1. Што толку се мачи претседателот Борис Трајковски да избира сигурни места за самитите со партиските лидери? Тие сакаат да бидат изолирани и сакаат да придонесат кон воспоставување на мирот. Тогаш, има само две места кои во моментов се најпогодни за петчлената дружина. Тоа се Арачиново и Липково.
Зошто Арачиново? Затоа што дилерот од Дижонска, командантот Хоџа изјавува дека Љубчо Георгиевски го има неговиот мобилен телефон. Тоа значи дека нашите лидери во Арачиново ќе бидат сигурни. Освен тоа, ако таму го одржуваат самитот, тоа е најдобра гаранција за ОНА дека до постигнување политичко решение, ќе се задржи статус кво ситуацијата. И, на крај, ќе биде задоволен и последниот услов. Лидерите ќе ни бидат изолирани. Љубе Бошкоски ќе ги заобиколи со полиција и нема да им даде да излезат од таму.
Липково е уште подобра варијанта за самитот на Трајковски. Затоа што тамошните жители многу ги сакаат и него и ВМРО-ДПМНЕ. Само таму, на изборите излегоа 102 отсто од запишаните избирачи. Можете да замислите колку ќе бидат среќни сега да им бидат домаќини. Освен тоа, за да ја пуштат терористите водата, бараат да им дојдат новинари. Ние, како што трчаме зад лидерите, ќе потрчаме и до Липково. Сè е подготвено за убаво холивудско сценарио со среќен крај. Над 100 илјади луѓе ги чекаат Љубчо, Бранко, Џафери и Имери. Како во холивудските сапуници. Меурчињата се тука. Само уште Борисовата дружина да пушти вода. Кумановци ќе се измијат. Ама овие другиве, ништо не ги пере.
2. Владата за политичко единство функционира одлично. Едни велат влегле уште 500 терористи. Други велат дека тоа не е вистина. Едни велат дека Албанците в сабота ќе дигнат востание, други велат дека тоа е глупост…
Еден Хоџа минатата недела ги сврте тикерите на сите светски агенции со заканата дека ќе го бомбардира Скопје. Ниту еден телефон на тие што требаше да ни кажат дека сме безбедни не беше достапен. Никој не дава изјави, никој не свикува прес-конференција… Дури и учесниците на средбата на државниот врв, по уште една ноќна седенка кај претседателот, избегаа од ТВ-камерите и новинарите.
И што да прави обичен човек по еден таков ден, во ноќта кога ќе загрми од обично пролетно невреме и одеднаш ќе го снема ТВ-сигналот на неколку ТВ-станици? Пали кола и бега за Халкидики. Тие што остануваат дома, веднаш подготвуваат план “Б”. Наместо на море и во редица пред бензинска пумпа, си ги полнат кадите. Ако државниот врв се плаши од Хоџа, тогаш зошто ние да не се плашиме. Башка, тие се на линија со него, ние – не.
Портпаролот на Владата Антонио Милошоски ни велеше дека немало место за паника, а веќе во другата реченица ни изброи 500 терористи што влегле кај Шипковица. Министерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски ни велеше дека ситуацијата е под контрола, а после од 30 стигна до 1000 терористи во Арачиново. Одлични се за вработување во Заводот за статистика. Тие прецизно прават попис на терористите. Само малку задоцнија со броењето. Кога пред повеќе од половина година им кажувавме дека сомнителни типови во униформи се шетаат низ Танушевци и на Шара, ни велеа дека тоа биле туристи, планинари, овчари и шумари. Тогаш така му одговараше на Љубчо. Сега му требаат терористи.
3. Ајде веќе еднаш да се распукаме, за да остане Љубчо на власт. Еве, брат Љубе дели пушки. Не зел – кој не побарал. Една жена веќе умре од страв кога комшијата и се појавил дома со пушка. Колку ли ќе изумреме кога ќе заврши војната со Албанците и кога ќе си ги навртиме пушките меѓу себе?
Сценариото е одлично и веќе видено на овие простори. И Хрватите и Србите делеа оружје кому ќе стигнат, пееја патриотски песни, државните медиуми измислуваа домашни предавници, лидерите ги уверуваа дека нема друг излез освен војна…
Народот броеше мртви и ранети, раселени и бегалци, откриваше масовни гробници, а Туѓман и Милошевиќ броеја пари и ги трупаа по странски сметки.
4. Роберт Фровик направи еден план, ама министерката Илинка Митрева учтиво го замоли да ја напушти Македонија. Сега претседателот Борис Трајковски има план. Не гледам некоја битна разлика од оној на Фровик.
И во двата плана нема цврсти гаранции за разоружувањето на ОНА. Кој гарантира дека терористите ќе се разоружаат. Али Ахмети!? Хоџа од Дижонска!? Пратеникот Хисни Шаќири!? Командантот Соколи!?
Земете го списокот на оние што пред две години, како гест на добра волја беа амнестирани со Закон донесен од Собранието на Македонија. Ако не ги знаете имињата на командантите на ОНА – таму ќе ги најдете.
5. Како што тргнала работава, сите културни манифестации летово ќе бидат одложени. Штета. Затоа што на “Струшките вечери на поезијата” би можеле да се претстават поетските дела на министерот Љубе Бошкоски. Има вратоврска пеперутка, има смисла за поезија, тамам е за настап на “Мостови”.
Кога го слушав како ни објаснува за кумановскиот народ што достоинствено со часови чека пред цистерните со вода, трпки ми минаа низ телото. Со каков ли поетски занес ќе ни прикажува за достоинствениот народ што чека во ред пред полициските станици за да му подели Љубе од бугарските пушки.
Нормално е на народот да му се даваат пушки за самоодбрана. Кога веќе министерот не знае да организира одбрана.
6. Што прави Бранко Црвенковски? Онака прашувам, не знам што ми текна на него?