Треба само пратениците да изгласаат нов закон за избор на претседател. Па нека му ја мисли Борис. Станинов и него ќе го среди. Само ако му се присака.
3. И така Борис си има проблеми со рекомпонирањето на кабинетот. Сите скокнаа дека ќе имал многу советници, а не гледаат дека пропушта настани. Ете, заборави да му испрати честитка на новоизбраниот претседател на Тајван. Тоа значи дека во кабинетот треба да има и еден советник за честитање кога некаде ќе се избере нов претседател.
И додека претседателот Трајковски бара советници, претседателот на Собранието Саво Климовски изгледа уште не знае дека изборите за претседател во Македонија завршиле, па како в.д., на новиот претседател на Тајван му испрати честитка – тој.
4. На 21 март Демократската алтернатива славеше роденден. Времето на празникот беше погодено како за Циле. Тамам помисливме дека на првиот ден од пролетта ќе нè затопли, утрината заврна снег. Само што ги вративме капутите на себе, огреа сонце. И, тамам почна да затоплува, пак сврти на снег.
Исто како Циле. Тамам ќе си речеш овој излегува од коалиција, тој ќе почне да ја јакне. Само што ќе се потврди почетокот на преговорите со ЕУ, тие ќе се одложат. Тамам ќе се објави почетокот на градбата на Бунарџик, ќе излезе дека фали некоја дозвола.
Така беше и со времето на роденденот на ДА. Исто како Циле. Не е да му веруваш.
5. Лидерот на ДПА Арбен Џафери, како што објавија некои медиуми, добил писмо од Георги Младенов од МПО од Канада, во кое “Канаѓаните од бугарско национално потекло, дојдени од географската област Македонија”, му предлагаат да ја задржи БЈРМ независна додека не се разберат за нејзината поделба. Според писмото, формулата е “оној дел населен со Албанци да отиде кон Албанија, а другиот дел населен со Бугари кон Бугарија”.
Џафери не знае зошто нему му се обраќаат. Вели дека “веројатно причината е што јас сум лидер на политичка партија која сака да ги стабилизира состојбите во Македонија”.
Џафери се чуди зошто нему му пишуваат писма за поделба на Македонија. И за чудење е.
6. Владата во центарот на Скопје има една недоизградена зграда. Во зградата има дупка. Во дупката паѓаат луѓе и умираат. Владата нема пари да ја затне дупката. Има дупка во Буџетот.