1. Циле повторно ни приредува изненадувања. Сега ќе гради рафинерија. Разочараноста меѓу граѓанките и граѓаните е голема. Сите очекуваа македонски пилиња, а сега ќе добијат нафта. Наместо да јадеме копани, ќе пиеме нафта.
За време на предизборната кампања се отвори дебата на тема: “Милијардата на Циле”. Сега ќе се отвори расправа на тема: “Нафтата на Циле”. Што ќе ни е уште една рафинерија, зошто оваа што ја имаме не е рентабилна, колку ќе чини, каде ќе се продава нафтата, на која локација ќе се гради, колкумина ќе се вработат, дали во старата рафинерија ќе се отворат кокошарници…
Со толку рафинерии и толку нафта, Македонија ќе биде Кувајт на Балканот. Бидејќи Слободан Милошевиќ сака да го имитира Садам, да не ни се случи Србија како Ирак.
Нема потреба од водење исцрпувачки дискусии. И не вреди да се лови Циле по аеродроми за да дава изјави. Зошто премиерот Георгиевски, специјално за оваа пригода не ѝ ја најми на народот својата советничка Мина? Што ќе ни се економисти, планери и разни експерти кога само гледачката Мина може да ни каже дали рафинеријата на Циле може да биде рентабилна.
2. Кога сме веќе кај Мина, сосема без потреба се дигна толкава врева околу нејзиното поставување за советник на премиерот. Љубчо би требало да повлече уште подраматичен потег. Мина не заслужила да биде советничка. Мина треба да биде портпарол на Владата. Така ќе бидеме единствени во светот. Обично портпаролите го кажуваат тоа што се случило. А Мина наместо тоа што било, ќе ни кажува што ќе се случи во иднина.
3. Ако Љубчо има широко срце, сигурно нема да има ништо против да му ја позајми советничката на претседателот на Собранието Саво Климовски. Не да го посоветува околу двојазичноста, оти и без Мина се знае дека тоа ни е иднината. Можеби му треба советничка да му кажува кога е претседател во Собрание, а кога е професор на Правниот факултет. Многу сака да држи предавања. Затоа и кога прима разни делегации, или кога дава изјави за јавноста се однесува како професор. Советничката му треба да го насочи. Да не му се случи кога ќе отиде на факултет, пред да му почна часот, да утврдува дневен ред и да ги брои студентите да види дали има кворум.
Мина би можела да ни каже и дали ќе се оствари идејата на Климовски, претседателот на државата да се пресели на скопското Кале. Ако Саво успее да го исели претседателот што подалеку од него, тогаш нема да се чудиме зошто комуницираат со писма, кога вратите им се една до друга. Советничката Мина би можела да му ја открие и локацијата на идната претседателска резиденција. Климовски има идеја резиденцијата на претседателот да биде во Музејот на современа уметност. Наумил претседателите да ги сели во музеј. Белки не мисли сите претседатели да ни бидат музејски експонати.
4. Идејата за Музејот како резиденција е одлична. Зградата е голема, па може да прими поголем број вработени во кабинетот. Како што наумил министерот за правда Камбовски да носи закони со кои ќе го нервира претседателот, околу него ќе треба да има многу експерти. Освен тоа, убаво е што Музејот се наоѓа над градот. Така, претседателот нема да мора да собира податоци од разни страни. Сé самиот ќе си гледа.
Лошо е што ќе се укине дописната школа меѓу претседателот и Владата. Народот ќе остане без една разонода. А ќе се укине и една убава традиција уште од времето на Тито. Од писмото на Тито, досега ни едно друго писмо не било толку цитирано во медиумите како писмата на Киро.
5. Не е лошо, сега кога повеќе држави сакаат да ни градат станови, да им подметнеме да ни изградат и една претседателска резиденција.
Многу е интересно тоа што становите сакаат да ни ги градат Австралија и Канада. Таму имаме многубројно иселеништво. Да не се исплашиле случајно дека и натаму ќе се иселуваме кај нив, па затоа ни градат станови за да останеме тука. Бадијала Циле се мачи да донесе странски инвестиции. Само нека се закани дека сите ќе им одиме таму, не станови, не рафинерија, којзнае уште што ќе ни изградат.
Проблемот е во тоа што тогаш и Министерството за иселеништво ќе престане да постои. Мартин Треневски ќе замине во историјата. Или ќе биде редефиниран. Зашто, кај нас и историјата не е сигурна работа. По четири години, којзнае што ќе биде историски факт. Секоја власт си носи своја историја.
6. Во Куманово увезувале Романки за потребите на НАТО. Тука коалицијата функционира беспрекорно. Макроите биле Албанци, па за да не се искористуваат Македонките, набавиле Романки.
Кумановките нека не се фрустрираат. Не се работи за квалитет на услугите, туку за политички договор.