1 Ние Македонците сме многу напатен народ. Еве, сите сме на пат за Грција. Ниедна грчка пакост не може да се мери со нашата упорност да стигнеме до плажите на Халкидики и под Олимп. Грците не може толку да не понижат колку што можеме ние да издржиме. Во целата криза, тие не не заборавиле. Ете, наоѓаат време да мислат на нас. Врз новите регистарски таблички со МК, лепат лепенки со ПГДМ/ФИРОМ.
Море ако треба лепенки и на чело нека ни ставаат, ние упорно ќе им одиме. Не дека не сме патриоти. Не дека дека ги сакаме, ич не ги сакаме. Ама мали ни се децата и имаат синуси. Блиску е и можеш да однесеш домати од дома, без да ти се расипат. А и Грците разбираат српски.
Германцитемасовно ги откажуваат аранжманите за Грција. И Холанѓаните ги откажуваат аранжманите за Грција. Оти Грците ги навредуваат. Лесно им е ним да се откажуваат. Тие си завршиле работа. Нивните евра веќе се во Грција. Им платиле однапред и сега многу години нема да мора да одат таму на одмор. Ама ние мораме. Уште сме им должни. И треба да им помогнеме. Особено сега кога се во криза. И глупаво е при толку штедење, тие уште да трошат пари за да печатат лепенки за да не понижат. Треба ние сами да си ги купуваме на граница. Море не на граница. Уште од дома да си ги залепиме. По 12 евра лепенка. А тие што имаат стара регистрација, од солидарност нека си купат лепенки со попуст.
2 Министерот за здравство Никола Тодоров најави дека од 1 јули лекарите во јавното здравство ќе ги плаќа по учинок. Основата на концептот му е дека на почеток на месецот лекарите имаат загарантирана плата од 100 проценти, а на крајот на месецот оние кои најмногу се залагале, ќе бидат наградени со 20 проценти над платата. Докторите кои со помал обем ги извршувале работните задачи ќе бидат казнети со 20 проценти од платата. Претходно, директоротна болницата има обврска до 15ти во месецот да ги опомене тие што не сработиле доволно пациенти, за да им овозможи да го надоместат тоа што го пропуштиле.
Дај да протераме одмор во Грција, па после да им помогнеме и на лекарите да си фатат норма. Подобро ние доброволно да се разболуваме отколку тие да се сетат како да си ја заработат платата. Во какво време живееме, психијатрите, веројатно, секој месец ќе ја надминуваат нормата. Ама како ли ќе си остварат норма лекарите од Судска медицина? А патолозите? Уште отсега се плашам онколозите да не направат јавно приватно партнерство со сервисерите на коли. Па пред технички преглед, ќе ни ставаат радиокативни шрафови. Ортопедите ќе не газат по улици. За да ни ги кршат нозете, па да ни ги оправаат. Ама колкови не смеат да кршат. Оти имаат ограничен број. Внимавајте после 15ти во месецот да не ви дојде на гости инфектолог. Ќе ви кива и ќе ви кашла за да ви ги зарази децата. Статистиката вели дека наталитетот се намалува, па затоа гинеколозите, ако сакаат да поодуваат, ќе мора пред тоа сами да си ги направат децата. Ако не дома, тогаш по комшии и пријатели. А за нивните колешки немам решение. Ама сигурен сум дека министерот Тодоров го има.
Само не ми е јасно дали на крај на месецот во салдото на докторите ќе ги бројат само живите или и мртвите пациенти. Може дури да направат и партнерство со погребални претпријатија. Пред крај на месецот, ако видат дека не можат да ја остварат нормата, од Бутел ќе им стигнува доплата.
3 Во Охрид локалната самоуправа ставила некакви бетонски топки на кејот, за да го одвои делот за возење од делот за пешачење. Таму градоначалникот е од СДСМ. Доволен повод локалната подружница на ВМРО-ДПМНЕ да организира протест против топките. Се сликаа на кејот и го обвинија градоначалникот дека троши пари за глупости. Иако, верувам дека да беа тие на власт и да поставеа тие топки, и претседателот Ѓорге Иванов ќе ги посетеше и архиепископот Стефан ќе ги осветеше. А богами и минстерката Бети ќе не убедуваше дека се уметничко дело.
Значи, тоа било најголем проблем во Охрид. Таму две години нема болница, Охриѓани по казна се раѓаат во Струга, а тие за топките се фатиле.
Е па од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ толку можеме да очекуваме. Топки ќе добиеме.
4 Пред две години, на див шанк на струшка плажа загинаа тројца стружани поради неисправна електрична инсталација. Ги фати струја кога влегле да се капат во езерото.
На почетокот на оваа сезона, во Струга настрада уште еден стружанец. Ја полевал тревата на Женска плажа и го фатило струја.
На граничните премини на влез во Македонија на туристите им делат флаери каде да наполнат бензин, како да се искапат во Дојран, каде да се одморат. Еве уште една идеја од милион евра за кампања за поттикнување на туризмот. На влез во Струга, наместо флаери, нека делат фазомери. За да може ендемскиот вид струшки турист, пред да влезеда се капе, наместо да провери дали му е ладна водата, да види дали ќе ја издржи струјата.
5 Советот за радиодифузија, кој одлучува “според општопознати критериуми”, испрати опомени до 55 радиодифузни фирми дека должат пари на државата за концесија. А на А2 ја зедоа фреквенцијата оти немала доволно детска програма.
Истиот тој Совет за радиодифузија со години го толкува законот, според кој политичар не може да биде сопственик на радио или на телевизија. Откако го истолкуваа дека треба да се почитува, цела година дискутираа и толкуваа дали син и татко се семејство. Откако открија дека се семејство, сега уште една година ќе прават регистар на функционери. Па после од списокот на функционери ќе испитуваат кој има акции во радиодифузна фирма. Кога ќе ги прочешлаат матичните броеви на едно 30.000 луѓе, ќе толкуваат дали и Канал 5 и Сител работат согласно законот.
На членовите на Советот за радиодифузија не им е срам кога се претставуваатдека се независно регулаторно тело.
6 Според новиот закон за лустрација, Комисијата за верификување на фактите треба за еден ден во пресрет на локалните избори да провери над 10.000 луѓе, кандидати за советници. Како ќе го направат тоа? Нека се јават кај Силвана Бонева и кај Илија Димовски. Тие ќе им кажат кој треба да биде лустриран.