1. Зошто предизборната кампања не трае подолго? Навистина, претставувањето на кандидатите за локалните избори е крајно здодевна забава. Меѓутоа, доколку некои од нив имаат повеќе време во кампањата, ќе можат докрај да ги реализираат своите активности. Токму за време на предизборната кампања во државата забележуваме големи работни победи, генијални идеи, значајни активности…
Токму деновиве во Скопје се одвива акцијата за чист град. Извршниот одбор на Градското собрание реши да им даде метли на стечајните работници (веројатно за одреден хонорар), за наместо да седат дома да работат за доброто на сите. Тоа што претседателот на Извршниот одбор е независниот кандидат за градоначалник Фуфо, нема никаква врска со изборите. Исто како што, претпоставувам, нема никаква врска тоа што “Макпетрол” преку медиумите порачува дека бензин ќе има доволно. До изборите или и по нив! Ќе ни биде соопштено преку нивната телевизиска станица, чиј директор Дарко Марковиќ е кандидат за градоначалник. Конечно ќе се поплочува и Камениот мост. Со камен од “Силекс”. Ова нема никаква врска со Ѕинго. Ниту пак со фудбалот. Иако Ѕинго лично може да биде задоволен. На овој начин “Силекс” и дефинитивно ќе го премости “Вардар”.
2. Врвен научно-технолошки дострел на прагот на 21-от век и на прагот на локалните избори во Македонија е – пуштањето вода. Премиерот Бранко Црвенковски подеднакво ги уважува саемот “Технома” во Скопје и селскиот водовод во новата општина Старавина во Мариово. Дури мислам дека во Мариово му беше позабавно.Таму барем се случи нешто конкретно. имаше врзано чешмиче со црвена панделка. Премиерот мораше да се помачи за да го разврзе јазолот. Видовме дека го бива и за тоа. Потоа ја одврте славината. На тој начин демантираше дека постојано ги завртува славините. Ни за милиметар не се повлече кога ја скршија стомната пред неговите нозе. Значи – непоколеблив е и не отстапува. И на крајот од свечената церемонија во Старавина настана вистинско одушевување и олеснување. Бранко пушти вода.
Баш убаво што премиерот пушти вода во Мариово. Според традиционалното верување во овие краишта – ќе ни тргне на арно. Не ќе беше лошо ако по свеченоста си ја земеше в џеб разврзаната црвена панделка со која беше закитена чешмата. Ќе му треба за вежби. Ако сé уште не научил како се врзуваат машни.
3. Од идниот скопски градоначалник бараме да ги отстрани од градските улици запрежните возила. Препорачливо е да биде добар со полицијата. Затоа што полицајците и во предизборната кампања сериозно ја сфатија пораката на скопјани дека сакаат улици без запрежни возила. Како, на пример, извесниот Драган Анѓелковиќ, со прекар Аркан, од полициската станица во Драчево, кому му пречело запрежното возило на еден шеесетгодишен драчевчанец, па затоа му ја скршил вилицата. Два пати.
Проблем е како овој ефикасен начин на отстранување на запрежните возила од градскиот сообраќај ќе се дополни со другите служби во градот. Погледнете ги листите на кандидати за градоначалници речиси во сите општини во државата. Има многу професори и лекари. Ако професорите ги напуштат училиштата, кој ќе ги учи полицајците културно и демократски да ги кршат вилиците? А, бидејќи и болниците ќе останат без лекари, ако овие станат градоначалници, сиромашките луѓе што ќе ги претепа полицијата ќе нема кој да ги лекува.
4. Тито повторно меѓу скопјани. На џез-фестивалот концерт имаше порториканскиот џезер Тито Пуенте. За време на концертот во Универзалната сала можеше да се слушне скандирање: “Тито, Тито…”
Нашиот Тито не беше таа вечер во Универзалната сала. Беше во Делчево на предизборниот митинг на СДСМ. Држеше историски час за локалните избори. Тито зборуваше за Гоце Делчев.
И министерот Љубомир Фрчковски го немаше оваа година толку редовно на џез-фестивалот, како минатите години. Македонскиот Мик Џегер го сменил музичкиот правец. Станал играорец. На сцената на Домот на културата во Битола играше оро меѓу сопартијците Тито Петковски и Љубомир Поповски. Ете, и Фрчко се фати на оро.
5. Ова изборите се најлошата работа што можеше да ни се случи на нас – новинарите. Мери збор за овој, мери збор за оној, премолчи ова, премолчи она, не објавувај нешто за да не се сфати како пропаганда, не објавувај нешто за да не се сфати како критика… Како и да ја завртиш работата, сите ќе бидат незадоволни од новинарите, сите ќе лепат етикети, ќе те ставаат во непријатана позиција да се браниш и објаснуваш…..
Не се ни потрудив да ги совладам правилата на медиумско претставување на кандидатите. Многу ми беа сложени. Затоа најдобро да ги ставам настрана сите наши кандидати. Да сме здрави и живи, ќе им се осврнам кога ќе ги изберат. Сега ви ги оставам вам. Јас ќе известувам за претседателските избори во САД. Се надевам дека Клинтон и Дол нема да имаат забелешки.