1. Љубчо ја мери дебелината на ѕидовите на албанските дворови. Открива дека 50 години се водела погрешна политика. Албанците се подготвувале за војна, бидејќи граделе ѕидови дебели 60 сантиметри.
Зошто не си го викна довчерашниот партнер Арбен Џафери, заедно да ги мерат ѕидовите, кога веќе успешно и зедоа мерка на државата. Башка, во овие речиси три години владеење, Љубчо се покажа добар со бројките. Сега ги брои сантиметрите. И тоа му паѓа потешко отколку кога со Мендух Тачи вежбаа релаксирани односи. Тогаш имаше многу работи за броење. Шлепери, на пример…
2. И така, бројка по бројка, нè научија сите да броиме. Секој ден броиме нови жртви по планините. Броиме изгорени куќи во Битола. Броиме колку дена во Куманово нема вода. Броиме раселени лица во Арачиново… И молчиме како безгласни букви. Додека не почнеме да броиме само мртви.
Всушност, Љубчо и Џафери го постигнаа тоа што го сакаа. И, претпоставувам, би биле најсреќни кога не би имало враќање назад, како што сега изгледа. Двајцата во историска улога. Едниот да ги обедини Албанците. Другиот да ги избрка.
Единствено, Љубчо се чувствува фрустриран зашто овој пат не може да му биде конкурентен на принципиелниот и чесниот Џафери. Двајцата повеќе од две години нè убедуваа дека тие се господарите на војната и мирот. Финтата е што сега Љубчо не може да му биде партнер на Џафери. На Џафери војната му оди подобро. Со партнерот Ахмети добро си играат. Кога сакаат припукуваат, а АРМ жестоко возвраќа, а кога сакаат убиваат.
Од оваа страна видовме многу погреби и тела на мртви војници и полицајци. А од другата страна, досега видовме само мртов коњ. Оној сиромашкиот што го натовариле со бојлер. Тие нам војници, а ние ним коњ. Следниот пат ќе натоварат и када. За да нè направат ептен магариња.
Па дури и сега, во услови кога земјата е во хаос, тие не запираат. Единственото нешто што го прават е како да си го оправдаат лошото владеење. Животот тече понатаму. Луѓето си местат судии, се испраќаат во амбасадори, купуваат фирми за без пари, членуваат во управни одбори, закупуваат дуќани…
Тоа, сепак, влева надеж. Ако не за друго, туку поради тоа што и тие не се убедени дека државата ќе пропадне. И ова нема да биде крај на Македонија. Ќе биде крај на нивното владеење.
3. Кој ја направи војната – ја направи. Ама, ај сега Бранко нека ја сопре. Нели имаше идеја! Нели СДСМ има квалитетни кадри, какви што нема ВМРО-ДПМНЕ! Сигурно пред да влезе во Владата си направил проценка.
Бучковски вели дека ќе има комбинирана офанзива . Војничка, дипломатска и политичка.
Ние и си страдаме од лоши комбинации. Една пробавме. Љубчо и Џафери. Сега ќе ја пробаме комбинацијата Љубчо и Бранко. За проба пари не бараат. Може само да ни се слоши.
4. Кој му го смести на Борис Трајковски? Можеше ли баш од кола со бугарска регистрација да му пукаат во правец на кабинетот? Па џабе ли им помагаше во изборната кампања само ден пред тоа, кога им отиде во посета. Бранко ли му мести бугарски непријатели, или Љубчо сака да го испровоцира за да си играат заедно генерали.
Пусти Борис, што го снајде. Можеш да ги замислиш, ако биле заедно со Бранко, како реагирале на куршумите. Некој умешен би можел да ги нацрта во стрип. Борис и Бранко како граѓанинот Мирко и курирот Славко на новото време. Пази Мирко, куршум. Ти благодарам, Славко што ми го спаси животот.
Така е тоа во животот. Никогаш не знаеш што ќе те снајде. Особено ако си претседател. Доста го измисли. Љубчо го истурка. Џафери го изгласа. А сега Бранко го спасува од нив.
5. Од бугарска кола некој пукал среде Скопје каде што врие од полиција. И не го фатиле. Па пукал и пред Судот. Го бркале. Не го фатиле ни таму. Што феномен кола ќе беше. Возела сиромашката додека не ги испукала сите куршуми. Кога снемало куршуми, застанала. Ја најдоа во Автокоманда.
Тој што пукаше рече дека му пукнал филмот. Виде – не виде, ја остави колата и потоа го фатија. Да не ја разочарува полицијата. Нека книжи Љубе Бошкоски една успешна акција.
Џабе “крајслерите”. Еден “опел” не можат да фатат по скопските улици. Американската брзина и луксуз откажаа пред германската издржливост и брзина. А нам ни откажаа нервите.
6. Изминатава недела, додека во Македонија се случуваа многу интересни работи, во Англија се одржуваа едни многу здодевни избори. Имав среќа и можност да видам малку од нивната атмосфера.
Во еден типичен англиски паб во Дерби, близу Бирмингем, прашавме еден старец, што ја отепуваше здодевноста со пиво, за кого гласал. Ни одговори: Во животот не дискутирам само за две работи – за политика и за религија.
Не знам дали и во ирски паб би го добил истиот одговор, но во балканска крчма сигурно – не.
7. Уште една интересна случка од британските избори. Министерот за образование се појави во едно основно училиште, во рамки на некоја програма како малите Британци уште од мали ги учат на демократија. Сè беше стокмено за кампањата, во која едно од главните прашања на лабуристите на Тони Блер беше – “Повеќе учители во училиштата”. Министер, деца, стара учителка, камери, фоторепортери, новинари, пренос во живо на ТВ…
И – како во вицовите за малиот Ѓокица и учителката што прашува, на телевизија го видовме ова: “Деца, што е тоа што многу значајно ќе се случи овој четврток?” Децата во чудо, збунето гледаат во камерите и одеднаш се јавува малиот Ѓокица (или Џорџ) и сигурно одговара: “Во четврток ќе дојде мајстор дома да ни намести кабелска телевизија!”