БРКАЊЕ ПЕСОК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:40:"Ракетитетопнегибие

    1. Што му требаше на премиерот Љубчо Георгиевски да изјавува за Македонското радио дека Македонија е бомбардирана од странски инвестиции. Пука на сите страни.
    На министерката Доста толку ѝ се собра работа, што ќе почне да вика: “Доста!”. Сите велат дека е моќна жена, па многу ѝ даваат работа, за да не се заседи. Малку ѝ беа рекетари, сега ќе мора да брка и ракетари.
    На цела мака, госпоѓицата Димовска се среќава и со странските дипломати. Им ветува дека полицијата ќе се бори против организираниот криминал. Ништо не кажа за организираниот тероризам. Зашто, ракетирањето на полициската станица во Осломеј нема такви димензии. Веројатно, некој минувач застанал со кола, го извадил ракетниот фрлач што му се нашол при рака како лично вооружување за самоодбрана и испукал две ракети во полициската станица. Ниту некој загинал ниту, пак, бил ранет. Неорганизирана работа.
    Злобниците велат дека Фрчкоски ѝ бил советник на Димовска. Се гледа по однесувањето на полицијата. Само прави паради. Дури направи и фоторобот на еден од убијците на полицајците. Останува уште акцијата за бркање песок и пребарување на гаражите во Арачиново, па да поверуваме во приказните за советничката улога на некогашниот прв полицаец во кабинетот на сегашната прва полицајка.
    Јас лично не верувам во тоа. Не, барем додека не видам златен часовник “ролекс” на раката на Доста. И додека не се појави со изјава дека во Арачиново имало само приватна журка, а ракетирањето во Осломеј е надуен балон.

    2. Сепак, верувам во приказната за притворениот од Арачиново, кој во полициска станица починал поради предозираност со кокаин. Убаво се виде од снимките на телевизија. На човекот му било преку глава од кокаинот. Имаше видливи траги на лицето.

    3. “Бум” во Осломеј, “бум” во Белимбегово. Во Осломеј експлодирала ракета, во Белимбегово експлодирала грчка инвестиција.
    Бидејќи нашата влада не ракета, туку топ не ја бие, министрите решија повеќе да се осврнат на експлозијата на грчката инвестиција во колбасарската индустрија во Македонија.
    Не помина ни еден ден откако претседателот Борис Трајковски на отворањето на Кардиохируршкиот центар во Воената болница изјави дека сега ќе бидат “задоволени гладот и апетитот на македонските граѓани”, избраниците на граѓаните побрзаа на грчки колбаси.
    Бидејќи “Никас” од Атина се потегнал до Скопје да отвори фабрика за сувомесни производи и да вработи стотина луѓе, тоа беше доволна причина на ручекот да дојдат и претседателот на државата Трајковски, и премиерот Георгиевски, и половина Влада. Особено што газдата на “Никас” е кум на грчкиот премиер Симитис. И што од грчка страна беше дојден министерот за северна Грција, па соодветно на нивото, од наша страна мораше да бидат и претседателот и премиерот.

    4. Додека претседателот и премиерот му правеа друштво на грчкиот министер, другите министри во Владата се распрснаа во стрелци за да го проверат квалитетот на меѓусоседските односи.
    Министерот за надворешни работи Александар Димитров знае дека позитивна енергија со соседите се добива само со полн стомак. Министерот за одбрана Никола Кљусев се интересираше да не дошле случајно, со пратката на колбасите од Солун, уште неколку хаубици од пред втората светска војна. Министерот за развој Борко Андреев заскитал. Тој мислел дека се отвора зоната во Бунарџик. Министерот за образование Гале Галев беше дојден да провери дали нашите високообразовани кадри можат да одговорат на предизвикот на правење грчки колбаси. Министерот за култура Љубен Пауновски се интересираше дали со оваа инвестиција ќе се зачуваат културното наследство и традицијата на правење суџук. Министерот за урбанизам Душко Кадиевски дошол да проба зошто Георгиевски му дал на грчкиот инвеститор голо парче земја. Министерот за иселеништво Мартин Треневски сакаше да се увери дали колбасите на грчките иселеници во Австралија се со ист вкус како тукашните. А министерот за екологија Тони Поповски имаше специјална задача да испита да нè ни подметнат Грците нездрава храна.
    На ручекот не се појави Доста Димовска, иако таму ѝ беше местото, бидејќи требаше да го расветли “бумот” на оваа инвестиција. Меѓутоа, од толку пукање на разни места во државата, сиромашката не успева да оди на ручек со кумот на Симитис. Потпретседателот Тупурковски го зезнале. Не му кажале дека ќе има ручек, па пред тоа се најал ќебапчиња. Министерката за трговија Милијана Даневска протестира, зашто грчките колбаси не се вклопуваат во кампањата “Да јадеме македонски производи” А министерот за финансии Никола Груевски не дошол зашто му било страв. Ги знае апетитите на неговите колеги, па се исплашил да не му ја испорачаат сметката за ручекот нему.
    Ги немаше ни министрите од ДПА. Тие не мрсат додека ги чекаат резултатите од балистичкото вештачење на ракетата “земја – земја” што падна на нивна територија.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира