БАЛКАНСКИ ПОЛИГЛОТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:138:"КаколиќеизгледашеСкопјеаконисеслучешеонаштомусеслучинаСараево?

    1. Ништо толку не можело да ја погоди националната гордост на македон­скиот министер за урбанизам д-р Александар Лепавцов, колку незгод­ната ситу­ација во која бил ставен при неодамнешната прес-конференција, орга­низирана заедно со неговиот гостин од Бугарија, која го засрамила пред созна­нието дека новинарите од македонските гласила не само што не го зборуваат, туку не го ни разбираат бугарскиот јазик. И тоа му се случува среде Скопје.
    Длабоко потресен од овој културен шок што му го приредува граѓанството, за кое тој така амбициозно прави планови каде да му изгради луксузни хотели и дава дозволи за локации за киосци каде што ќе се продава владиниот весник, тој изгуби секаква волја да предложи откупот на државните станови да се врши исклучиво со левови, а средствата собрани на тој начин да се насочат во развој на новокомпонираната бугарска песна, како благодарност кон Бугарија затоа што е првата земја што ја призна Македонија. Толкувајќи ја вревата што се дигна околу неговата прес-конференција, а како што тој милува да се изрази –  “визави” богатиот асортиман на јазици со кои се служи, и во исто време, како што научно би рекол – “аплицирајќи” ја инерцијата на болшевичкиот дух што го препознава во хајката против него, грчевито се бори за “принципот на еквидистанца” како официјална политика на македонската држава.
    Веројатно правдајќи се, Лепавцов ќе се држи до неговиот шеф Кљусев, кој на прес-конференцијата во Белград се трудеше да покаже дека знае српски. Па сега се во дилема, дали за Македонецот е нормално да зборува српски, а не е нормално – бугарски. Следејќи го начинот на изразување и јазикот што го употребуваат барем половина од македонските министри, изгледа дека сите се полиглоти. Само што најмалку го знаат македонскиот.

    2. За разлика од полиглотот Лепавцов, кој среде Скопје зборуваше бугарски, како што се чудат и се лутат грчките весници, “скопјанецот” Дарко Панчев, среде Атина, по мечот “ги навредувал навивачите употребувајќи го својот мајчин јазик”. По инцидентот што им го направи на аеродромот, запишувајќи се во картончето како Македонец, Грците толку се налутија на него, така што по националната трагедија што ја доживеаја со двата гола на Панчев во мрежата на нивниот фудбалски шампион, сега новинарите го обвинуваат тренерот на Панатинаикос дека “извршил предавство”.
    Панчев веројатно не е ни свесен дека ќе предизвика заладување во традици­онално добрите грчко-српски односи. Грците навистина му ги простија сите гадости на нивниот пријател Милошевиќ, дури и по цена со таквиот однос да се избрукаат пред Европа и светот, ама тешко дека ќе можат да го “сварат” податокот дека најдобрата српска фудбалска екипа ги победила благодарејќи на головите на нивниот крвен непријател “од скопско потекло”.
    По сето ова не преостанува ништо друго, туку веднаш да се наименува Панчев како специјален пратеник во соседна Србија да посредува во решавањето на меѓуфудбалските проблеми кај балканските земји. За националниот херој од таков калибар, вакво високо место во македонската дипломатија е најмалку што може да му понуди македонската држава. Ако ништо друго, нема шанса да нé избрука. Покрај со нозете, човекот, како што признаваат дури и Грците, знае да се служи и со мајчиниот јазик.

    3. Од сите јазици најмногу го сакам јазикот на парите. Само што ги немам. Затоа сум бескрајно радосен што Владата се претворила во банка и како во старите времиња им дава пари на скапани фирми.
    Јас сé уште немам фирма, ама решив да се запишам на списокот на владината банка. Ми требаат едно три милиони динари. Ќе ги вратам кога ќе ги вратат и другите корисници на заемот. Како жиранти ќе ги повикам моите уредници. Тие ќе гарантираат дека во “Сакам да кажам” нема да се појави повеќе ниту еден ред против Владата. Ако ми го одложат враќањето на долгот дури и ќе ги фалиме. Чиста пазарна економија.
    Само и покрај тоа, сé некако ме потсеќа на старите времиња. Тогаш државата плаќаше пари за еден весник што никој не го читаше. Се викаше “Комунист”.

    4. Бидејќи парите уште не сум ги добил, ќе го искористам уште ова: Пред два дена, на дневникот на МТВ министерот за здравство д-р Перко Колевски, на прашањето на новинарот “Каква е состојбата со лекови”?, прво трепна, па одговори: “Релативно добра”!.
    Тоа “релативно” значи дека досега никој во републикава не умрел затоа што не можел да стигне до лекот што му бил потребен. Што не значи дека тоа не може да се случи. Особено сега, откако министерот даде оптимистички одговор. Ако го слушнале иселениците, ќе престанат да ни праќаат пакети со лекови.

    5. Босна ја оставив за крај од две причини. Првата е да не ми забележат дежурните национални контролори дека македонските национални прашања ги ставам под втора точка. Втората е, што босанскиот граѓански разум и силата на секоја личност посебно, како единка, манифестирани против безумието и наци­оналните страсти, не можам никако да ги замислам во нашава средина. Се плашам и да помислам како ќе изгледаше Скопје доколку ни се случеше она што се случи во Сараево.
    На прашањето на репортерот на “Јутел”: “Како се чувствуваше критичната ноќ”? еден млад сарајлија со насмевка одговара: “Било, се заборавило”!
    Сараево повеќе не е на Балканот. Колку и да се трудат да го балканизираат.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари