1. Љубчо пак потпишаа нешто. Тоа беше уште вчера. Не се знае дали потписот му важи денеска.
2. Гласачките ливчиња ќе биле без наслов. Ќе имале само реден број и знаме на Македонија. Тоа целосно одговара на карактерот на државата. За безимена држава, безимени ливчиња.
Некои злобно прокоментираа дека тоа што на ливчето нема да има букви значело дека сме биле неписмена нација. Извинете. Ние не сме неписмена нација. Ние стануваме безимена нација.
Во прилог на теоријата за неписменоста оди и тоа што на гласачките места ќе ни ги шприцаат прстите со спреј. Не се знае дали спрејот ќе се користи пред да се заокружи ливчето, или отпосле. Ако не прскаат пред да гласаме, можеби спрејот ќе биде со некаква хемикалија за заборавање. Така, замаени ќе заборавиме што се ни правеа овие години, па пак ќе гласаме за нив.
Поефикасно е да не прскаат по гласањето. И тоа со спреј за муви. Некој многу отровен. Што ќе може да не убие. Ионака изборите ќе ни бидат со пукање. Вака, убиствата на гласачките места нема да бидат многу брутални. Спрејот е чиста и ефикасна работа. Башка, ионака Љубчо не третира како муви. Само зуиме, а него мува не го лази.
3. Ние не сме само безимена држава. Не сме само безимена нација. Ние сме и распродадени.
Прво ја продадоа земјата. Сега, со аеродромите ќе ни го продадат и небото. Бидејќи нас не можат да не продадат, се обидоа да ни ги продадат и душите. Со безимена црква.
4. ОНА не се дава. Таа не е безимена. Се распореди насекаде. Малку кај Али Ахмети, малку кај Абдурахман Алити, малку кај Џафери.
Љубчо се уште ја турка тезата дека минатогодишната војна била увезена од Косово. Дури ни командант Лека што му влезе во нераскинливата коалиција не може да го разубеди во тоа. Па и Тачи што му признава дека Лека уште одамна бил негов човек.
Зарем Тачи требаше да признае, сега откако се појави елегантниот Лека дека војната била приватен проект на Љубчо и Џафери. А Хисни Шаќири, го заборавивме. Тој излезе директно од собраниските клупи. Лека, за разлика од него не беше пратеник. Што не значи дека нема да биде.
Љубчо му даде на Бранко непристоен предлог за коалиција во тетовско, гостиварско и дебарско.
А Љубчо пак одамна му е седнат во скутот на Џафери, па и тој не може да го одбие. И ај сега биди голем Македонец. Како и да ја свртиш работата, во коалиција си со УЧК.
5. Како си игра Љубчо со Бранко, мислам дека ќе го збудали. Уште малку, и Бранко ќе почне да трепка и да вели: “Реков и пак ќе речам”. Ај Бранко, ќе го навикнеме, имаме тренинг. Туку, истото ги чека и Лероа и Холмс. Тие како збудалени шетаат низ Скопје, решаваат изборни закони, се испијанија со толку шампањско за едно чудо здравици по потписите што ги стави Љубчо, а тој мртов ладен шета низ Македонија и сече ленти. Не само што собра многу црвени панделки, за новите модни детаљи на балските фустани на Снешка, туку сиромашкиот, за жртва на државата и плускавци ќе добие од ножичките, ако не, скраја да е и артритис на прстите. Ко шнајдер е. Крои ли крои. А шнитот богами, му се погоди. Државата ја скрои беспрекорно.
Само се чудам зошто уште не сече лента на автопатот Тетово – Скопје. Од кога е готов и подготвен за официјално пуштање. Свечената церемонија Љубчо ќе ја прави на Групчин. Тој го чува патот кон Тетово. За крај.
6. Зошто Чашуле беше во посета на Аргентина? Таа латионамериканска држава е позната по тоа што има проблеми со цел свет кога станува збор за екстрадиција на белосветски криминалци, од воени злосторници до ограбувачи на банки.
Можеби Чашуле отишол таму да подготви терен. Имало евтини плацеви. Греота е проектите од вилите на Водно да останат неизградени.
7. Саво Климовски му порача на Бранко да не се прави девица, “оти веќе имал три неуспешни брака е еден противприроден блуд”. Потоа, за да му личи на професорската титула, истото тоа го кажа на латински. Рече дека Бранко не е “вирго интакта”.
Саво одамна сфатил дека својата шанса да се продава како девица ја потрошил. Ја изгубил невиноста некаде на патот при трансформацијата од министер за образование од последната комунистичка влада на Глигорие Гоговски, па преку Партијата на Југословените и неуспешниот тајвански проект “Циле за претседател” до закоравен ВМРОвец.
Работава е – Бранко интакта и Саво ин витро.