1 Поради агресивноста на политиката на Караманлис и Бакојани покрепена од солидарноста на Европската унија ми се чинеше дека со Грција нема шанса за муабет. Затоа, кога завчера се сретнаа Папандреу и Груевски во Брисел, тоа звучеше толку неверојатно што беше вест на денот и тука и во Грција. Први соседи, партнери во НАТО, значајни економски партнери, а главна вест е ако премиерите на двете земји куртоазно се сретнале во некоја канцеларија во Брисел.
Тоа е вест од Балканот.
2 А сега истата вест гледана низ очите на Европеец.
Ако воопшто добие медиумски третман, на оваа средба може да се гледа како на една фина културна манифестација. Премиери на две соседни земји се сретнале во една соба покрај книги и си рекле “Баш ми е драго што се сретнавме”.
Проширената приказна би одела вака: На премиерот Груевски летајќи од Мелбурн кон Брисел, му текнало дека поминаа три недели од изборите во Грција, а тој лично не му ја честитал победата на лидерот на ПАСОК. Па со нетрпение чекал да слета во Брисел за да има мрежа на мобилниот. А Папандреу додека бил во Стокхолм на некој настан немал време ни да погледне во екранчето на мобилниот и одговорил на непознат број. Толку бил збунет што не знаејќи што муабет да направи му предложил да се сретнат во Брисел. И така се сретнаа покрај една полица со книги. Додека снимаа камерите, Папандреу го праша Груевски: “Ги видовте ли овие книги”, а Груевски му одговори: “Да некои од нив сум прочитал”.
Сега чекам македонските политички експерти и аналитичари од Енциклопедијата на МАНУ да излезат со анализа на овој сладок муабет. Да ни ги протолкуваат скриените значења на грчкото прашање и македонскиот одговор. Бидејќи муабетот на Груевски и Папандреу почна околу книгите можам да предвидам дека на некоја ТВ дебата ќе слушнеме дека односите меѓу Македонија и Грција влегуваат во нова фаза. Фазата се вика: “Библиотека Другарче”.
При тоа многумина ќе забележат дека Груевски самоиницијативно му се јавил на Папандреу, без да се консултира со избирачите. Ја пропушти приликата и за тоа да распише референдум за да го тестира референдумското прашање: Дали сте за Груевски да оди во Брисел со право да се сретне со Папандреу?
3 Многу ми е жал што не го слушнав претседателот Иванов како ја коментира средбата на премиерите на Грција и Македонија. Додека ја даваше изјавата пред црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид не можев да се фокусирам да го чујам тоа што го зборуваше Ѓоле оти бев фокусиран да го гледам Паско Кузман што стоеше до него.
Се надевав дека камерата ќе ми долови што јаделе пред изјавата, оти Паско цело време се обидуваше со ноктот да извади нешто меѓу забите. Таман престана да чепка низ устата и си реков “Дај да се концентрирам на зборовите на претседателот”, кога Паско почна да го чеша носот. Ѓоле нешто елаборираше, а Паско за тоа време си ги елаборираше ту носот, ту забот. Таман кога помислив дека ќе ја фатам поентата на Ѓоле, Паско почна да си ја глади косата. Така се настрви на едно влакно, толку се мачеше како да го откорне, душата му ја извади, се препотив пред телевизорот стравувајќи дали ќе заврши со акцијата пред Ѓоле да престане да зборува и… Успеа! Го тргна влакното и го фрли пред нозете на претседателот.
И така не слушнав што кажа Ѓоле.
4 Имам некое чувство дека претседателот на Собранието Трајко Велјановски ќе добие партиски укор од пратеникот Влатко Ѓорчев. Затоа што на расправа во Собранието за извештајот на Европската комисија, тој рече дека Собранието е локомотивата што го влече возот Македонија Брисел. Тоа значи дека Трајко Вељановски себеси се гледа како машиновозач.
Ако Вељановски е локомотивата, каде ли се премиерот и Владата во композицијата кон Брисел. Груевски не може да биде ложач, оти парните локомотиви одамна се исфрлени од сообраќај. Не мисли белким на премиерот да му даде улога на кондуктер во вагоните, оти ги собира парите од патниците. Ако не му се допаѓа и тоа, тогаш на Груевски му останува да избира. На пругата Македонија Брисел, или ќе биде скретничар, или кочничар.