1. Секој лојален граѓанин на Македонија, кому од ум не му излегува признавањето на државата, мора да почувствувал силна возбуда, што предизвикува комплекс на повисока вредност, кога го слушнал премиерот Бранко Црвенковски како ги фали стопанствениците во Стопанската комора на Македонија, затоа што покажуваат виталност и во вакви тешки услови на блокади. “Ние имаме способни менаџери” – дошол до закључок нашиот премиер, веројатно и самиот не можејќи да си ја замисли Македонија, колку ли ќе биде богата, развиена, културна и чиста, кога блокадите ќе ги снема, кога Грците ќе ни ја пуштат нафтата, кога Европа ќе нé признае, кога Америка ќе ни даде хуманитарна помош и кога “Макпетрол” ќе биде во состојба да му овозможи на секој возач да си ги наполни во резервоарот на својот автомобил гарантираните пет литри бензин месечно.
Просто и самиот си се изначудив на виталноста на моите нерви, за инает на блокадата. Кога пролетта започнаа редиците пред бензинските пумпи, пцуев сé живо и диво. Кога нé ограничија со 40 литри месечно, бев гневен и лут, ама престанав да се бунам. Кога ни намалија на 20 литри, почна да ми станува сеедно. Особено што – се сеќавам добро – во август бензин не пристигна никаде три дена. Сега кога “Макпетрол” немаше донесено бензин дваесет дена, покажав невидена виталност. Не се ни потрудив да ја мрднам колата од редот, иако ми остана без еден мигавец и ретровизор. Којзнае колку добро ќе се чувствувам ако не донесат бензин цела наредна година.
Затоа и не се насекирав кога пекарите најавија дека секојдневно ќе го намалуваат производството на леб. Ти е гајле. Ќе вежбаме виталност во редиците за леб. Прво ќе чекаме еден час, потоа ќе носат леб на два-три дена, накрај – ич нема да носат.
Таков вид на виталност тренираа Албаницте во времето на Енвер Хоџа. Цел живот не видоа кола со очи, а и ден-денес се тепаат за леб. И тие имаат школуван кадар во странство. Само не се толку снаодливи како нашите менаџери.
2. Посебно чувство на гордост предизвика информацијата објавена на телевизискиот дневник дента кога заврна првиот снег – дека сообраќајот преку Деве Баир и покрај неколкуте сантиметри снежна покривка се одвива без застој. Сé е во ред, тринаесет километри до Крива Паланка се минуваат за само час и половина.
Какво ли чудо од технологија поседува оваа држава и какви ли се тие машини што успеаја за еден ден да го исчистат патот на нашата источна надеж? Тоа мора да е некое чудо големо, поголемо можеби и од “Фокерот” на “Палер Македонија”. Па такви брзини на минување, на толку долга делница, тешко постигнуваат и оние јапонски велосипеди со вградено радио.
При такви перфоманси на нашиот транспортен систем, изјавите дадени истата вечер кога се донесуваше резолуцијата на Советот за безбедност за забрана на транзитот преку Србија, дека се обезбедени вагони за транспорт на нафтата од Софија за Скопје преку Ниш, само ги омаловажија нашите способности. Исто, како претходниот премиер Кљусев, кој два дена пред да се донесе првата резолуција и блокада на Србија и Црна Гора, потпишуваше спогодби за соработка со Божовиќ во Белград.
Чудно, потезите на светската организација нé изненадуваат само нас.
3. Западнат во нарко-делириум, благодарејќи на една ќесичка првокласен хероин, што ја набавив директно од луѓето блиски на Кабинетот на претседателот, со новинарски попуст од 30 од сто, почнав да халуцинирам. Ми се пристори Невзет Халили како Нелсон Мандела. Затоа што неодамна изјавил за грчката телевизија дека “Албанците во Македонија секогаш биле масакрирани и третирани можеби полошо од Црнците во Јужна Африка”. Го видов Невзат Халили, борецот за правата на албанските црнци, како заедно со здружените меѓународни сили за борба против наркомафијата, врши напад на бившата касарна “Маршал Тито” во Скопје, каде што во најтешки услови на плантажите на афион црнчат од утро до мрак масакрираните Албанци од Македонија. Директен пренос на целата акција вршат угледните грчки ТВ станици. Во позадината на кадарот се појавува Мухамед Халили, кој спроведува етничко чистење на афионовите култури, во знак на одмазда поради перманентното етничко чистење на Албанците во Македонија – теза што тој така аргументирано ја бранеше пред американскиот сенатор Де Консини.
4. Во старо време имало обичај комитите пред да заминат во борба да ги благослови свештено лице. Не знам дали се работи за продолжување на традицијата, ама кога го видов кумановскиот владика Кирил како држи проповед на заклетвата на регрутите на АРМ во кумановската касарна, малку се зачудив.
Што ако некој од војниците не верува во Бога? И што ако не е од христијанска вероисповед. Па дури и да е, што ако не е православен? И со кое лице надлежните во АРМ и во Министерството за одбрана се жалат дека Албанците го бојкотираат служењето војска, кога во касарните доведоа попови?
За верниците барем нема пречки. И онака војниците по заклетвата добиваат слободен ден. Кој сака, нека си го искористи во црква.
5. Резултатите од изборите за испразнетите пратенички места покажаа дека повторно добија партиите кои и во првите избори добија најмногу гласови.
Значи, на граѓаните им е убаво и не сакаат ништо да менуваат. Дај да се организираме и да побрзаме. Да фатиме место во редиците.