БРАВО МАЕСТРО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:78:"Мицотакис:"Емскопјанчиња-еммангупчиња!"

    1. Тоа што Грците паѓаат во бессознание, сега кога видоа дека зад нивната северна граница си имаат работа со влада – “ем скопјанчиња – ем мангупчиња”, во широките народни маси, во четвртиот круг редици околу бензинските станици на националната гордост со провокативно име “Макпетрол”, наиде на општо воодушевување и подигање на моралот до степен кога преминува во катарза. Вистинско прочистување на душите настанува тогаш, кога генералниот директор на “Макпетрол” на телевизија ќе изјави дека нема да попуштиме на уцените, но затоа пак од зголемената цена на дериватите ќе се најде и некое процентче за зголемување на платите на вработените во неговото претпријатие. Што е тоа во однос на граѓански сфатената обврска дека ќе умреме од сиромаштија, ама за тоа имаме дебело покритие – ни водат сметка за националното достоинство и нé прават среќни кога ни соопштуваат дека колку повеќе дена чекаш во ред за бензин, толку поголема заслуга имаш за меѓународното признавање на Македонија.
    Во таква ситуација сосема разочарувачки прозвучи кога пред некој ден во централната информативна емисија на Македонското радио ни соопштија дека “идната недела редиците пред бензинските пумпи ќе бидат само грдо минато”. За да нема нејаснотии, веднаш беше дообјаснето дека тоа ќе зависи “најмногу од нашиот потрошувачки менталитет”. Што би требало да значи дека од понеделник не треба да се редиме да чекаме бензин и да ги трошиме парите за глупости. Ако не успеат да нé убедат дека животот без автомобили е многу поздрав и поеконо­мичен, покрај популарната мерка за ограничување со бонови на само 20 литри, може да ни воведат и вонредни мерки. На пример – забрана на групирање на повеќе од три возила, едно зад друго на улица.

    2. Остана нејасно како новата влада направи “маестрален потег” со стариот потпретседател Јован Андонов. Белким не беше Кљусев единствениот што не му давал уште пред пет-шест месеци да тркне на два дена до Софија и Анкара и да преговара за алтернативни патишта за нафта. Колку што се сеќавам, првите посериозни тешкотии со бензините ги имавме уште ланскиот август. Каде беше Андонов тогаш, да се покаже со своите способности по кои се стресе цела Грција, заедно со непринципиелната Европска заедница?
    Доста нé измачуваа тие нас. Сега ние ќе им покажеме кои сме и што сме. Кога нема да им дозволиме 40 од сто од нашата размена со светот да ја оства­руваме со нив. За почеток нема да им го дадеме грозјето, да си прават вина. Можеби  така ќе дејствуваме да останат трезни и трезвено да го решат проблемот со нашето признавање. Така, не само што Европската заедница ќе ја смени уредбата за транспортните и трговски дозволи, туку ќе мора да се наредат 11 премиери и шефови на држави во хор со кој ќе диригира Мицотакис и во моментот кога тој ќе го спомене името на македонскиот нафтен јунак Јован Андонов, тие ќе мораат едногласно да извикаат: “Браво маестро!”

    3. Ние со Бугарите, а Бугарите пак со Европа и Америка. Ете, “Бритиш Гас” и компанијата “Тексако” добиле концесии на црноморскиот брег да вршат истражувања. Тоа ќе мораме и ние да го искористиме за развојот на нашето стопанство, иако сега сме им лути и не сакаме да соработуваме со нив.
    За почеток ќе ја пуштиме во погон Рафинеријата во Миладиновци. Со готовите деривати од Бугарија ќе запалиме оган. И ќе се фрлиме на печење пиперки и патлиџани. Па ќе направиме ајвар. Потоа, ајварот со цистерните на Макпетрол ќе го транспортираме до Црното Море. Колку да не одат празни во еден правец. А Американците и Англичаните ќе лапаат, ќе дуваат и ќе лижат прсти.

    4. Писмото што претседателот на Републиката Киро Глигоров му го уплати на претседателот на Русија Борис Елцин, со промотивниот лет на “Палер Македонија”, покрај тоа што беше носено од висок службеник во Министерството за односи со странство, беше придружувано од првите луѓе на македонската метропола: Милан Талевски и Јове Кекеновски.
    Откако со успех ги решија сите скопски проблеми, освен што уште не знаат како да ги распределат патиките што пристигнаа од Нирнберг, Талевски и Кеке­новски си дадоа заслужен одмор, па отпатуваа четири дена во Москва. Нивното отсуство особено го почувствуваа скопјани, ама сепак наоѓаат разбирање за работната турнеја на градските татковци. Во Москва се црпат искуства кои можат да се искористат во Скопје. А понекогаш можат да се најдат и евтини армоники.

    5. Не така одамна се мајтапевме со тактиката на ТВ Србија, која секој ден, во терминот за ТВ дневник, на вториот канал емитува сериозна музика. На тој начин луѓето се мотивираат да изберат да гледаат дневник.
    Македонската телевизија нема проблеми со мотивацијата на гледачите. Кај нас дневникот оди во исто време на двата канала. За секој случај. Да не му текне некому да избере сериозна музика.

    6. Еден од условите што Обединетите нации ѝ го поставуваат на српско-црногорската федерација, за да ја примат во своите редови како СР Југославија, е таа да ги предаде воените злосторници.
    Ако Милошевиќ и Јовиќ постојано тврдеа дека Србија не е во војна – тогаш не постојат ни воени злосторства.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира