1. Сиромашкиот наш претседател Борче. Не само Тачи што му се заканува, не само што Љубчо мудро молчи, туку сега и пратениците му се налутија па сакаат да го менуваат. Еве и Андов ултиматуми поставува, ако претседателот не го потпише законот за пратеници. Не му е на Андов до пензијата. Не му е ни до дипломатскиот пасош. Туку, кога ќе го сменат Борчета, еве ти го Столе, во меѓупериодот повторно во Кабинетот на шефот на државата.
Арно ама Борче не се дава. Ќе го потпише законот. Демек го почитувал Уставот, а и си ги преслушува лекциите од Андов. Како да не, до Уставот му е. Море се исплаши да не го сменат. Какви се, толку и им чука.
А толку се беше занел господинот претседател. Кога се врати од Америка, допатува како крал. Зборуваше во кралевско трето лице еднина. “Американците го поддржуваат претседателот на Македонија, односно мене”, велеше. И што фајде што Американците го поддржуваат, кога пратениците се подготвени за своите привилегии да го тргнат штом ќе им намигнат Љубчо и Џафери. За тоа имаат и морално право. Тие го донесоа, тие и ќе го сменат. Андов е само послушен извршител.
2. Имам големо почитување кон дипломатските потези на министерот за надворешни работи Слободан Чашуле. Тој не го користел авионот на Слободан Милошевиќ и Тито затоа што бил поскап и поудобен од домашниот, туку затоа што бил побрз.
Тоа што шефот на дипломатијата знае многу странски јазици е голема предност. Малку му е само македонскиот за сите лаги што може да ги изговори.
Вистината е дека Чашуле морал да брза за да го спречи премрежето на пролетната офанзива. Брзиот Гонзалес ја спасува Македонија од војна.
Што убаво ни објасни колку се губи во време кога не се мисли кој авион да се земе за превозно средство. Следниот пат, за Чашуле да биде уште побрз може да си изнајми и конкорд. Да не леташе со скапаниот авион на владата и со стариот авион на Тито, туку со конкорд, суперсоничниот Чашуле можеби ќе ја спречеше и ланската војна.
Со моето слабо познавање на математиката и ептен скромното познавање на авио-техниката пресметав дека од Скопје до Атина, разликата во летањето меѓу елисниот “кингер” и млазниот “фалкон” е околу 8 до 10 минути. На враќање Чашуле мора да побрза 8 минути за да му каже на Борис Трајковски што се договорил со Папандреу. Од што брза, или Борис не го разбрал, или Чашуле не успеал се да му каже.
Кога ќе се пресмета колку време заштедил а колку пари потрошил, сметките покажуваат дека една минута на Слободан Чашуле вреди 1500 долари. Да го дознае ова најбогатиот човек на светот Бил Гејтс, ќе се искомплексира и веднаш ќе падне во депресија. Неговата минута вреди помалку од минутата на нашиот Цобе.
Летај Чашуле, летај. Се додека на земјата се движат ретардирани новинари со ступидни идеи, се поголема ти е шансата идниот пат да изнајмиш и сателит. Не си знаел? Со сателите можеш земјата да ја обиколиш за 90 минути. Не само нашата пролетна офанзива, туку којзнае уште колку војни во светот ќе спречиш.
3. Што весела етничка заедница биле Албанците во Македонија. Прво од НАТО ни велеа дека тие биле ловџии и пукале за свадби и веселби. Од ОБСЕ не уверија дека за забава палеле куќи.
Наспроти веселите Албанци – оптимисти, ги имаме Македонците – песимисти и трагичари. Тие сами си поставувале бомби на влезните врати во куќите и така си се убивале.
Портпаролката на ЕУ Ирена Ѓузелова, со фино тукашно презиме пред некој ден изјави дека ЕУ ќе ги обновувала и куќите на Словените во Арачиново. На прашањето на кои Словени мисли, таа европски дипломатски одговори: Немам коментар.
Е Ирена, Ирена… Кога стави чалма, кога стана оџа? Или, што би рекла една наша убава народна поговорка, која веројатно не ја знаеш бидејќи не си од тука: “Нема полош Турчин од јаничар!”
4. Бранко и Љубчо се испокараа околу лавовите и тигрите. Минатонеделаната караница за “животинското царство” само покажува колку ќе биде бескрупулозна предизборната кампања. Фрчат изјави, прес конференции, барање за извинување, одбивање на извинување…
Најстрашно е што и двајцата манипулираат со тие што најмногу го “окркаа” за време на војната. Се удираат меѓупартиски, а се во одбрана на бранителите.
Сироти бранители, со вакви бранители како Љубчо и Бранко. Аман, не не бранете повеќе.
5. Андов рече дека пратениците не биле чевли и костуми за народот да ги менува кога ќе посака. Има да ги трпи.
Господинот спикер ни подготвува либанско сценарио. Нема да ги менуваме пратениците затоа што и во Бејрут луѓето не менуваа чевли и костуми. Одеа голи и боси.
6. Се надевам дека луѓето од власта со внимание го следат судењето на Слободан Милошевиќ во Хаг. Особено оној дел кога тој се фали дека бил избран од народот и се што правел, правел во име на народот.
Нека гледаат. Крајот е многу поучен.