1. Локалното албанско население го блокира патот кон разурнатиот мотел Бриони во Челопек. Тие не дозволија поставување спомен обележје за двајцата соседи – Македонци дигнати во воздух заедно со мотелот оти не сакале да чувствуваат колективна вина.
Да не сте чуле некогаш некој од нив да го осуди терористичкиот акт. Поминаа три години, не се сеќавам.
Каде е Кондарко? Многу ме интересира што има тој да изјави по прашањето за Челопек и мотелот Бриони. Горам од желба да го слушнам официјалниот став на СДСМ за унитарна Македонија и за националистичката опозиција што не ни дава да мрднеме на патот кон ЕУ.
Каде е Али Ахмети? Можеби од седиштето на партијата во Мала Речица и тој има нешто да ни порача. На пример дека Македонците од Струга и Кичево не треба да се плашат од новата територијална поделба. Таму локалната власт ќе функционира на примерот на Челопек.
Каде е Радмила Шеќеринска? Можеби и таа сака да ни каже дека случајот со блокадата на патот кон местото во кое пред три години беа дигнати во воздух двајца Македонци е многу важен за евроинтеграциите, ако не и клучен. Нека каже, оти ние сме обичен народ, не знаеме. Тие како политичари мораат да гледаат малку понапред од народот.
Каде е Солана да испрати писмо со поддршка? Би испратил, ама не знае до кого.
Каде се НАТО, ОБСЕ, САД и ЕУ заеднички да го осудат она што се случува во Челопек? Би осудиле тие, ама не знаат кого.
Кога не убедуваше дека новата територијална поделба на општините е за доброто на државата, Бранко ни порача да погледнеме подалеку од Струга и Кичево. Македонска Македонија да сме ја направеле европска Македонија. А ние – слепци. Гледај, гледај, погледот не оди подалеку ни од Челопек.
2. Во Челопек функционира локалната самоуправа. Луѓето не дозволуваат да се пријде до мотелот оти тој бил дивоградба. Оти во Брвеница, Тетовско и богами и насекаде низ западна Македонија нема дивоградби. За се што е изградено платени се сите давачки кон државата.
Затоа и градоначалникот на Брвеница е многу строг и правичен. Инсиситира на закон. Ако се изгради мотелот што се наоѓа на земјиште што треба да се денационализира, локалното население ќе излезело од институциите на системот. Нема судови, нема жалби, нема решенија… Што значи тоа “излегување од институциите на системот”? Ако не ја вратите земјата, ќе ве дигнеме во воздух!
3. Прв пат во Македонија над 150 илјади луѓе покажале некаква граѓанска свест во рамките на институциите на системот. Тие се потпишале на барање за референдум што е нивно право загарантирано со Уставот, а СДСМ упорно се обидува да си ја задржи коалицијата и за тие потреби си го измисли терминот “етнички референдум”. Во светот веќе одат извештаи во кои потписниците за референдум се квалификуваат како “противници на законот што ќе им даде поголеми права на Албанците”.
Има ли некој народ во светот поглупава власт од македонскиот? СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе си го претворат граѓанскиот референдум во партиска пресметка, а Али Ахмети може мирно да гледа како Македонците ќе си се караат меѓу себе. Зошто да си ја расипува “петката” како миротворец.
Седнаа со него, се договорија без да објаснат зошто баш ваква реорганизација, дома не направија недоветни, а во светот не претставија како фашисти.
4. Кога видоа дека нема да се спасат од потписите, на помош ја повикаа меѓународната заедница. Демек, ЕУ немало да прифати позитивен исход на референдумот.
ЕУ ќе се прилагоди на ситуацијата на теренот. Во март 2001 година, Солана и Робертсон луѓето од УЧК ги нарекоа “бандити и разбојници”. По неколку месеци се прилагодија на ситуацијата на теренот. Бандитите и разбојниците станаа власт, оти УЧК стана ДУИ.
5. Ако референдумот биде успешен ќе сме се одалечеле од членство во ЕУ. Кој ни го кажува тоа? Бранко.
Тоа е истиот Бранко што беше премиер многу одамна и владееше шест години. Тогаш Бугарите доаѓаа во Македонија да заработат по две червени, а Романките играа на шипка за гола живејачка. ЕУ не ни помислуваше на нив.
Што го спречи тогаш Бранко да не внесе во ЕУ?
И Хрватска ќе ни помогнела да влеземе во ЕУ. Тие уште не се членка, ама ги одговориле прашалниците.
Македонија ја потпиша Спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ, во ноември 2000 година, токму во Загреб. Тогаш Хрватска беше во преговори да ја потпише истата спогодба.
Сега истите тие што беа зад нас, ќе ни помагаат да ги пополниме прашалниците. Оти сме неписмени.
При тоа не советуваат да не лажеме.