ДА-ПЦЕВМРО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:36:"Враќањевоиднината

    1. Министерот за внатрешни работи Томислав Чокревски празнично ни порача дека нема сериозни причини за страв и дека сé е нормално. Само треба да се плашиме од полицајците, ама и за тоа има лек. Не мора да излегуваме на исти места каде што се движат инспекторите на МВР и треба да ги избегнуваме улиците каде што обично полицијата лови криминалци. Наскоро ќе бидат воведени нови сообраќајни знаци за предупредување, со нацртан пендрек и натпис: “Внимавај, полиција!”.
    Знаевме дека Чокревски е заскитан професор во полицијата и некои медиуми често прашуваа дали министерот воопшто знае што му прават полицајците, ама по празничната изјава на А1, во тоа и дефинитивно се уверивме. По трите минатонеделни по полноќни инциденти во кои, покрај убиениот инспектор, службата прокнижи и неколку по грешка претепани гости во кафеана, едно момче со скршени ребра во Градската болница во Скопје и скршен заб на новинар на Сител, кој како граѓанин се движел по сомнителни улици околу научни и културни објекти, министерот ни рече дека не станува збор за тренирање строгост, туку за строго работење. Еден ден по тоа, неговото министерство издаде соопштение за суспендирање од работа и поднесување кривични пријави против тројца инспектори. Министерот си ги фали вработените дека строго работат, а некој друг му врши диверзија и ги брка од работа!?
    Мора да се признае, овој пат може и со голо око да се види дека “службите работат поинтензивно”, како што вели министерот. Строгата работа на полицијата остава траги. Во вид на модринки, лузни по грбот и кравава облека.

    2. Не помина ни една недела од објавувањето на коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската алтернатива, и новата дружба веќе почна да ги дава очекуваните промени. Циле стави костум за конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ. Два дена – и веќе има драстична разлика. Времето работеше против Циле дента кога заедно со Љубчо требаше да го освојат скопското Кале. Да беше сончево, Циле сигурно ќе дојдеше во куси панталони. Вака, во “Гранд” хотел мораше да се појави елегантно – со маица до коленици. За да не му ја прават партијата недорасната.
    Кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, за време на конвенцијата покажаа дека можат да бидат во власта. Половината од нив беа облечени според модната линија на Бузлевски, Ханџиски и на Иљо Илоски. Со темни костуми и запетлани елеци под палтото, на плус педесет степени
    Сепак, појавувањето на Циле во костум на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ не значи дека Љубчо му скроил облека. Не само што не носеше елек, за да не му забележат дека ја имитира власта, туку се пуштил во мисија на еманципација на ВМРО-ДПМНЕ. Ете, на пример, на заедничката средба во “Гранд” хотел не се свиреа патриотски народни песни. Наместо плачење за Македонија и ронење солзи над тажната судбина, Циле организирал на коктелот да се свири некаков “софт” џез. Ако Љубчо и Доста преку ноќ станат џезери, пејачот Војо Стојановски ќе остане без работа, а “црвените баретки” ќе се прекомандуваат како вратари во Универзална сала за време на џез фестивалот.
    Затоа, какво им е тоа глупаво име “Сојуз за промени”? Требаше да смислат нешто поинвентивно, а, сепак, тешко за изговарање. На пример – ДА-ПЦЕВМРО. Демократска алтернатива – Партија за целосна еманципација на ВМРО.

    3. Втората поголема коалиција, помеѓу партиите на Абдурахман Алити и Арбен Џафери, исто така, треба да измисли некое име што ќе одговара на нивните изборни принципи. На што личи ова ПДП-ДПА? Или, уште полошо: ПДП-НДП-ПДПА!? Да си го искршиш јазикот.
    Не ми е јасно зошто македонските Албанци имаат причина да излегуваат на гласање? Имаат еден кандидат, една партија, и само сто души да гласаат, пак ќе го изберат тој за кого се договориле централите. Исто како во времето на комунизмот и еднопартизмот. Ќе гласате така како што ќе ви рече ЦК. Бидејќи на овој начин, Алити и Џафери своето гласачко тело го враќаат во времето на делегатскиот систем, нивната коалиција би можела да се вика: “Враќање во иднината”. Камо да беше жив другарот Едвард Кардељ!

    4. Еден вид враќање во иднината ни прави и државната телевизија. По угледот на ТВ Србија од пред пет-шест години, кога рекламните материјали што државата ги плаќа по светот дописниците ги прикажуваа како афирмативни новинарски текстови за државата, така и ние пред некоја вечер имавма можност да чуеме што пишува “Франкфуртер алгемајне цајтунг” на повеќе страници, во посебен додаток за Македонија.
    Да се потрудеше камерата да ги скрие рекламните огласи на дното на страниците на весникот од “Стопанска банка”, “ЗОИЛ Македонија” и “Електростопанство”, можеби и ќе можеше да се проголта приказната за неверојатниот интерес на македонските медиуми за Македонија. Иако, барем ние што работиме во печатени медиуми и тоа во не толку докрај пазарно ориентирани стопанство знаеме дека посебен прилог се плаќа.
    Впрочем, сите земји практикуваат таква реклама на страниците на угледните светски весници. Но, не верувам дека на било кого му текнало тоа да го продаде како вест на граѓаните од типот “Видете колку убаво пишуваат за нас”.

    5. Минатиот број раскажав еден виц во кој државата ја споредив со бордел и имав повеќе јавувања на навредени читатели. Луѓето со право ми забележаа и ми укажаа на накои работи.
    Велат дека борделите постојат откако е светот и веков и дека во нив точно се знаат правилата на игра. Има категоризација, точно се знае колку се наплаќа услугата, се води сметка кој влегува, кој излегува, постои куќен ред што мора да се почитува, се води сметка за хигиената, секој си ги знае своите права, секогаш можеш да се пожалиш и има кому да се пожалиш за лошата услуга…
    Затоа, велат дека споредбата на бордел со нашата држава не држи. Длабоко се извинувам и си ја признавам грешката.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира