БИВША МАКЕДОНИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:93:"Колкукилограмисапунќевеисператдамиигоспода?

    1. Нема правдина во тоа што странците ги посоветувале Албанците од бившата ОНА да не ја прослават годишнината од почетокот на тероризирањето на Тетово со дефиле низ градот. Вистинско непочитување на човековите права е славениците да се збијат по селата, па наместо гордо да прошетаат низ улиците на Тетово, мораа да ја величаат епопејата од Тетовското кале во Шемшово и Порој.
    Се сеќавате ли на оној господин што на плоштадот во Тетово трескаше некои глупости, па после го судеа во отсуство? Или, на онаа госпоѓа што важеше за некоја умерена и интелектуална претставничка на албанската жена во Македонија? Не. Зошто? Затоа што со амнестијата добивме и амнезија.
    Ама, види чудо, уште се сеќавам на Мендух Тачи кој гласно се прашуваше: “Не знам кои се тие луѓе од планината што пукаат и не знам зошто пукаат!”
    Гардистот од гардата на Борис Трајковски Шевал Етеми, кој како командант Ваљони во оваа војна го победи сопствениот врховен командант сега се фали дека од Македонија ќе прави Швајцарија на Балканот. Шипковица ќе му дојде нешто како Берн. А Липково како Женева, зошто има и езеро.
    Слушајќи го својот гардист како станува Швајцарец, белким на Борис му текнува дека едно време велеше како многу ќе се внимава кој ќе биде амнестиран. Се гледа дека претседателот многу го слушале и ептен се внимавало кога се правеле списоците. Затоа се амнестирани и Али Ахмети и Фазли Велиу. Едниот како политички водач, а другиот како идеен творец на ОНА. Тоа е истата таа ОНА која уби шеесетина војници и полицајци, киднапираше цивили, палеше куќи, го држеше во заложништво Тетово, а без вода Куманово и над 20 илјади луѓе избрка од своите домови. Сега, кога главните луѓе за тоа што се случуваше се амнестирани, тогаш од Македонија веќе нема кандидати за Хаг.
    Освен ако странциве не запнат ептен за Љубе, па да го направат херој во изгубена војна. Белким не се толку несериозни.

    2. Сега, кога заврши и приказната со амнестијата се гледа дека се ќе биде во најдобар ред. Амбасадорот на НАТО Клаус Волерс дури четири часа го убедувал локалното население да ги тргне пречките од патот, за да може во селото да влезе мешаната полициска патрола. Сиромашкиот Волерс, им се жалел дека ќе го разочарале и него лично и целата меѓународна заедница. Следниот пат, јас ќе ставам камења среде мојата улица. Ќе го чекам НАТО да дојде да ме замоли да ги тргнам. Што ќеф ќе ми направи Волерс да дојде и четири часа да губи со мене убедувајќи ме да соработувам со државата.
    Само, не заслужувам јас такво внимание. Прво, не сум убил никој, ниту пак сум запалил нечија куќа. И второ нема зошто да го разочарам амбасадорот и цела меѓународна заедница. Јас не барав од нив да трошат пари и да обучуваат полицајци кои потоа нема да ги пуштам да поминат низ мојата улица.

    3. Кога би бил пратеник, би имал сериозен проблем како да се однесувам со бившиот колега Хисни Шаќири. Дали во знак на проштевање за тоа што неколку месеци среде лето го држеше Куманово без вода ќе му помогнам со тоа што ќе му го однесам лично социјалниот пакет дома.
    Ова со социјалните пакети за загрозените пратеници станува сериозен проблем. Особено ако собраниските служби не ти ги признаваат сметките за такси, како на пратеничката Ѓулистана Марковска. И како ве молам социјалните случаи, какви што се нашите пратеници, со само дваесетина илјади денари плата, плус уште некоја дневница и две-три членства во управни одбори ќе однесат дома пакет со 15 литра зејтин, 12 литра млеко, четири колограми кашкавал и зденки? Па, тоа е, ќе признаете тежок товар дури и за нив.
    Замислете, по сите проблеми што ги имаат натежнато, со стотици илјадници невработени, десетици илјадници раселени, стотици луѓе секојдневно на улица, распнати шатори пред Собранието, сега уште да им нагрбачат и тежок пакет.
    Сепак, пратениците не добиле исто како и другите буџетари. Оти, кај нив, покрај маслото за јадење имало и шампони од таков квалитет “да се отепаш од чешање”. Пратениците не смеат да се чешаат. Тие се гребат.
    Вистинска штета е што во пакетот не им ставиле и сапуни. За после се, да имаат чист образ. Само се плашам дека тоа навистина ќе бил голем пакет и претежок товар. Колку килограми сапун треба да ве исперат дами и господа?

    4. Љубчо нема проблеми со хигиената. Тој има проблеми со Меѓународната кризна група. Не му оставија ни еден ден да се порадува на парите што ги доби од донаторската конференција. Му го расипаа расположението со тврдењето дека во Македонија има корупција и дека треба да ни испратат човек кој ќе контролира како Владата ќе ги троши парите.
    Гледаш што ти е Меѓународната кризна група. Да не беа тие немаше да знаеме дека имаме корупција.

    5. И кога сме веќе кај парите, ми треба дообјаснување на она дека дел од нив веќе биле дојдени додека се правел Охридскиот договор. Претпоставувам дека во донираните средства што веќе сме ги потрошиле оди и хонорарот за Фрчкоски и Поповски за Охридскиот договор. Ама ете, особено ме интересира дали со тие пари се платени и американските советници што го учеа претседателот Трајковски да игра тенис на терените во охридска Горица?

    6. Блазе си му на Љубчо. Којзнае колку сигурно се чувствувал со министерот Балкоски и директорот на цивилното водухопловство Манолев кога летал со авионот на МАТ. Манолев е пилот на МИГ 21, а Балкоски веројатно во меѓувреме специјализирал за авиомеханичар.
    Баш ме интересирал како авиомеханичарот Балкоски се однесувал кога пробно го летале авионот на МАТ. Дали проверувал замастени свеќички, дали чувствувал како трокира моторот, дали авионот занесува на страна, дали гумите се избалансирани… Тука има многу работа за министерот Балкоски.
    Е па така е. Кога ќе си го дадеш газот под кирија, ако треба и авиони ќе леташ. Ако не, ќе летнеш од влада.

    7. Веќе не постои Југославија. Сите поранешни републики на СФРЈ имаат свое име. Само ние уште го чуваме споменот на бившата држава. Сега, кога и Србија и Црна Гора веќе не се ни бивши југолсовенски републики и нашево име “Бивша југословенска република Македонија”, би можело да ни се смени.
    Како ви звучи “Бивша Македонија”. Лошо, а…
    А бе отиде државата џанам, ама тоа ти е.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира