1 Многу ми беше жал за министерката за култура Бети Канческа кога ја гледав завчера на плоштадот Македонија во Скопје. На Бети и се случува светски настан. Најголем културен настан кој досега и се има случено на Македонија. Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот. Бетка светка. Убава, нашминкана, дотерана, насмеана, горда оти Македонија е домаќин на 700 уметници од над 40 земји.
Бетка зборува, камерите снимаат, а околу, онака убаво осветлена под рефлекторите, летаат муви, мушички и по некоја оса. Летаат ли летаат, а камерите не можат да ги скријат. И во еден момент Бетка сосема несвесно мавна со раката и ја ишна најдосадната мува.
Како може да нема муви кога министерката го отвораше Биеналето близу до Камениот мост во Скопје. Симболот на главниот град на Македонија. Сите знаеме дека во Скопје е пожелно да се избегнува мостот оти околу него смрди на мочки. Особено во мирна и топла ноќ каква што беше завчерашната.
Следниот пат можеби Бети ќе отвора голем светски настан пред Офицерскиот дом. Се збунив. Пред црквата “Свети Никола”. Или, да не е “Свети Константин и Елена”. Или под копитото на коњот на Даме Груев. Или под магарето. Или на влезот од Бурмали џамијата. Или ќе го јавне коњот заедно со Гоце Делчев…
Леле, многу се збунив… Една црква, па џамија, па втора црква, па коњ, па кобила, па Општина Центар, па Министерство за култура, па премиер, па градоначалник на Скопје, па плоштад Македонија, па “Плоштад Слобода”, па непознати уметници, па познати уметници, па анонимни, па не биле анонимни, па академици кажале, па не кажале, па “Деница”, па ноќница, па референдум, па нема референдум, па Фиренца, па Железара, па готови биле, па не биле…
Многу концентрација треба ако сакаш да сфатиш што се случува околу Плоштадот во Скопје.
2 Децата на плажа си прават замоци во песокот. Моите дома ми ги растураат книгите и си градат кули, па ги покриваат со перници, а внатре ставаат Барбики, колички, вештерки, авиони, тенџерчиња… И кога ќе им падне перницата хаварија, и бараат помош од поискусните (од мене) да им го поправам делото. И јас им го поправам. Ама тоа не чини 10 милиони евра.
Да се разбереме. Многу сакам уметност. И не велам дека во секој дом не треба да има слики и по некоја статуета. Исто како што многу сакам и низ градовите да имаме споменици.
Ама, кој од вас купува уметнички слики и статуети ако картичката му е во минус, ако му виси работното место и ако, евентуално, не е член на ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ, па се надева некој мрсулко ќе му потпише договор на одредено време за клатење врата во некое министерство или јавно претпријатие.
Плус, се става ли слика на неваросан ѕид?
3 Зошто сите се изненадија дека директорот на училиштето во Чегране го застрелал сопругот на избркана наставничка со пиштол?
Затоа што директорот на работа во училиште си доаѓа со пиштол? Или затоа што тоа му е нивото на општење. Лидерот интелектуалец во школата, кој треба да биде пример за другите наставници и за учениците што ги воспитува, едноставно така комуницира со луѓето. Не разговара, не преговара, не се обидува на мирен начин да се разбере. Пука и го решава проблемот.
Конечно, вакво нешто може и да се очекува. Со пукање дошол на власт. Со пукање и ќе си ја брани власта.
4 Некои луѓе на Претседателот ми пратија порака дека не било убаво што во минатиот број сум се зафркавал со неговата посета на Паљурци и преданието за свети Апостол. Тоа не било добро за државата. И кога сум пишувал за Ѓоле во Паљурци, не сум мислел на Македонија.
Да бе. А тие ептен мислат за државата. Од многу мислење, никој не отиде на одбележувањето на почетокот на Втората светска војна во Гдањск, во Полска. Да мислеа тие на Македонија, колку што мислам јас, ќе го испратеа Иванов во Полска да се види со сите лидери од Европа.
Ај што не мислеле луѓето од кабинетот, да не им се лутиме, и онака сите се собрано одбрано, па уште не можат да се координираат. Туку, има ли во оваа земја Министерство за надворешни работи? Постои ли тој Милошоски некаде? Какво им е тоа објаснување дека Македонија немала претставник во Полска оти во Варшава сме немале амбасадор, туку само заменик и немале кому да ја дадат поканата!?
Затоа Ѓоле, не туку гледај во бунарот на свети Апостол Павле. Прибери си ги тие околу тебе, божем загрижените и за тебе и за државата, и потсети ги дека и Македонија дала жртви во Втората светска војна. И дека била на антифашистичка страна. И дека од војната излегла како победник.
Во Полска му беше местото на Претседателот. Да ја претставува Македонија во странство. Иванов е професор и добро знае што му се уставни ингеренции. Настанот во Полска е еднаш, а Паљурци може да почека.
5 Чита ли министерот за правда Маневски весници? Гледа ли телевизија? Слуша ли што се се пишува за него, и за судството, и за законите? Зар не му е жал и за Груевски што го става во незгодна позиција за да не може да се ослободи од него?
Зошто, едноставно, не си поднесе оставка? Ете, да речеме и да не е виновен за неостварување на некој ЕУ бенчмарк, да речеме и дека го мразат медиумите и оти во опозицијата му смислуваат афери. Да поверуваме и дека и со сила пари му префрлаат на сметката. Зошто се мачат и тој и Груевски?
Едноставно е. Само нека напише:”Ако ете јас сум пречката за ЕУ, еве си одам. Сметам дека со своите седумдесет и кусур години придонесов за развојот на Македонија како правна држава, и во комунизмот и во капитализмот…”. И сите ќе му ракоплескаме!
Зар не ви е чудно зошто Груевски, толку загрижен за процентите на својот рејтинг, с уште бара убав начин како да се ослободи од Маневски? Колку проценти рејтинг на Груевски вреди суетата на Маневски?
Навистина колку?
На 4 април 2006 година, тогашната Антикорупциска комисија се прогласи ненадлежна да утврдува со чии пари мајка му на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски купила три стана.
Антикорупционерите соопштија дека тогаш пратеникот Груевски немал законска обврска во својот анкетен лист за имотната состојба да ги пријави становите на неговата мајка оти од добиените полициски податоци било утврдено дека не живеел со неа на денот кога го поднел анкетниот лист.
Михајло Маневски тогаш беше претседател на Антикорупциската комисија. По изборите на кои победи Груевски, стана министер.
Навистина, колку проценти рејтинг на Груевски вреди суетата на Маневски?