1 Нормално е тоа што во СДСМ се загрижени оти Ивица Боцевски си даде оставка. Затоа што Боцевски беше единствениот нивен член во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Нормално е и што медиумите прашуваат кои се тие “лични причини” поради кои Боцевски си даде оставка. Затоа и ВМРО-ДПМНЕ нема што да морализира и да повикува на човечност и бла, бла, бла… Оти ако сакаат толку да се вклучат во дискусијата, нека одговорат на поставените прашања, а не уште повеќе да мистифицираат и да ги караат тие што прашуваат.
Ама не ми е нормално тоа што СДСМ е повеќе загрижен зошто си отишол Боцевски од тоа кој доаѓа на негово место. Оти најавениот Васко Наумовски ќе им биде не само политички туку и идеолошки противник. Човекот ем млад, ем лут конзервативец, ем радикално против абортусот, ем радикално за веронаука е чиста спротивност на идеолошки либералниот Боцевски. Тоа што ваков кандидат добива висока државна функција и можност многу драстично да го менува нашиот стил на живот, левата опозиција не ја загрижува.
Имаат ли тие контакт со реалноста. Се гледаат ли дека со враќањето на Бранко почнаа да ги применуваат глупите финти на ВМРО-ДПМНЕ. Што пресконференција е тоа кога надежниот потпретседател на партијата Гордан Георгиев ќе постави прашања. Дали е вистина дека Боцевски направил ова, или се сретнал со овој, или оној, кога се сретнал и бла, бла, бла… Исто како што Бичиклиски, кога Бранко беше Претседател, излегуваше на пресконференција и прашуваше: Дали Бранко направил ова, се сретнал со овој, или оној, кога се сретнал и бла, бла, бла…
Што прашувате? Ако нешто знаете, кажете. Ако мислите дека некој скршил закон, пријавете во Обвинителство.
И ние сме имале одговорна опозиција и одговорна власт. Они прашувале. Како во лошите новинарски текстови што завршуваат со зборовите “Се прашуваме до кога вака…”. И во уште полошите кои завршуваат со зборовите “времето ќе покаже”.
Што ќе покаже? Бранко никаде го нема, а веќе почна забрзано да ги троши новите луѓе.
2 Министерот за финансии Трајко Славески се лути оти сме напишале дека е можно да биде на списокот на премиерот за реконструкција на Владата. Тој, за разлика од Боцевски, с уште не се чувствувал исцрпен. “Она што го објави еден дневен весник за мојата реконструкција на насловната страница е рамно на наводното исчезнување на Анџелина Џоли што го објавија некои електронски медиуми”, изјави Славески, додавајќи дека медиумите шпекулираат со неговата смена, поаѓајќи од информации на “Фејсбук”, исто како и во случајот со Џоли.
Од каде, пак, му текна да се споредува со Анџелина Џоли. Настрана од реконструкцијата, ете сега уште една мистерија што треба да се реши. Ако Трајко стане Анџелина Џоли, кој ли ќе биде Бред Пит.
Приказната нема крај. Од каде е сигурен Славески дека нема да биде сменет? Ако Груевски реши да го реконструира, којзнае дали и Чак Норис може да го спаси. Како што ја спаси Анџелина Џоли.
3 Државната агенција МИА во понеделникот околу еден и пол попладне објави дека “бројот на работниците во индустријата минатиот месец бил помал за шест проценти во однос на мај 2008 година, а за првите пет месеци оваа година бројот е намален за 4,8 отсто во однос на првите месеци минатата година”.
Неполни два часа подоцна МИА ја емитуваше веста дека “бројот на вработените лица во првиот квартал од годинава, во однос на првиот квартал лани е зголемен за 2,9 проценти”.
Изворот и на двете вести е Државниот завод за статистика.
Пробајте сега да ја сфатите логиката на овие две поврзани вести. Околу шест отсто од вработените во индустријата останале без работа, а речиси за три насто се зголемила вработеноста на ниво на цела држава.
Како што би рекол претседателот Ѓоле, овие бројки се како космодиск. Делува шашаво, ама функционира. Барем засега.
Кој ли ќе н храни ако индустријата не работи? Па се знае, Чак Норис.
4 Уште едно продолжение на сагата за Форсајтови. Прво госпоѓата Филимена не сакаше да се пензионира. По неколку месеци, откако некако успеаја да ја пензионираат од Апелациониот суд, тргнаа да и бараат работа. Па се сетија на новиот претседател. Додека и бараа место во некоја од комисиите на новиот претседателски кабинет, нејзиниот сопруг министерот Михајло Маневски примал и плата и пензија. Ама не по негова вина. Згрешиле Фондот и службите во Владата. Ама сагата продолжува. Маневски пресметал. Фондот згрешил и го оштетил. Не само што треба да враќа туку Фондот треба да му доплати
Ова можеше да биде лесна сапунска опера. Ама сага станува кога ќе ти текне дека главните ликови се министер за правда и судија во Апелациониот суд. И дека реформата на судството и владеењето на правото се речиси 20 години главна забелешка зошто Македонија не станува нормална земја за живеење.
Кога министер за правда и судија го користат законот така што му наоѓаат дупка, тогаш е јасно зошто и Македонија е црна дупка.
А сега, по повод утрешниот роденден на “Вест”, преобјавувам една точка од тоа што во “Вест” сум го напишал на 8 јули 2000 година.
Повторно се најавува изградба на слободната зона во Бунарџик. Наводно, веќе во септември ќе никнат едночудо фабрики. Во август тоа ќе биде огромно градилиште.
Да е паметен Циле, не треба да почнува со градбата на Бунарџик. Замислете Тајванците навистина да почнат да градат пред локалните избори. Со што ли ќе се лажат гласачите кога по две години ќе дојдат парламентарните избори. Ако почнат да градат сега, нема да имаат што да градат тогаш.
Се прашуваме до кога вака? Бла, бла, бла… И времето ќе покаже.