АВТОНОМНИ ДРЖАВИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:95:"ЗамислетесиРЕК"Битола"дабешенуклеарнацентрала

    1. Кој вели дека Македонија не е федерална држава? Ја сочинуват најмалку две А.Д. Тоа се Автономната држава “Макпетрол” и Автономната држава “Ра­фи­нери­ја”. На чело на федералната држава стои Влада, која, како што може да се види, нема баш некоја ефективна власт на териториите на двете А.Д.
    Затоа пак има ефективна власт над граѓаните, бидејќи, еве, веќе втора година со успех им ја планира активноста за време на годишните одмори. А тие своите искрени чувства кон моќната влада ги изразуваат во редиците пред бензинските станици. Што сакаш повеќе – и онака на 15 јули никој не заминува на одмор, а богами и времето се погоди (немаше 30 степени) – комплетно доживување! Плус, како додаток – игра на погодување: “Каде се изгуби нафатта?” Дали тоа Грците пак нé блокирале, дали “галаксиите” на Американците ни потрошија многу керозин, дали Рафинеријата не го завршила ремонтот, дали нешто попуштила блокадата кон Србија, дали се налутиле приватниците, зашто ги фатиле дека не плаќаат царина и данок, дали ја потрошивме хуманитарната помош…
    Сепак, гревота е да се каже дека сé е исто како лани. Веднаш ќе ве демантира некој од Владата. Лани беше Лисабонската декларација, а годинава сме членка на ООН. Лани потпретседателот Јован Андонов не го имаше откриено источниот коридор, а оваа година го доживеавме тоа чудо Бугарите да ни даваат стоков кредит. Оваа година ќе знаеме како да живееме во смогот од неквалитетните источни горива. Кој си бил паметен па не ги исфрлил пластичните канти и кој уште лани си купил метални канистри за бензин, оваа година е во предност. И уште нешто. Оваа година некои од нас ќе ги туркаат своите возила во редот, со нови, македонски регистарски таблички. Така треба!

    2. Во федерална Македонија ќе може да се отстапи малку простор и за автономната држава РЕК. Додуша, ќе биде тоа една од ретките социјалистички, а можеби и единствената самоуправна држава во светот, ама – држава си е држава. Мора да се почитува. Особено ако Живко Толевски со своите 150 илјади потписи конечно успее да стане претседател. Со своето мото “Фабриките на работниците” и РЕК ќе го направи А.Д. И како секое А.Д. во социјалистички систем, работни­ците ќе можат да си ја зголемуваат платата, без разлика на постигнатите резултати. Опасно е само ако и работниците од прилепската печатница за пари тргнат по примерот на битолчани, па одлучат да не им испраќаат свежи денари за зго­лемување на платите. “РЕК е ваш, ама печатницата е наша!”
    Она “РЕК е наш!” ми изгледа како детски, илеџиски одговор на уште поблеса­ви­­те слогани на скопските комити од типот “Скопје има аеродром!” Само што милионската штета од запалувањето на транспортната лента воопшто не е детска играчка. Сега во санацијата ќе учествуваат ЕМО од Охрид, Факом од Скопје, “Искра” од Куманово, “Металец” од Прилеп… Па, нели РЕК беше само на битолчани?

    3. Сме имале голема среќа што Македонија нема нуклеарна централа. Немаше да бидат потребни две хаварии. Првата ќе свршеше работа.

    4. Американците пристигнаа во Македонија спектакуларно. Прво цела недела приредуваа мини “галаксија-претстави” на скопскиот аеродром, а потоа во понеделникот настапија – американски. Со супер-шоу од типот на амери­канските воени филмови на пистата во Петровец.
    Она што беше особено интересно е речиси незабележливото присуство на официјални личности на Македонија на пречекот. Американците се истоварија од авионите, подготовките за пречекот им ги направија Нордијците, американ­скиот офицер му ја стави на располагање својата единица на данскиот офицер, потоа малку се сликаа, па држеа говори, па одговараа на прашања на новинарите, телевизиските екипи што се истоварија од американските транспортери никој не ги запре ни на царина ни на пасошка контрола… А сето тоа се случуваше на аеродромот на главниот град на самостојната држава Република Македонија. Како не се најде некој што куртоазно ќе ги потсетеше дека барем во тој момент НИЕ им отстапуваме дел од СВОЈАТА територија, дел од СВОЈАТА аеродромска писта, дел од СВОИТЕ воени објекти…
    Многу брзо ги учиме лекциите за однесување со Американците. Дури ни Друштвото за заштита на шумите, а камоли зелените, не се јавија да протестираат затоа што американските војници ги исекоа багремите околу “својата” база во Петровец. Кога се Американци во прашање, можат да си прават што сакаат.

    5. Искрено, не ме интересираат којзнае колку работите во областа на култу­рата, и не сум баш упатен во проблемите на културњаците, ама како човек што одвреме-навреме, чисто информативно, посетува понекој културен настан, можам да си дозволам едно размислување за односот на министерот Ѓунер Исмаил.
    Што ќе се случи, ако по примерот на министерот Исмаил, кој прво се скара со директорите на најголемите издавачки фирми, а сега се кара и со директорите на театрите и со режисери од калибарот на Слободан Унковски, тргнат и другите министри? На пример, што ако министерот за одбрана биде прогласен за непожелен во некоја касарна на АРМ од страна на генералите? Или, што ако министерот за стопанство се испокара со директорите на најсилните фабрики во Македонија? Што ако министерот за земјоделие не сака да се види со директорите на големите ЗИК, а министерот за образование со директорите на училиштата…

    6. Откажаната претстава на Слободан Унковски, чијашто премиера требаше да ја видиме идната среда на Охридското лето, носи наслов: “Животот е сон”. Кај нас нема бензин, може да нема и струја, поради сушата нема и вода. Барем на сцена животот можеше да ни биде сон, кога веќе на јаве не сме далеку од ноќен кошмар.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира