БИМ И БУМ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:94:"МирнисоништанапретседателотзамирнаМакедонија

    1. Зошто претседателот на државата и премиерот даваат експлозивни изјави. Само ни ја кобат судбината. Се сеќавате, само што Љубчо Георгиевски рече дека оваа година ќе бидеме бомбардирани од странски инвестиции, единственото нешто што дојде од страна беше ракетата врз полициската станица во Осломеј. Тамам претседателот Трајковски отиде во странство со излагање на тема “Бум или бомба во Македонија”, во Куманово фрлија “кашикара” во кругот на полициската станица.
    Од економската експлозија засега ги слушаме само експлозиите на непознатите бомбаши. Ако тргне како пред две години, сега ќе треба да очекуваме бомби и неидентификувани експлозивни направи, во Прилеп (да не остане покусо од Куманово), Тетово, Кичево, на скопски Бит-пазар…
    Сега засега е интересно. Ќе се скрши некое стакло, ќе приведат некој новинар, претседателот и премиерот ќе си разменуваат изјави за извонредните перспективи на патот кон Европската унија. Безопасно. Како во стриповите. Не “Бум” или бомба, туку “Бим и Бум”.
    Впрочем, и премиерот пред два дена нè утеши дека два-три инциденти не се ништо во однос на вкупната безбедносна состојба во државата. Граѓаните можат да спијат мирно. Барем тие што не се приведени во полициска станица.

    2. Претседателот Трајковски на политичарите од цел свет што беа собрани во Давос им го одзеде здивот кога им кажа дека “во Стариот завет, најсилните лидери, како што се фараоните на Египет и кралот Набукодоносор, имале советници кои ги толкувале нивните соништа и можеле да ја претскажат иднината”. И натаму внимателно ја читам Библијата за да дознаам каде можам да најдам такви советници… За жал, мислам дека древните советници отидоа по патот на сфингата…
    Не ми е јасно дали новиот претседател, како најсилен лидер на Западниот Балкан, веќе се замислува дека е фарон, крал, или бара некоја гатачка да му ги толкува соништата. И нека не брзаат многу со реновирањето на резиденцијата на Водно. Којзнае, кога ќе се врати претседателот од пат, можеби ќе побара да му се изгради пирамида во Струмичко. Меѓу чушките и френките е рамно и како создадено за пирамиди.
    Туку, дај да не му создаваме грижи на претседателот, па после да не може убаво да спие. Зашто ако тој убаво спие, тогаш мудреците ќе можат да му претскажат убави работи за Македонија. За нашата иднина, најважно е претседателот да ни сонува убави соништа. Доволно е што ние спиеме немирно.

    3. Дали мудреците што ќе тргнат по патот на сфингата ќе му шепнат на Трајковски што би можела да значи тројната средба меѓу Хашим Тачи од Косово, нашиот Арбен Џафери и бугарскиот премиер Иван Костов. Кога Бугари и Албанци разговараат за стабилноста на Македонија, може да се замисли за каква стабилност зборуваат.
    Баш ме интересира дали древните советници се сеќаваат како Бугарите и Албанците ја стабилизираа Македонија пред едно шеесет години. Историјата е доволен сведок за таа стабилност. Со рампа кај Групчин и Подмоље.

    4. Пусти Бранко Црвенковски пак е влезен во филм дека прави влада. Демек, тој е мандатар, ама имињата на министрите сè уште се во фаза на шпекулација. И сега мандатарот размислува комуо да му ја даде довербата. Гледам Илинка Митрева веќе се однесува како министерка за надворешни работи. Излегува Александар Димитров на сонце и веднаш по него Илинка од сенка.
    Зошто Бранко толку размислува за составот на неговата влада. СДСМ барем има проверени кадри. Ги знаеме. Со години ги проверуваше врз нашиот грб Навикнати сме да нè јаваат.
    Туку, проблем е што, фактички, од три влади, ние немаме ни една. Бранко ќе прави влада во сенка. И Павле Трајанов ќе прави влада во сенка. А и оваа сончевата на Љубчо не личи како влада, туку на здружение на партиски одделенија. И таа одлуките ги донесува од некакви сенки, во извршни канцеларии и комитети, во секретаријати и во централни комитети.
    Среќа наша што премиерот со изјавите ни ги грее срцата, па не настинавме под сенките. Зашто, да имаш три влади, а сите да бидат во сенка, мора на народот да му се темни. Ако веќе не му паднал мрак на очи.

    5. Министерот за внатрешни работи Доста Димовска изгледа не му го дала истиот извештај за Арачиново што им беше поделен на пратениците и новинарите и на нејзиниот шеф Љубчо Георгиевски. Или, пак, премиерот, од што му се стемнило, не успеал да го прочита.
    Во извештајот се вели дека трагичната ноќ кога загинаа тројцата полицајци, МВР организирало акција за фаќање на крадени коли. А премиерот вели дека акцијата била за откривање шверцери со дрога, “нели така!?”

    6. Министерот за надворешни работи Александар Димитров и партиските раководства велат дека најавите за некои амбасадорски места и шпекулациите со имиња се исфрлени од ракав.
    Добро би било имињата да ги исфрлаат од ракав. Според тоа какви имиња се вртат по медиумите, попрвин би било дека се исфрлени од ногавица.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари