1. Вчера заврна снег. Значи Љубчо уште не го продал. Ќе има зима.
2. Продажбата на снегот ќе биде уште една можност пратениците во Собранието да се зафатат со сериозна работа. На Бранко, пак, ќе му биде криво што за осум години не успеал да го продаде снегот, а Љубчо за само две години, божем во рамките на реформскиот процес, ќе им го понуди на странци за провизија.
Исто како и со продажбата на Телеком. И на Бранко истата компанија му нудела исто толку пари за Телекомот, ама Љубчо го продаде. Кој не би се изел од мака да е на негово место. Да договориш зделка, а друг да ти ги лапне парите.
Ние, сиромашките, си седиме пред телевизор и ги гледаме како загрижено ни ги штитат националните интереси и расправаат за продажбата. Петар Гошев предупредува дека сега новиот сопственик ќе имал монопол. И дека ќе ги зголемувал цените. Дека до сега Телеком немаше монопол. И не ги зголемуваше цените.
За тоа дека корисниците на Телеком и досега уживаа во привилегиите на неограничените можности – ич муабет не правиме. На пример, како корисници најлесно од сè ни е да ја истераме правдата. Одиш на шалтер, чекаш во долга редица додека службеничката го дојаде бурекот и си плаќаш за да докажеш дека не си бил дома кога некој од твојот телефон вртел на жешка линија во холандски Антили. Молам. Плати, па докажи. Ама, и да платиш, пак не можеш да докажеш.
Ама, политичарите не седат пред шалтери да докажуваат дека не биле на жешка линија. Тие се постојано на линија. И ним не им е гајле дали и новиот сопственик ќе продолжи со истата политика. Важно им е кој ќе ја земе провизијата. Нив тоа ги боли. Зошто другите, а не ние?
А нас, не праша ли некој што добиваме?
3. Има надеж за македонското Собрание. Пратениците не се усогласија за продажбата на Телекомот, ама за законот за пратеници се усогласија. За друго не можат да соберат кворум, ама за нивниот закон се собраа. За ништо не ги бидува, ама за себеси се одлични.
Навистина пратениците заслужуваат да имаат бенефициран стаж. И да уживаат до крајот на животот. Затоа што живеат под стрес. Имаат по две мобилки. Знаете ли колку е стресно тоа? На едната ѕвони жената од дома да нарача што треба да се купи во Скопје, а на другата се јавува некој од базата. И пратениците, со двојниот контакт, си го трошат работниот век.
Или, замислете си колку им е тешко кога во исто време имаат закажано два состанока на управни одбори. Се наоѓаат пред тешка дилема, ако не знаат кој дава поголема дневница.
Уште ако им се погоди и некое патување до Стразбур или во Брисел, или не дај боже некоја билатерална посета, кој ќе им плати за стресот што го доживуваат по авионите и чекајќи по аеродроми. А да не зборуваме што дури и цените во собранискиот ресторан ги зголемија. За виски плаќаат дури 50 денари, а за големо пиво 40. Не можат ни да се напијат како луѓе, на маките да заборават.
Предлагачот на законот Слободан Даневски, отпосле се сети дека пратениците требало да извадат и лекарско уверение. Не им треба. Луд човек не може да смисли вакви погодности за себе. Пратениците се здрави. Нездрави сме ние што сме ги гласале.
4. Амди Бајрам реши да му се додворува и на Стојан Андов. По сè што правел со сите, време е да му се приближи и на новиот претседател на Собранието. Па од парламентарната говорница го предупреди: “Претседателе вие не сте свесен како ве работат!”
Андов треба да го слуша Бајрам. Штом тој го советува, треба да се сфати сериозно. Амди сите ги работи, па најдобро знае како тоа изгледа.
5. Пред некој ден американскиот амбасадор Мајк Ајник во својата резиденција на Водно приредуваше божиќен прием. И додека домаќините ги забавуваа гостите, опа – на вратата се истопорија и претседателот Борис Трајковски и премиерот Љубчо Георгиевски.
Не знам по кој државен протокол шеф на држава и премиер одат на прием кај некој странски амбасадор, па макар бил и американски, ама ова прашање важи за држави што имаат протокол и за државници што внимаваат на себе.
Според македонскиот протокол, Љубчо и Борис, седејќи си во соседството на американскиот амбасадор, си рекле: “Ај да тркнеме до комшијата” и се нацртаа на приемот. За да бидат важни, стотината метри од нивните резиденции до американската ги поминаа со автомобили и со полициска придружба. Да не беше ова сериозна држава, ќе претрчаа во влечки и во тренерки. Ама тие држат до себе и до достоинството на државата.
Среќа што претседателот на Собранието Стојан Андов живее во друга населба. Инаку, и тој ќе дојдеше за да не остане покусо.
Се чудам зошто другиот ден претседателот Трајковски му се обраќаше на Собранието. Можеше место него да зборува Ајник. Тој и онака за сè што ќе го прашаат има одговор, а нашиве сè му прифаќаат.
Него го прашуваат кому треба да му го продадеме Телекомот. Тој кажува кој треба да влезе во новата влада.
Сигурно и госпоѓите Вилма и Снежана не се грижат што треба да им зготват на Борис и на Љубчо. Пред да заминат на работа, домаќинките ги прашуваат што да прават денеска за ручек. А Борис и Љубчо им одговараат: “Не знам, претрчај до комшии и прашај го Ајник што да јадеме денеска. Тој знае што е најдобро за нас.”
6. Супер му е на Љубчо со Толевски како претседател на Синдикатот. Тоа му е гаранција дека сè додека е тој, ни еден генерален штрајк нема да му успее. Кој нему уште му верува.