БОМ И БУМ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:75:"Бранкочекареддакупибилетза"Титаник"

    1. Па добро, ќе ја биде ли еднаш таа голема коалиција? Дај да го видиме и тоа чудо, па да си се вратиме на старите афери. Додека Бранко и Љубчо се караат за министерски места, ќе заборавиме што сè видовме за време на нивното владеење, па на крај пак ќе ни се видат добри.
    Баш би сакал да ги видам запалените социјалдемократи, од една страна, и револуционерните ВМРО-вци, од друга страна, како заедно се согласуваат околу идните потези на  големата коалиција. Да се сетат само како им беа зацрвенети лицата од возбуда кога се караа едните за Љубчо, а другите за Бранко. А тие ти имале ист газда.
    И оди после – гласај.

    2. Туку, овие од СДСМ велат дека Георгиевски не бил сериозен во преговорите за голема коалиција и само купувал време. Добро утро, Бранко! Ем ВМРО-вчиња ем мангупчиња.
    Бранко личи на очаен патник кој застанал на шалтер да си купи билет за брод. Билетите се продадени одамна, а тој запнал да се качи. Бродот се вика “Титаник”. Капетан Љубчо на патникот му вели “Нема место”, а Бранко упорно се турка на шалтерот и не му дозволува на Љубчо сам да потоне.
    Во македонската верзија на “Титаник”, Бранко ја има улогата на Леонардо ди Каприо. Меѓу привилегираните патници, кои платиле полна цена да се возат во луксуз, е Доста Димовска. Таа е македонската Кејт Винслет. Без неа нема филм. Исто како што без Доста, ни Љубчо ќе беше капетан, а богами ни “Титаник” ќе потонеше.
    Тоа го признаваат дури и во СДСМ. Бучковски рече дека Доста може да остане и во новата влада, само да не биде министерка за внатрешни работи. Ете колку тежи Доста во големата коалиција. И во новата влада, таа ќе го носи најголемиот товар.
    И после ќе се чудиме зошто тоне “Титаник “. Лео ди Каприо го снемува, Кејт Винслет останува на површина.

    3. Сè уште не ми е јасно како ќе ја направат таа голема коалиција. Голема коалиција се прави со големи луѓе. Плус, голема коалиција подразбира и големи цели.
    Овие нашиве не се ни големи луѓе, а немаат ни големи цели. Тие се скромни. Сакаат само да останат на власт, и ништо повеќе. Другото само ќе си дојде. Преку Македонска банка на сметка на фирмата на роднината.

    4. За да си ги остварат нивните скромни барања, тие повторно сакаат да нè плашат. Направија цела хистерија за Велигден. Црквите ги обиколија со полициски комбиња. Дури и поглаварот Стефан, на најголемата свеченост зборуваше за извесна вознемиреност. Да се плашиш и во црква да појдеш. Немој случајно некој да заборави дека Џафери кога сака, по потреба, активира мобилки, а Љубчо и Доста нè спасуваат.
    Следниот пат нека не се обидуваат да не плашат. Им веруваме. Видовме дека за да останат на власт се подготвени дури и војна да направат. Само, нека не си играат веќе. Некој може и сериозно да ги сфати. Има луѓе што одвај чекаат да добијат втора шанса. Ако им ја дадат, не верувам дека Љубчо и Џафери ќе имаат врз кого да практикуваат власт и кого да плашат. Во споредба со она што може да ни се случи, тогаш ова што до неодамна ни се случуваше во Тетовско и околу Танушевци, навистина ќе личи на безопасна војна со мобилки.

    5. Андов не сакаше да ги слуша пратениците. Си имал тој друга работа. Излезе да си ја сврши. Може си имал човекот мака.
    Фино човекот не си закажуваше седници. Оставете го да си го истера мандатот докрај. Да си ја заврши работата.

    6. Сега се модерни мемоарите на Киро Глигоров. Да се сетиме кога Македонија ја викаше оаза на мирот, а ние си игравме мајтап.
    Тој збор – оаза звучеше како од бајките. Сега Македонија стана реална земја. Дел од вистинскиот свет. Како Израел и Палестина, на пример. Или Северна Ирска, Шпанија и Баскија, Авганистан, Талибан…
    Во времето на Киро, ни го дадоа името БЈРМ. Сега кога и Киро ни е бивш, може да ни стават друго име. На пример, “Бивша оаза на мирот”. Или, скратено – БОМ.
    Со новото име проблем може да има само новиот претседател. Борис Трајковски уште има проблеми со струмичкиот изговор. Па кога ќе го изговара новото име, ќе звучи “Бивша уаза на мирот”. И наместо БОМ, државата ќе ни стане БУМ.

    7. И јас се вклучувам во јавната расправа и кажувам паметни работи зошто е добро да се смени Уставот. Затоа што, ќе добиеме уште еден неработен ден. Сите ќе го славиме и Бајрам.
    Ама зошто да запреме тука, кога Уставот може да биде уште пограѓански. Еве, да ги ставиме во Уставот и Евреите и Кинезите. За да ги славиме и нивните празници. А во знак на благодарност за поддршката ќе ги ставиме и Американците, како почесни граѓани. И тие се мултикултурни како нас. Плус имаат многу празници што ние ги немаме.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира