1 Сакам да ја поздравам храбрата одлука на Уставниот суд да ги заштити новинарите и слободата на изразување. Судот го одби барањето за заштита на граѓанските права и слободи поднесено од Здружението на новинари на Македонија поради отстранувањето на новинарите од собраниската галерија во дебатата за Буџетот на 24 декември 2012 со образложение дека тоа било направено заради нивна заштита. А ЗНМ наместо да им се заблагодари на судиите, уште се заканува и дека ќе тужи во Стразбур.
Судот не кажа дали новинарите биле загрозени од пратениците на власта, или од пратениците на опозицијата. Тие ги следат седниците на безбедна одалеченост, одгоре, од балконот над собраниската сала. Најголема закана во Скопје е земјотрес затоа што градот лежи на сеизмички активно подрачје. При земјотрес прво се уриваат балконите. Никој не може да предвиди кога ќе удри земјотрес. Што ако баш тој 24 декември удреше земјотрес? И што ако паднеше балконот сосе новинарите? Не дај Боже, ама Македонија ќе останеше без слободно и независно новинарство. Уставниот суд го спаси.
2 Бидејќи Уставниот суд е многу загрижен за заштита на слобода на говорот, се плашам дека на ист начин како што ги заштити новинарите од собранискот балкон, ќе ги заштити и Фејсбук, Твитер и Јутјуб. Пример за таква заштита веќе даде турскиот премиер Ердоган.
3 Во земја во која што малкумина паметат што се случило пред три дена и малкумина гледаат подалеку од први идниот месец, сосема е нормално на кој начин Уставниот суд ја заштитил слободата на говорот. Батали слобода. Батали демократија. Сето тоа е убаво за слушање, ама денеска треба нешто да се јаде.
Е затоа Груевски и ВМРО-ДПМНЕ победуваат осум години. А во СДСМ и по осум години опозиција се уште се лути зошто не се на власт. И само тоа го прават. Се лутат.
Чиста математика. Прво, ајде да видиме колку имаме наши сигурни гласачи. Толку. По толку, рамно на толку. Добро, ај сега да видиме колку имаме администрација. Толку? Помножи по два-три. Рамно на толку. А колку пензионери имаме? Толку по толку, рамно на толку. А социјалци? А земјоделци? На едните покачување на платите, на другите покачување на пензиите, на третите субвенции, на четвртите бесплатен превоз, 8.000 денари плата во германска инвестиција, малку бања, малку ветување за отпишување на долговите… Собрано, помножено, поделено плус името не го даваме и дајте ми моќ за да не ме уценуваат Албанците се добива резултатот кој во СДСМ и по толку претрпени порази не можат да го сфатат. Груевски знае од кого да земе и кому да даде. Никој не прашува дали пензискиот фонд е во дупка и колку пари ние им даваме на странците за тие да инвестираат тука, но тоа не е важно. Важно е дека денеска ќе има ручек.
Сосема друго прашање е дека бесплатен ручек нема. И дека кога тогаш ќе мора да се плати. Тоа ниту еден политичар нема да ви го каже. Затоа и избориот ни е сведен помеѓу бесплатен ручек на наша сметка или гладување. И кога секој од нас оди да гласа, си заокружува првенствено правејќи го својот домашен есап. Ми се исплати или не да го заокружам ова бројче? И навистина можеби многу луѓе се гладни за слобода и демократија. Ама повеќето луѓе се едноставно гладни.
4 Имаме двајца претседателски кандидати кои формално не се членови на партиите што ги кандидираа, ама како што одминува кампањата се повеќе стануваат нивни најголеми адвокати. До минатата недела Стево Пендаровски барем сам си ја водеше кампањата. Ама гледам од пред некој ден и тој како и противкандидатот Ѓорѓе Иванов почна да повикува на двојна победа, да кажува кои бројки треба да се заокружат за да се гласа и за него и за пратеничките листи на СДСМ.
За разлика од Пендаровски, Иванов не се ни трудеше да избега од партијата што го кандидираше. Па кога во неделата освои 450.000 гласа уште повеќе почна да се фали со тимската работа што ја имал со Владата, со пратениците и со локалната власт. Па и тој повика на 62 пратеници во двојната победа. И на крај рече дека ќе биде претседател на сите граѓани. Е како?
Што има претседателот својата битка да ја меша со битката за пратеници? Професорот Иванов е правник. И многу добро знае дека во една демократска држава законодавната, извршната и судската власт се независни и одвоени. Во нормална демократска држава, дури и новинарите се третираат како четврта, независна власт. А тој се фали дека е во тим само со пратениците на владејачката партија и со владата. Како тогаш ќе биде претседател на сите граѓани? Па тој уште во кампањата ги брише оние што нема да гласаат за него и за партијата што него го кандидирала. Тие што не гласале за ВМРО-ДПМНЕ не заслужуваат да бидат во тимот на претседателот на државата? Или можеби не заслужуваат да бидат во државата?
Можеби ВМРО-ДПМНЕ и ќе успее да добие 62 пратеници за да формира стабилна Влада. Ама Македонија ќе изгуби претседател. Оти не било државата пред се. Партијата е пред се.
5 Како што поминува времето, онаа приказна на ДУИ за консензуален кандидат ми се чини се потешка за пародирање. Прво не можев да сфатам каков е тој консензуален кандидат ако консензусот се прави само меѓу две партии. И тоа една македонска и една албанска. Во унитарна Македонија. Е сега, откако не успеаја да го постигнат консензусот со македонската партија која им е коалиционен партнер во власта велат дека нема да го признаат претседателот што ќе биде избран.
Значи ќе влезат во Влада, ама нема да го признаат претседателот што ќе го даде мандатот за составување на Владата. Ќе имаат министри, ќе предлагаат закони, нивните пратеници ќе ги гласаат законите, ама нема да го признаат претседателот што тие закони треба да ги потпише со указ за да стапат на сила. Да не зборуваме за разни именувања во војската оти претседателот што нема да го признаваат е врховен командант. А најмногу од се ме интересира како ќе ги испраќаат амбасадорите од нивната партија кога истиот тој претседател што не го признаваат треба да ги именува.
Интересен модел на ДУИ за ефикасно водење на државата. Баш сум љубопитен како ќе функционира во пракса.