1 Се чувствував многу депресивно кога го видов претседателот Ѓорге Иванов на телевизија како два дена пред почетокот го откажува претседателскиот самит во Охрид, кој требаше да се одржи викендов. А уште подепресивно беше оправдувањето дека сите други се виновни оти нам како домаќини не ни успеало да ги собереме гостите. Ќе нe злоупотребеле да се караат во наша куќа.
Ако не ја сметаме посетата на Претседателот на неговото родно Валандово и патувањето до Канада, кое таму никој не го забележал, не можам да се сетам дали во изминатава година имало некој поважен настан за организирање од самитот на шефови на држави и влади од Југоисточна Европа. Над 40 вработени во Кабинетот и над 500 вработени во МНР успеаја да резервираат хотелски соби и да изберат што ќе јадат гостите во Охрид и во Струга. Џабе настрадаа пастрмките и јагулите.
Ова ти е како да правиш журка, ја спремаш со месеци, им се фалиш на сите колку ќе биде забавно, и на крај – никој не ти доаѓа. Зошто? Затоа што не сакаат да ти дојдат. Зошто? Оти не си фраер. Ако беше Ѓоле фраер, ќе се тепаа да му дојдат на журка.
2 Затоа, пак, министерот за здравство Никола Тодоров е голем фраер. Сите жени зборува-ат за него. Три дена сите ги толкуваат “малите притегнувања” и “идеолошките измени” на Законот за прекин на бременоста. И дебатираат за формуларот кој ќе го смисли министерот Нино, со кој ќе се побара абортус. И за советувањето од лекарот, чиј начин ќе го смисли министерот Нино. Па за пишаната согласноста за абортус, чиј текст пак ќе го смисли министерот Нино. И за првостепената и второстепената комисија, кои ќе ги формира министерот Нино. Како што го смислил и новиот закон, кој е ист со стариот. Мора да е ист за да влезе со скратена постапка во Собрание.
Ова веќе носи сериозни импликации на сексуалниот живот. Кај треба да се криеш од влади-ката Петар ако непродуктивно грешиш со телесни задоволства, сега треба да се криеш и од Нино. Оти ако по грешка ти се испушти без вадење, ќе мора да се соочиш со лекарите и со социјалните работници што ќе ги избере Нино. Нема опуштање. Ако денеска ти се посреќи и имаш секс, уште утре фати си ред за процедурата. За доброто на жената и за заштита на нејзиното здравје.
Небаре одлуката за абортус жените ја носат како одлука да си сменат лак за нокти. Па сега им треба дополнително отежнување, оти тие одат да абортираат без размислување. И затоа Владата мора да ги натера малку да помислат што прават со себе и со своето тело.
Па ќе следува еден преглед, друг преглед, една комисија, друга комисија, потпиши тука, потпиши таму, советување, барање на таткото, објаснувања со евентуалниот татко, консул-тација меѓу партнерите, сигурно и бабите ќе треба да се изјаснат, па лекарот заминал на конгрес, тамам едниот лекар се вратил, другиот ќе замине на советување, па социјалниот работник отишол на одмор, па принтерот не работел, па сестрата е на пауза… Цело време мислиш на последиците од соочувањето со Нино. Сега само го зборуваме. Ама кога ќе го донесат законот, по скратена постапка, и неговиот лик ќе ни влезе во спалните соби. Од кревет, директно во потсвеста. И на мажите и на жените. Така што помислата на законот на Нино ти доаѓа како природна контрацепција. Нешто слично како прекинат однос.
3 Во средината на осумдесеттите години на минатиот век, како студент работев во хотел во Лондон. Таму доаѓаа организирани тури Шпанки и Португалки. Некои со дечковците, некои со мажите, некои со другарки, некои со мајките. Некои и сами. Тоа беа тридневни тури за шопинг. Така ги викаа Шпанија и Португалија, оти абортусот таму тогаш беше забранет. Жените првиот ден шетаа по продавници, следниот ден одеа на абортус, а третиот ден си докупуваа уште по некое парталче, и потоа, дотерани, си се враќаа дома во нивната пријатна конзервативна средина.
Нормално дека тоа можеа да го прават само побогатите Шпанки и Португалки. Исто како што и кај нас на тие што имаат пари, никој нема да може да им забрани, без исповедање пред комисиите на министерот, да тркнат до Солун, до Приштина, до Врање, до Софија, до Виена… Тие што немаат пари, ќе завршат во касапниците во некој подрум или ќе си ги побараат бабините вретена. Се разбира, ако не почнат навремено со процедурата од новиот закон.
А за поевтино, за тие што се дале на похота и сладострастие, па се покајале, ќе се органи-зираат абортус тури до граница. Нешто слично на фри-шоп. Во меѓугранична зона, освен продавница, може да се отвори и некоја мала болница. Па и ние да си организираме шопинг екскурзии како Шпанците и Португалците пред триесет и кусур години. Додека ја чека жената да абортира, партнерот ќе си купува поевтини цигари и алкохол.
Па после ќе мора Владата да интервенира со нов закон по скратена постапка. Кој пуши, пие, мастурбира и се дупи, нема да оди на екскурзија.
4 Јас не сум конзервативен. Но немам проблем да ја почитувам и конзервативната идеја. Ама имам голем проблем кога, од името на конзервативната идеја, се ограничува некоја цивилизациска придобивка. Оти тоа не е конзервативно. Тоа е назадно. А кога е назадно, тогаш веќе ѓаволот ја однел шегата.
5 Овие од СДСМ како да имаат менаџерски договор со Владата. Оти само во последните десет дена нормална опозиција би поентирала на најмалку три жешки теми.
Првата е случајот со синот на високиот политичар што со дрога за лична употреба и некое ноже бил фатен на грчка граница. Да беше Илија Димовски одговорен за комуникации во СДСМ, би имале проблем Бичиклиски да го симнеме од говорница и би се појавувал во сите вести. Настрана што и пратеничко прашање можеа да постават.
Вториот случај е намалувањето на кредитниот рејтинг на Македонија од “Стандард и Пурс”. Особено што едниот од кандидатите за претседател на СДСМ држел прес – конференции за економски теми за далеку поздодевни прашања.
А за екстерното тестирање, ич муабет да не отвораме. Па ни министерот за образование Панче Кралев не го помина.
Ова само ја потврдува изјавата на Груевски дека во СДСМ се занимаваат само со себе и со Бранко. За што треба да им биде вечно благодарен. И споменик да им изгради. Оти тие како да живеат на некоја друга планета. Не само последните седум години. Тие и пред тоа не знаеја дека освен нив има и други луѓе на планетава.
Кога во СДСМ си имаат свои проблеми, други проблеми не постојат.
6 Во анкета на Институтот “Димитрија Чуповски”, 80 отсто од Македонците и 70 отсто од Албанците во Македонија одговориле дека Грција е нашиот најнепријателски сосед.
Ме чуди само како пред секој голем празник и од мај до октомври Македонците забораваат кој им е најголем непријател. Празниците и летото предизвикуваат амнезија кај 80 отсто од Македонците и кај 70 отсто од Албанците. Несвесни што им се случува и што одговараат на анкетите, одат в кревет со непријателот.
7 Спикерот на Собранието Трајко Вељаноски изјави дека само силен парламент може да ја контролира Владата.
Ова го кажа човек кому Владата му влезе во Собрание и му избрка четириесет и кусур пра-теници од салата.