1 Кога Јован Манасијевски беше министер за труд и социјала ги решаваше проблемите на социјалците со тоа што им бараше броила за струја.
Сега министер за труд и социјала е Стевче Јакимовски. Бидејќи социјалците се веќе решени од неговиот претходник, тој ќе се осврне на вработените. Ќе им ги намали правата и на тие малкумина што работат.
Двете стопански комори, онаа на комунистичките директори и другата на транзиционите менаџери се согласија со министерот дека работниците им прават проблеми. Седнаа пред два дена во Св. Пантелејмон на Водно, го нагостија министерот Јакимовски, а тој наместо благодарност им изјави: “Не може вработените да бидат заштитени како мечки во планина”.
Нема врска на кое место се наоѓа Стевче кога треба да дава умни изјави. Тој ќе си каже што си има да си каже и да е министер за економија и да е министер за труд и социјала. Без разлика дали е во град кога дава изјави за помилување на неплаќачите на данок, или со мезе во планинска кафеана кога ја решава социјалата.
Дали знае министерот Јакимовски дека според законот мечките кога ќе направат штета, штетата ја плаќа државата.
Кога некој работник ќе направи штета, штетата не ја плаќа државата. Но, кога министер ќе направи штета, штетата ја плаќа државата.
Не постои мечка што може да направи толкава штета за државата, колку што може да направи само еден министер.
Колку министри има во Владата? Изгоре шумата.
2 Стевче сега ќе се вади дека пак бил погрешно сфатен и дека новинарите му ја извадиле изјавата од контекст.
Значи, мечките треба да ги тренираат. Да знаат да играат кога ќе им чукаат на дајре.
3 Јавниот обвинител Александар Прчевски не е министер, ама и тој се однесува како мечка. Прчевски е во длабок зимски сон.
Завчера рече дека околу случајот “Кметовска” ќе се знае дали ќе има обвинение за неколку часа. Вчера веќе беше речено дека ќе бидат малку повеќе од неколку часа – до идната недела.
Прчевски чека документи од Клиника. Каков е тој јавен обвинител кој не може да тропне на маса, туку само си чека. Па поштата ќе задоцни, па пратката ќе се загуби, па секретарката ќе се разболи… Прчевски си чека.
Така Прчевски чекаше и на документите за паѓањето на претседателскиот авион. Дипломатската пошта доцнеше, па немало превод, па босанците заборавиле некој документ, па не стигнала англиската верзија. Прчевски си чека.
Обвинителот чекаше и Хари Костов да даде оставка за да може да го распраша за Агрон Буџаку и сомнителните продажби на државното земјиште. Сега документите треба да стигнат од Министерството за транспорт и врски, па нема да бидат комплетни, па ќе ги заташка курирот… Прчевски чека.
Државниот јавен обвинител е познат по чекањето. Порано беше претседател на судот во Битола. И парите во ТАТ пропаднаа од неговото чекање.
4 И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски чека. Прво се думаше како ќе постапи Љубчо, потоа слушаше што ќе му каже Андов, испитува како ќе се испазари со Третиот пат, се плаши да не биде зафркнат од Трифун ако му даде поддршка против Пенов, го кандисуваат за градоначалниик оти имал голем рејтинг, ама му е страв да не го изгуби и пратеничкото место, анализира да не направи грешка како со Бранко кога не одлучи да бојкотира… Си чека…
СДСМ може да продолжи да не се буди од длабокиот сон. Бучко е заштитен како мечка. Со Груевски како опозиција било која власт не треба да се грижи за својата иднина.
5 Бранко и Бучко чекаа работава со Хаг и со Љубе да стане сериозна, па и тие да кажат дека евентуалното обвинение само против поранешниот министер за внатрешни работи ќе било еднострана одлука на судот.
Што им е виновна сега Карла дел Понте, која запнала само од Љубета да прави злосторник. Другите злосторници се кријат во име на коалицијата. Малтретирањето на работниците е злочин против човештвото, дигањето на двајца вработени во воздух врзани за столб во мотелот “Бриони” и исто така злочин против човештвото, киднапирањето цивили е исто така злочин против човештвото, држењето цело Куманови без вода е исто така злочин против човештвото…
Е докази имало само за Љубе. Оти тој бил министер и ќе одговарал по командна линија. А командантите од другата страна нема да одговараат. Тие се сега министри.
6 Бучко, Илинка и Рада на 14 февруари ќе одат во Брисел да ги носат одговорите на прашалникот на ЕУ.
Тој ден кај нас се слави како Свети Трифун, или – Денот на пијаниците.
Во Брисел се слави Свети Валентин. Денот на вљубените.
Од тука ќе тргнат опиени, а таму ќе се вљубат.
Бучко, Илинка и Рада пијани од љубов во чекалницата на ЕУ.
7 Во еден нов случај на Клиниките во Скопје родителите се сомневале дека детето исчезнало, а излезе дека починало, а тие не биле саглам известени.
Директорот на Детската клиника кој е и лекар рече: “Ние им рековме дека детето егзитирало, а дали тие разбрале или не, тоа е нивен проблем”. Плус, лут поради недоразбирањето праша што облека очекувале родителите да им врати клинката од двомесечно бебе. “Што да им вратиме – фракот!?”, праша докторот.
Ало докторе, се обраќате на луѓе на кои им умрело дете. Ајде и да прифатиме дека докторите имаат право на грешка. Но, имате ли право на нечовечност?