1 Командантот на југоисточното крило на НАТО, американскиот адмирал Марк Фицџералд, пред неколку дена во Приштина изјави дека во НАТО се загрижени од големото количество оружје откриено во Македонија на границата со Косово. “Постоењето на слични скривници со оружје и трговијата со оружје можат да дестабилизираат земја како Македонија и затоа сме многу загрижени”, рекол американскиот адмирал.
Како тоа во НАТО се загрижени да не се дестабилизира земја како Македонија? Па нели ние ги исполнивме сите критериуми за НАТО? Нели поранешниот претседател на САД Џорџ Буш уште пред две години во Букурешт не поздрави како членка која утредента ќе влезе во НАТО? Нели ние сме практично во НАТО, само уште името ни фали за да влеземе?
Како сега одеднаш земја толку фино спастрена по стандардите на НАТО станува предмет на загриженост на НАТО само поради некои скривници со оружје. И тоа на граница што од другата страна ја контролира НАТО?
2 Прво имавме заедничка изјава на НАТО, ЕУ, САД и ОБСЕ за некаква загриженост за иднината на Македонија. Додека се трудевме да одгатнеме зошто ваква изјава доаѓа одеднаш, непредизвикана од ништо особено, се случи откривањето на оружјето и акцијата на македонската полиција на границата кон Косово.
Потоа европратеникот Ерван Фуере ја пофали полицијата оти брзо реагирала и го осуди коминикето на некоја нова ОНА чиешто било оружјето. А американскиот амбасадор Филип Рикер онака патем ни порача дека иднината на Македонија е под голем прашалник ако не се реши спорот со името.
Па нели Македонија е партнер на НАТО? Нели учествуваме во нивните мисии во Авганистан и Ирак како да сме членка на НАТО? Од каде дојде тоа фамозно писмо на меѓународната четворка “САД, ЕУ, НАТО и ОБСЕ”? Ако имаат некакви сознанија за можна дестабилизација зошто не им ги кажале на нашите државни институции? Нели партнерите треба да си разменуваат разузнавачки податоци меѓу себе? Така се однесуваат партнери. А не кај нас, не плашат со соопштенија по весници и телевизии.
Башка од кого ќе не плашат. Од тие што ни седат во Владата?
3 Паралелно со изјавите со загриженост за дестабилизација дојде и најавата дека СиЕнЕн доаѓа во Македонија да прави емисии во живо. Овој пат, доаѓале да прават само добри вести.
Да се надеваме. Оти се уште ги паметиме снимките од запалените села во југословенските војни од деведесеттите години и легендарната босанска клетва: “Да даде Господ куќата да ти ја има на СиЕнЕн”.
Првата од серијата емисии во живо од Скопје треба да се емитува в понеделник навечер. Истиот ден напладне закажан е голем митинг на Албанците во центарот на градот.
Не сакам да бидам параноичен. И среќа што Кристијан Аманпур си замина од СиЕнЕн, па нам ни праќаат друга новинарка. Ама ги молам партнерите. Ако знаат нешто што нашите не знаат, нека ни јават навреме. Да не чекаме СиЕнЕн до вечер за добрите вести. Да го вклучиме телевизорот порано. Кога веќе екипата им е тука, да не се најдеме на “бреакинг нењс” напладне од Плоштадот.
4 Многу ми е жал што не сме членка на Европската унија. И уште повеќе што валутата не ни е евро. Затоа што не можеме да и помогнеме на Грција. Нашите пари во споменици ги леат. А на Германците во Грција им ги испраќаат.
Видете ја Словенија. Брзаа уште од времето на Тито да се приближат кон Европа. Први од сите екс ју републики викаа: “Еуропа здај” (Европа сега). Работеа напорно да ги исполнат стандардите. Беа најдисциплинирани од сите поранешни комунистички држави и први влегоа во еврозоната. И сега што им се случи. Мораат да подигнат кредит за да и помогнат на Грција со поповолен кредит. И како што се дисциплинирани, навреме ќе и ги испорачаат парите на Атина.
Си мислев како би можеле и ние да и помогнеме на Грција. И ние да бидеме дел од Европа. И ние да почувствуваме како се практикува солидарноста.
Најдобро е барем еден член од секое семејство да подигне потрошувачки кредит. И сите да навалиме на одмор во Грција. Секој од нас да потроши барем 500 евра. Ќе се стиснеме, ќе помогнеме. Ама внимание. За да бидеме сигурни дека парите ќе одат на вистинско место, секогаш барајте фискална сметка. Немојте ни да помислите на Костас и на Елени да им изброите кеш за сопчето во Паралија. Мора и тие да платат данок за државата. Инаку од каде ќе најде пари Папандреу да ја плаќа грчката дипломатија за да се бори против Македонија.
5 Нема бесплатни лекови во аптеките, ама премиерот Никола Груевски рече дека “се работи веројатно за одреден технички проблем, поврзан со одреден правилник”.
И така е. Ако не можеш да дишеш тоа реално е технички проблем. И ако умреш оти немаш лек и тоа е технички проблем. И тоа не на Владата, туку на погребното претријатие.
Така што премиерот со немањето лекови нема ништо. Малку ли беше што им даде на пензионерите да одат без пари на бања, па сега уште треба да ги лекува? Па и бесплатен автобуски превоз им даде секој петок, така што ќе можат да се возат од Драчево до Ѓорче во посета на сите аптеки низ Скопје. Ако веќе толку инсистираат може да им понуди и бесплатен меѓуградски превоз. Па ако го нема лекот во Берово може ќе го најдат во Струга. Толку од Груевски. Повеќе од тоа ни Чак Норис не може да направи.
Се си мислев дека и недостигот на лекови е во програмата “Сто чекори”. Како најефикасен начин за намалување на бројот на пензионерите и консолидација на пензискиот фонд.
6 Многу врева се дигна околу споменикот на Гоце Делчев. Прво се зборуваше зошто го носеле ноќе, па што правел лично премиерот во 3 часот по полноќ со мајсторите кога го поставувале, па дали свадбата на Миле Јанакиески намерно траела до 3 по полноќ за потоа премиерот во еуфорија по пеењето и играњето да го пречека револуционерот… Па дури и трубачите утрината дошле од свадбата на Миле на иста сметка. Некои велат дека Гоце многу дебел го направиле. Други велат дека бил многу слаб. Некои пак велат дека Гоце никогаш не јавал коњ. Синким вчера со него ручале. Толку одамна паметат?
Како на никој уште не му текна да праша зошто Гоце така поставен фрла око на двете шмизли што тргнале на шопинг поставени кај старата Нама. И под мустаќ им се смее на капачките што зад него се фрлаат во Вардар. Значи, сепак, има некаква приказна меѓу старите скулптури и новите споменици на Плоштадот. Не се туку така фрлени.
7 Бранко сам си направи видеоинтервју. И рече дека ако СДСМ дојде на власт ќе ги прекине сите проекти од “Скопје 2014”, а веќе направените згради ќе ги пренаменел во нешто корисно.
Во што може да ги пренамени Бранко зградите што ќе ги изгради Груевски? Во супермаркети. Само по “Рамстор” како инвестиција се прослави.