БОЖЈА ВОЛЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:89:"СолигавењеМакедонијаќевлезевоШенгензоната

    1. Еве и владиците ќе се кандидираат на следните избори. Откако им беше откриен нишкиот документ, тие земаа сила. Решиле сериозно да се занимаваат со политика. Па наместо да се скријат по срамниот документ што веројатно по божја воља се појави во јавноста, тие проповедта ја заменија со политички час. И порачуваат дека “МПЦ во иднина ќе им дава поддршка само на оние политички партии, кои во своите програми и практика ќе ги штитат интересите на МПЦ”. Тоа не е се. “Отсега па натаму, МПЦ за сите прашања значајни за сегашноста и иднината на македонскиот народ и држава, јавно ќе донесува свои мислења и ставови и ќе бара да бидат слушнати и прифатени”.
    На тој начин, откако владиците добро го решија својот проблем, сега ќе го решаваат и проблемот на државата. Веројатно затоа што за разлика од македонските политичари тие се покажаа единствени.
    Со премиерот се слични само во односот кон новинарите. Да не беа тие, ни владата ни црквата не ќе можеа да најдат виновници. Владиката Петар изјави дека црквата го дупнала балонот што ние сме го надувале. Не знам откога нишкиот документ се вика – балон. Тие го потпишувале, а ние сме го дувале.
    Отсега па натаму, поповите во Македонија ќе се занимаваат и со духовни и со световни работи. Ќе водат сметка и за небото и за земјата. Црквата конечно ќе стане “бог и шеширџија”. Сега, засекогаш и за сите времиња. Точка.

    2. Бидејќи и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски виде од каде се дуваат балоните, реши да се приклони кон новата политичка сила. Се пофали дека во однос на ВМРО-ДПМНЕ, неговите кадри се чеда за во манастир.
    И тој ќе мора да оди во манастир. Откако виде дека Али Ахмети му се мести со неговата божем социјалдемократска определба, Бранко реши да си бара нови политички партнери. Ќе стане монах.

    3. Странците биле многу разочарани од новата партија на нивниот “Господин Чист”. Не им се допаднало тоа што Али Ахмети на основачкото собрание не го истакнал и македонското знаме.
    Кога странците се разочаруваат од македонските политичари, веднаш се закануваат со санкции.
    Кога се разочаруваат од Али Ахмети, го игнорираат. Што ќе му кажуваат, не сакаат да го нервираат. Оти, не знаат како “Господинот Чист” ќе реагира ако се изнервира. Со зоља, или со бомба.
    Сигурно претставниците на меѓународната заедница во Македонија сега се поразочарани, отколку кога нивниот пулен држеше стоилјаден град среде лето без вода. Или од времето кога неговите убиваа, раселуваа луѓе, уништуваа живеалишта и културно-историски споменици. Гарант се и поразочарани од тоа што ни ним не им кажува каде се исчезнатите и дали се живи.
    Се му простија. Не оти нема да му простат и за знамето, ама не е лошо да одглумат дека Господинот “Слика и прилика на рамковниот договор”, малку им излезе од рамката.

    4. Колку сме лигуши сведочи последното оригинално градско решение, за возење и паркирање на пешачката улица “Македонија” во Скопје. Градот ќе поставел рампа и низ неа ќе можеле да поминуваа само дипломатите на ЕУ, оти таму работеле. Македонците што работат во центарот на главниот град на Македонија нема да смеат да минат во забранетата зона на ЕУ.
    Улицата “Македонија” ќе заличи на граничен премин на европски аеродром. За граѓани на ЕУ може, за останати – не може. Со таа разлика што на нивните аеродроми не шиканираат нивни полицајци, а среде Скопје ќе не шиканираат наши полицајци.
    Ме интересира дали во пешачките зони во Брисел и Стразбур, може да вози и да паркира кола, било кој, па макар се викал и Пинто Тешеира.
    На овој начин, градоначалникот на Скопје Ристо Пенов ќе ја внесе Македонија во Шенген зоната. Мислам на улицата “Македонија”.

    5. Има многу непознати во случајот “коксаки во Македонија”. Прво, не знаеме дали има, или нема вирус. Второ, и ако го има, не знаема дали е опасен, или не. И трето, дали министерот за здравство Ѓорѓи Оровчанец им верува на своите изнституции, или не им верува.
    Сите овие прашања, министерот ги решава на едноставен начин. Му порачува на народот: “Мијте си ги рацете”.
    Оровчанец со оваа порака му го украде некогашниот изборен слоган на Петар Гошев – “Со чисти раце”. Овој слоган е како создаден за сопартијците на министрите од “Нова демократија”. Пример се лидерот на партијата Чедо Петров и мозокот на партијата Слободан Чашуле.
    Чедо Петров е ептен со чисти раце, а Чашуле е отпорен на сите вируси.

    6. Во Скопје дојде циркус. Со циркузанти и егзотични животни за кои тие мислат дека досега не сме ги виделе.
    Кутри циркузанти. Ќе се искомплексираат во оваа средина, кога ќе видат дека сме се виделе.
    Така искомплексирани, ми е страв да не ги откажат претставите. На шаторот ќе обесат табла: “Циркусот е дојден на практична настава”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира