1. Главна занимација на македонските граѓани во последните неколку месеци е броењето. Прво бевме зафатени со броењето гласови на изборите. Потоа почнавме да ѝ ги броиме стоте дена на новата влада. За тоа време броевме колку луѓе ќе бидат ставени на нови места и колкумина ќе бидат тргнати. Ги броевме и аферите со јавните набавки, милионите марки и тешките злоупотреби.
Тоа што, во меѓувреме, продолжи броењето на деновите до плата, на загубарите и на невработените не ни пречеше да се занимаваме со поведри теми од типот на пребројувањето на милијардата на Циле, броењето на кокошарници, распрашувањето колку милиони ќе одат овде, колку онде… За да не заборавиме каде живееме, деновиве ги броиме и тепачките во градските автобуси.
По посетата на премиерот Љубчо Георгиевски на Бугарија, броиме и тенкови. На граничниот премин Богородица кон Грција секојдневно ги броиме конвоите на НАТО. На Скопскиот аеродром ги броиме слетувањата и полетувањата на транспортните авиони. Како противтежа, на северната граница, на преминот Блаце ги броиме бегалците од Косово. Никој не знае точно колку имаме бегалци ни колку имаме НАТО-вци. Ќе ги изброиме. Што ни е друга работа.
Во рамките на математичката активност, сé уште никој не се сетил да изброи колку има овци. Дали се навистина два милиона, колку што тврдат злобниците, и дали навистина се поделени во две стада. Броењето овци е корисна ментална активност. Дејствува смирувачки, особено споредено со броењето војници и бегалци. Се верува дека ако не можеш да заспиеш, треба да броиш овци. Што повеќе овци, толку помирен сон. Проблемот настапува кога ќе се разбудиш. Тогаш ќе сфатиш дека приказните што ни ги раскажуваа пред да почнеме да ги броиме стоте дена биле само еден убав сон.
2. Само претседателот на Собранието Саво Климовски нема проблеми со броењето денови до претседателските избори. Што се однесува до него, изборите можат да бидат уште денеска. Всушност, не мора воопшто и да се одржат. Затоа што претседател на државата ќе биде Васил Тупурковски. Така вика Саво. Така им кажа и на тајванските новинари.
Во воздухот се чувствува раскол меѓу македонските јасновидци. Пред неколку дена еден предвиде дека Тупурковски нема да биде идниот претседател на државата. Советничката на премиерот Георгиевски, јасновидката Мина, сé уште не се концентрирала на овој проблем. Само јасновидецот Саво знае што ќе се случи наесен.
За Саво Климовски е познато дека тој гледа далеку во иднината. Уште кога беше во Странката на Југословените, веруваше дека Југославија ќе опстане. И погоди. Така што, ако Циле се потпира на прогнозите на Саво, сигурно ќе стигне до претседател.
3. Веројатно не е лоша идејата и Министерството за внатрешни работи да ангажира некој јасновидец. Неговата задача ќе биде да предвидува на која автобуска линија ќе дојде до тепачка меѓу средношколците Албанци и Македонци. Зашто, ако продолжи вака, ќе мора да се распише тендер за повеќе полициски комбиња. Зад секој автобус ќе оди по една “марица”.
Каква смисла би имала, на пример, мисијата на Макс ван дер Штул, ако Албанците и Македонците не се тепаат. Кога веќе некои, за инает на Владата, го убедуваат дека меѓуетничките односи не се релаксирани, тогаш за тоа мора да приложат и убедливи докази. Така што ќе мора и да ги организираат децата. А деца како деца. Што знае дете што е релаксација. Ако треба да се удира – нека се удира. Земи прачка и мавај.
4. Тајванските новинари што допатуваа во Македонија, првиот ден даваа изјави колку се среќни што престојуваат во една таква голема земја каква што е Македонија. Патем, кажуваа дека не знаат многу за нас, ама учеле историја, па така добиле некои сознанија за Македонија. Којзнае што уште им кажувал Тупурковски кога бил таму, и дали им раскажувал за неговите истражувања за античка Македонија, па можеби Тајванците си помислиле дека станува збор за империјата на Александар Македонски.
Рака на срце, би било убаво земјава да ни беше малку поголема, ако веќе толку сакаат да ни даваат пари. Зашто, искуството ни зборува дека колку многу пари можеме да искрадеме, ќе ни треба нешто поголема држава од оваа.
Туку, дај додека е време да им расчистиме на тајванските колеги дека милијардата треба да стигне тука, а не во земјата на Александар Македонски. Да не се збунат луѓето, да не знаат каде да инвестираат, па наместо кокошарникот во Струга, да го изградат во Александрија, или, пак, наместо Гевгелија да добие рафинерија, да никне нова рафинерија во Иран.
5. Ако веќе претседателот Глигоров и премиерот Георгиевски не можат да се усогласат со кохабитацијата, тука се нивните сопруги да ја завршат работата. Завчера, госпоѓата Нада Глигорова имаше хуманитарна акција во Демир Капија, а вчера, госпоѓата Снежана Георгиевска во Скопје.
Глигорова и Георгиевска си се мешаат во ингеренциите, исто како нивните сопрузи, ама, сепак, кога кохабитираат првите дами, барем нема штета за државата. Ако веќе од конкуренцијата меѓу Глигоров и Георгиевски немаме никаква корист, освен забава за народот, тогаш барем конкуренцијата меѓу Глигорова и Георгиевска ќе донесе корист за поголем број деца без родители, хендикепирани и ретардирани.