1. Тоа што пред десетина месеци се нарекуваше предавство, денес има поубаво име – кооперативност. Веќе утре може да биде и – херојство. Темата е иста: меѓународно признавање на Македонија. Разликата е само во историската дистанца.
Сега, кога настапи општонационално освестување дека, за да се преживее, ќе мора да се направи некаков компромис за прием во ООН, малку се разочарав што “Вечер” го изгуби приматот на предавник на националните интереси. Таква етикета ни беше залепена уште во јуни минатата година, неколку дена по Лисабонската декларација. И тоа само за еден текст, којшто, ако сега се препечати, би бил ептен на линија.
На говорницата во Парламентот еден пратеник се чудеше од каде “Вечер” има таква дрскост да отпечати толку “грозен текст”. Еден друг пратеник, од коалицијата која сега ни го заговара привременото име, иронично бараше да му дадеме подетаљни објаснувања за двојното име на Финска: Финланд – Суоми. Висок државен раководител се посомнева дека сум бил заведен од внатрешниот и надворешниот непријател. Колегите од другите гласила тој ден избегнуваа да ме сретнат. Само колешката од “Пулс”, која сега исто така бара компромис, ме направи пуздер среде собраниското бифе, обвинувајќи ме дека поради моето не баш најчисто македонско потекло не сум имал смисла за национално чувство, а тоа што сум имал влашка жица значело дека ме бива за пазарење. Потоа слушав за големи суми што сум добил од Грција, а богами и за бесплатни летувања на Родос.
Текстот навистина носеше наслов “Ако се пазариме, барем да ќариме”, а во суштина идејата беше ние да го водиме пазарлакот, наместо други да го водат на наша сметка. Во таа смисла се залагавме за преговори за сите прашања, вклучувајќи го и тогаш недопирливото – името.
2. Во меѓувреме ја загубивме стратешката предност во спорот со Грција. Платите ни се за никаде, без разлика што деновиве ни се сервира дека од бившите југословенски републики ние сме биле втори по Словенија, по инфлација, по стабилност на валута, по стандард. Од двајца – втори! Другите се во војна.
Затоа пак направивме многу убави песни дека името не го менуваме. Што ќе правиш – сите убави македонски песни се тажни. На името се изградија и многу кариери, не само естрадни туку и политички и новинарски. А богами, паднаа и жртви. Зошто му беше направена интрига на Васил Тупурковски? Денко Малески заслужуваше да биде на толку гнасен начин избркан од политиката?
Кооперативност – секако! Утре нека биде и херојство. Но, што се случува со одговорноста? Уште повеќе што и сега никој не кажува дека привременото име значи оти некогаш ќе мора да се добие и постојано име. Тоа на овој или оној начин претставува арбитража. А нели ние арбитража не прифаќаме.
3. Којзнае колку се потресени членките на Советот за безбедност откако го слушнале последното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, во кое оваа партија вели дека “ќе стори сé Република Македонија да биде призната под своето уставно име”.
Живо сум заинтересиран што ќе стори. И кога мисли тоа да го направи. Сега или веднаш? Ако веќе го има клучот, зошто досега го чуваше за себе?
Илузорна е борбата меѓу партиите, сега да се тепаат која од нив ќе си ја припише заслугата за признавањето на Македонија. Под овие услови признавањето на Македонија воопшто не е најславната работа што може да се искористи за некои евентуални избори.
Патем, најновите истражувања на јавното мислење покажуват дека граѓаните на Македонија бараат избори, ама дури по признавањето. Ако се мисли на признавање под името Република Македонија, значи избори нема да има.
4. Во една вест од пред некој ден се вели дека “режиските карти за бенефициран превоз со железницата што до неодамна важеа на територијата на некогашната СФРЈ, во иднина ќе бидат користени само на териториите на Република Македонија и СР Југославија”.
За македонските железничари нема проблем. Тие никогаш и не излегле од Југославија. Баш убаво ќе им стои името БЈРМЖ.
5. Според уредбата на Министерството за стопанство, со која се сака да му се стави крај на шверцот на цигарите без платен данок, ќе се казнуваат не само тие што продаваат такви цигари туку и тие што купуваат!
“Што, ми продаваш евтини цигари!? А не, ќе одам да си купам двојно поскапи, зашто јас си ја сакам државата!”. Кој ни е виновен што Владата има различни сфаќања за функционирање на пазарот одошто граѓаните.
Што ќе се случи ако во некоја рација ги уапсат и шверцерите и граѓаните? Ќе останат само главните босови и ќе ги прогласат за најдобри менаџери.