1. Децата веќе не ги плашат со приказни за Баба Рога. Кога не сакаат да слушаат, родителите сега им кажуваат приказни за Љубчо. Така што, веќе не пали заканата дека ако не се умни ќе дојде Баба Рога и ќе ги украде, туку веднаш им пуштаат вести на телевизија и им викаат: “Сега ќе се појави Љубчо и ќе ви каже дека следните десет години ќе живеете во војна”.
Што мерак ќе имаше премиерот да не обединува, оти сме биле исплашени. Дури и собирот за Илинден на Мечкин камен го виде како собир на луѓе во голем број, оти сме живееле во страв. Што убаво ни дојде на душата кога уште еднаш ни порача дека никој не не сака, дека да не ни се Украинците што ни дадоа сухои и хеликоптери, ќе останеме осамени во суровиот свет што нема разбирање и дека кога-тогаш пак ќе имаме војна.
Мислам дека е крајно несериозно да не му се верува на предизборните ветувања. Не е фер. Затоа што Љубчо се што ветува, сигурно исполнува. А, за војна пак, ич да не правиме муабет. Ако можеше да ја направи минатата година, зарем се сомневате дека нема да може да ја направи и в година.
Минатите четири години успешно не одбрани, па сега одважно ни порачува: “Гласајте за мене, јас ќе ве бранам!” Таа тактика се вика “Љубчо во самоодбрана”. Зашто ќе ја брани Македонија од самиот себе.
2. Покрај НАТО, ЕУ, СДСМ, и сите светски лидери што учествуваат во планетарниот заговор против Македонија, сега се вклучува и некаква си армија на Илирида сосе некојси крал Лека од Албанија. Во Македонија која Љубчо ќе ја брани следните десет години функционираат државни служби што сето тоа педантно го бележат.
Проблемот е што тие државни институции се помалку се сфаќаат сериозно. Оти, како да им верувам на МВР и на разузнавачките служби кои ми кажуваат приказни за Илирида, а ништо не преземаат? Не избомбардираа со десетина имиња и презимиња на терористи и никому ништо. Мислат ли дека и ние ќе го преземеме методот на самоодбрана и ќе појдеме по планините сами да ги апсиме!?
Искрено кажано, се одушевувам на ефикасноста на полицијата, кога е во прашање војната на Георгиевски. И воопшто не се чудам што дури месец и половина некој фантом на велосипед им ги краде златните ланчиња на скопјанки во центарот на градот, а тие уште не го откриле. Си имаат луѓето работа. Тие не бркаат фантоми по улици. Тие го бркаат Лека. А тоа што им ги научиле имињата и презимињата на војниците за обединување на Албанија воопшто не е некој успех. Ги има во ДИК, на листите за пратеници на Џафери и Ахмети.
3. По повод штрајкот на рударите на Саса, министерот за економија Бесник Фетаи мртов ладен ни соопшти дека нему и Светската банка му кажала дека нешто не е во ред со трансакциите на фирмата МХК на Чедо Петров. И толку.
Исто како со Илирида и со изјавите од МВР. Фетаи си даде изјава и си заврши работа. А Чедо Петров си брка работа.
4. Конечно и на Бранко по четири години му текна нешто ново. На Конвенцијата на здружената опозиција го претстави Трифун Костовски како носител на листа. И тоа дојде како изненадување за сите.
За некои изненадување беше што носител на листа е и Тито Петковски. По системот: Од старото да создадеме ново, Бранко ги спои Трифун и Тито.
СДСМ оди со слоган: “Има надеж за Македонија!”. Здружената опозиција настапува под мотото: “Со разум и срце!”. А Бранко се смее: “Трифун ќе пее, Тито да живее!”
5. Сега, откако Тајван ни го реши проблемот со нецивилизираното однесување на службениците во грчкиот конзулат при издавањето визи, за очекување е во акцијата да се вклучи и НР Кина.
Кога Тајванците, така мали успеаја да се справат со грчката бирократија, најверојатно Кинезите, како што се толку многу и толку големи, ќе ни помогнат за Шенген визите во ЕУ.
6. Просто сум изненаден од успехот на Чашуле. Како што ги менува партиите, така станува се успешен.
Ама, изненаден сум и од Љубчо. Зарем толку е очаен, што мораше баш Чашуле да го стави да биде втор на неговата листа.
И му се чудам на Чашуле. Зарем тој како син на дипломат, новинар со долгогодишен стаж, дописник од странство, бивш директор на допсиништво на државна агенција, радио и печатен медиум, можеше да поверува дека ние ќе му поверуваме на веста за грчкиот конузлат во Битоа и нема да се јавиме и кај Грците.
Белким не дојдовме до дереџето на Љубчо, па да мораме да се потпираме само на него.