1. Собрани се 160 илјади потписи како предлози до Собранието за распишување на предвремени избори. И – што!? Не верувам дека некому во државава му е јасно како ќе течат натамошните активности околу ова прашање. Што ќе преземе Собранието? Како ќе се однесуваат партиите што се појавија како иницијатори на оваа масовна акција? Дали ќе реагира Владата? Што ќе смисли како одговор владејачката партија? Што очекуваат граѓаните чиишто ливчиња со потписи ги броеја службеничките во архивата на Собранието цела ноќ, до 5 часот вчера изутрина?
Сега засега едно е јасно – 160-те илјади гласови “против” сегашната власт би требало да значат бессона ноќ и за некои други, поважи луѓе отколку што се вработените во собраниската архива. Особено ако токму таа вечер, наместо за заспивање да го применуваат методот “броење овци”, го практикувале новиот метод “броење ливчиња”. Ете ти сериозна причина за бессоница. Како ливчињата да се претворат во овци!? Колку повеќе овци, толку помирен сон.
2. Не знам дали агитаторите насилно влегувале по становите, зашто со таков податок располага СДСМ. Не знам и дали притоа ги бањале децата во “Бекутан”, како што тврдат во ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, имам свое мислење за тоа инкасаторско одење по становите.
Одењето од врата до врата го сфатив како анкетирање на граѓаните. Агитаторите всушност вршеа анкета кој е симпатизер, а кој не, на нивните партии. Не сум толку параноичен да помислам дека некој нема попаметна работа отколку во некој партиски тефтер да ги бележи “домовите што се за нас” и “домовите што се против нас”, ама едноставно ми пречи кога некој ме тера јавно да се изјаснам за кого сум. Тоа ти е исто како кога за време на избори некој би ти се пикнал зад параванот и би те гледал чие име на кандидат заокружуваш. А тајноста на изборот е загарантирана!
3. Впрочем, кога човек подобро ќе размисли, нам и не ни требаат избори. Не барем следниве 40 до 50 години. За да го задржиме историскиот континуитет. Кого ли би избирале кога овие што сега се на власт се најдобри.
Премиерот Бранко Црвенковски ни кажува дека ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија “ниту програмски, ниту кадровски не се подобрата алтернатива за иднината на Република Македонија и на нејзините граѓани”. На премиерот му личи такво нешто да каже. Да беше, на пример, некој обичен граѓанин и да ни го соопштеше личното мислење за опозицијата во државата, немаше толку да му обрнеме внимание. Вака оценката е навистина многу сериозна. Штом Бранко така вели – така е!
Затоа и нема потреба да се организираат избори. Постои опасност граѓаните да изберат некој што ниту кадровски ниту програмски нема да им обезбеди таква иднина каква што сега им обезбедува СДСМ. Нема смисла граѓаните поради сопствена грешка при изборот да страдаат.
Премиерот не објасни од каде тој го црпи својот успешен кадар. Тоа мора да е строго чувана партиска тајна. Колку што знам, политичката школа во Кумровец одамна е затворена.
Особено е интересно и неговото размислување дека опозиционите партии немале трпение премногу да чекаат и почнале кампања за предвремени избори, со една единствена цел – да ја преземат власта. Замисли ја ти таа работа! Тоа е невиден безобразлак. Кај се видело такво чудо, партиите да се борат да ја освојат власта!? Во која демократска држава такво нешто е дозволено? Тоа го има само кај нас.
4. Дојде пролет, а времето е како во есен. Мрачно е и по цели денови врне дожд. Сé си мислам дека ова е последица на нашето упорно барање да станеме членка на НАТО. Сакате да станете дел од Северноатлантскиот пакт? Е, тогаш морате да имате и северноатлантска клима!
За да се заштитиш од дожд, мора да носиш чадор. Затоа ние бараме место под НАТО-чадорот.
5. Во говорот на американскиот амбасадор во ОН Медлин Олбрајт, што на новинарите им беше поделен за време на свечената церемонија на отворањето на американската амбасада во Скопје, на неколку места се споменуваше терминот “бивша југословенска република Македонија”. Меѓутоа, госпоѓата Олбрајт, веројатно од почит кон претседателите на Собранието и на Владата, кои заедно со сопругите седеа на сцената заедно со неа, успешно го избегна овој термин, притоа уште поуспешно избегнувајќи да го употреби и името на нашата држава. Македонија во говорот што го слушнавме беше – “Оваа прекрасна земја”.
Досега слушнавме многу предлози како би можеле да се викаме. Од сите имиња најмногу ми се допаѓа токму последново: Република Прекрасна Земја. Или, Чудесна Држава. Што мислите за ваков новинарски наслов од извештајот за посетата на американската амбасадорка во ОН на Скопје: “Олбрајт во Земјата на Чудата”.