АПСОЛУТНО РОМАНТИЧНО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:58:""С'нцедазајдвит,јадаумирам..."

    1. Останавме живи ненаспани по враќањето на претседателот Глигоров од Женева. Се изнасекиравме. Бутрос Гали и Сајрус Венс биле многу разочарани. Туф, туф, туф… Срце да ти се кине кога ги гледаш на телевизија колку изгледаат разочарано зашто не бил постигнат никаков напредок. Кога толку се истраумираа затоа што по шест часа не го натерале Глигоров да прифати некое ново име за државата, за тие да вкнижат некаков напредок во преговарачкиот процес, може само да се замисли колку ли страдаат сиромашките што, еве веќе десетти месец, нé гледаат како се мачиме со грчкото ембарго. Затоа немаат дури ни сила да се појават пред новинарите да дадат изјава. Ќе се расплачат.
    Остави тоа, ама и претседателот ни го изнасекираа. Секогаш од пат доаѓа насмеан, а сега беше намуртен. Не го оставија човекот да ги дочита сите теле­грами со честитки. Ама не беше и само намуртениот израз нешто ново. За прв пат, така апла и пред медиуми, изрази цврст став околу името. А тој е “да се почитува правото на нашиот народ да го промовира во меѓународната заедница своето уставно име”. Значи, поставен е услов и преговорите доаѓаат предвид и тоа за други прашања, кога ќе се исполни тој услов.

    2. Е па зошто сега Гали и Венс се разочарани? Гледано од тука, далеку од Женевското Езеро и уште подалеку од Ист Ривер, можни се две објаснувања. Или нашиве досега нешто ги мателе, или овие си помислиле, сега му е мајката, дај да го грабнеме Глигоров додека е уште во победничка еуфорија. И онака сите му испратија телеграми со поддршка.
    Уште Грците не успеаја да откријат што е работава, па не стигнаа ни да се прашаат дали Македонија има нова стратегија, кога во Скопје допатува Макс ван  дер Штул. Овој пат Глигоров не се појави со намуртено лице. Ама од неговиот кабинет излезе едно соопштение со нов, интересно цврст став. Тој потсетил на “уставната обврска за грижа на Република Македонија за Македонците надвор од земјата, како и за политичката определба дека нивниот статус, како и про­блемите со коишто се сретнуваат, треба да се разрешуваат во согласност со меѓународните норми”. А тие од нас бараат да го менуваме токму тој член од Уставот! Па уште и му рекол “во таа насока” дека од него очекува “понепосредно ангажирање”.
    Со други зборови, бидејќи Макс ван дер Штул веќе ни изброи и ни кажа кол­ку Албанци да ставиме во новата влада, нека оди малку нека ги брои Македонците во Грција, Бугарија и Албанија. Башка, тие се членки на КЕБС. Ние не сме.

    3. Има шанси да станеме членка на Советот на Европа. Така ни рекоа набљу­ду­вачи­те што ги следеа изборите. И тоа како една многу фина држава. Чијашто иднина поетски вдахновено ни ја претскажа нивниот шеф Ламберт Келштермантс. Тој ја гледа Македонија со романтична иднина, “како излезот на сонцето во Колорадо и залезот на сонцето на вашето езеро”. Излез, залез… Црвено. Крваво црвено. Или, како што би рекол еден друг поет: “Сонце да зајдвит, ја да умирам…” Апсолутно романтично! Не дај боже.
    Уште само да си го смениме Законот за државјанство. Бидејќи ни бил многу рестриктивен. Господинот Келштермантс веќе се чувствувал како граѓанин на Македонија. Ама за да добие државјанство му требаат 15 години. Поради тоа тој ги жали Албанците што цело време се селеле, ту во Франција, ту во Швајцарија, ту во Германија, ту во Белгија… И никако да направат 15 години во Македонија. Штом нашиот закон е толку рестриктивен, што не им дадат државјанство таму? Нивните закони се помалку рестриктивни. Само да не ти текне да отпатуваш кај нив, па макар и на службен пат. Ќе видиш, додека да добиеш виза, што значи да се соочиш со помалку рестриктивни закони.

    4. Кај нас треба да биде порестриктивен Законот за безбедност во сообра­ќајот. Покрај триаголник, брза помош, дигалка, сајла за влечење, резервна гума и синџири за снег, секое возило мора да биде опремено со панцирни елеци. Може и со кациги; и главата е опасна зона. За случај ако направиш сообраќаен прекр­шок, па на самото место да те казнат полицајци во цивил.
    Дека тројцата мангупи од една скопска населба што возеле низ пешачка зона направиле прекршок, а веројатно и кривично дело, кога сакале да го прегазат полицаецот во два часот по полноќ заслужиле казна – заслужиле. Ама никако не ми е јасно како истиот полицаец, зајакнат со уште двајца колеги во цивил можеле во центарот на градот да испукаат 13 куршуми. Потоа имаше една прес-конферен­ци­ја во МВР на која униформирано лице на чист полициски јазик ни објасни дека тие сакале “технички да го оштетат возилото”. И така едно тринаесет пати. Кој им е виновен на момчињата што автомобилот им бил со спуштени бандажи. Наместо да возат “лада нива”, или некој друг џип, за да може полицијата ефикасно технички да ги онеспособува гумите. Вака им ги онеспособиле нозете. А на еден богами и црнит дроб.
    Пред пет шест месеци еден друг полицаец, бркајќи шеснаесетгодишно девојче што крадело од детска градинка, го казнил со истрел во рамото. На чист полицис­ки јазик ни беше соопштено дека тој пукал во воздух, ама баш во момен­тот кога го стиснал чкрапалото се спрепнал!
    Мислам дека Фрчковски ќе мора да има увид во програмата на сите телевизис­ки куќи. И да ги елиминира сите акциони филмови.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира