1 ДПА се закани дека ако падне нивниот заменикминистер за внатрешни работи Рефет Елмази, ќе падне и Владата.
Кај ќе оди тогаш Мендух Тачи? Ќе се врати во “Дора” во Тетово? Ќе пие кафе и ќе чека нова пресметка со ДУИ? Или ќе оди на студиско патување во САД. Ќе му дадат виза за курс за нови демократии.
ДПА ќе остане во Владата. Заедно со заменикминистерот што клоца пратеници, и тоа во Парламент. А ние ќе одиме во ЕУ и во НАТО. Затоа што владејачкото мнозинство тоа го поддржува.
Тие што скапо му наплаќаат на премиерот Груевски за советите за рекламирање на Владата, сега нека му дадат совет и како да го смени Елмази. Од тоа подобра реклама нема да има. Ни СДСМ нема да праша колку пари ќе чини.
2 Косово треба да добие независност. Затоа Мендух Тачи од собраниска говорница откри дека СДСМ ѝ помага на Србија по налог на српските тајни служби да прават беља околу Косово.
Не знам за СДСМ, ама изгледа дека КОС го натерал Елмази да го клоца пратеникот Мерсим Положани. Да се тепаа Албанец со Македонец, тоа ќе му дојдеше нормално и локална работа. Ама затоа што се степаа Албанец со Албанец се дигна меѓународна врева.
Тачи се навредил оти го нарекле војвода. Зошто е навредливо ако некој ти каже дека си војвода? Затоа што качачките банди немале такви чинови. Навредениот Тачи ги смести сите во чинови кои му се познати од ЈНА. Старији водник Радмила Шеќеринска не можеше да си дојде на себе од унапредувањето.
Тачи споменуваше и четници и четничиња. А целата таа расправа беше затоа што Рефет Елмази тепал како српски џандар.
Вчера се јавија и Титовите нови социјалдемократи. Македонија не може да биде комплетна без партизаните.
3 Баш ми е гајле што тие во Собранието се тепаат и се навредуваат. Ама многу ми е криво што за тоа ние им плаќаме. И тоа скапо.
4 Американската амбасадорка во НАТО Викторија Нуланд минатата недела рече дека сме само две милји до НАТО. Завчера помошник генералниот секретар на НАТО Мартин Ердман рече дека ни останала уште само една милја.
Што знаат деца што е една милја. Трчаат, трчаат, па кога ќе дојдат на 100 метри до целта, ќе паднат. Или ќе истрчаат до крај, ама ќе ги дисквалификуваат поради допинг.
5 Земјите на НАТО се тресат. Уште ја чекаат дипломатската офанзива на претседателот Црвенковски, премиерот Груевски и на министерот за надворешни работи Милошоски, кои првиот понеделник од месецот ги започнаа редовните средби за кохабитација.
Офанзивата сѐ уште е во најава. Оти во многу земји на НАТО за инает останавме и без амбасадори. Па нема кој да ја пречека ударната тројка кога ќе се истовари на аеродром.
Во Лондон нема амбасадор. Во Шпанија нема амбасадор. Во Данска нема амбасадор. Сите тие се неважни членки на НАТО. И во Холандија нема амбасадор. Само што таму остана тепачот. Така што барем во Хаг можеме да покажеме ефективна сила.
6 На опасната македонска офанзива, контраофанзива низ земјите членки на НАТО прави грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани.
На сите им вели дека “Скопје не може да влезе во НАТО”.
Ако Скопје не може во НАТО, може ли да им ги дадеме барем Арачиново и Сарај. Оти Бродец сигурно заслужил да влезе во НАТО. Тоа првенствено е воена организација, а толкав арсенал оружје е достоен за сериозна НАТО база.
7 На почетокот немаше никаков договор. Потоа беше покажана волја за разговор. Потоа беше подадена рака. Потоа стана записник. Потоа беше устен договор. Потоа стана Мајски договор. Сега стана услов за НАТО.
Ако премиерот Груевски не побрза да ги исполни точките од записникот од усниот договор што го направил во мај, ништо чудно в година, покрај Охридскиот договор, Али Ахмети да прави прием и за Мајскиот договор.