Данок на убавина

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:181:"Бидејќиполитичаритенеседоговоријадасепреброименапопис,сегапоулицилиќенeпребројуваат.

    1 До пред една недела, кога објавувавме вести за тепачки, инциденти и за повредени, зборувавме за граѓани, за луѓе, за стари, за млади. Денеска кога зборуваме за натепани и прободени со нож, тие веќе не се граѓани. Тие се Македонци и Албанци. Па кога ќе се слушне за нападнати луѓе во автобус и за минувачи прободени со нож, првото прашање е дали се наши или ваши.
    Сиромашките ние. Па и нашите и вашите повредени, ене ги, лежат во истите мизерни болници. Нe спојува истата мизерија во заедничката држава.
    Што е ова лудило? Бидејќи политичарите не се договорија да се преброиме на попис, сега по улици ли ќе нe пребројуваат?

    2 Колку е утешително кога министер за внатрешни работи ќе ти соопшти дека ситуацијата е тензична? Фала на информацијата. Што сака да ни каже Гордана Јанкулоска? Да си седиме дома? Да не трчаме навечер на Кеј? Да не одиме на викенд на Шапка? Да не се возиме со автобус? За Охрид да одиме преку Плетвар?
    Од министер за внатрешни работи барам непознатите сторители да станат познати. И да бидат предадени на судот, за да бидат казнети. И тоа со таква казна што ќе запомнат зошто се казнети, за да бидат опомена и за други.
    Зборуваме за хулигани кога се навивачи на два тима, па се степале. Ама ова што ни се случува, не ќе да е само хулиганство. Каков ли е тој порив од ништо непредизвикан да си седиш дома, да си гледаш филм и одеднаш ставаш фантомка, земаш безбол палка и одиш на автобуска станица за да тепаш по автобуси. Или си одиш по улица со нож, и си бодеш минувачи околу тебе. И сите тие се непознати сторители.
    Министерката Јанкулоска рече дека има луѓе што посакуваат нарушување на меѓуетничките односи. По нејзината изјава се изнаслушавме уште десетици партиски изјави и се изначитавме политички соопштенија. Нормално, како што е ред во оваа држава, се огласи и меѓународниот фактор.
    Сите со согласија со министерката. Сите викаат дека некому оваа тензија му одговара. Е токму тоа ме плаши.
    На ДПА и` одговара за да докаже дека ДУИ не ги штити доволно албанските интереси. На ДУИ и` одговара за да докаже дека ако не е таа како главен контролор на стабилноста и безбедноста, пак ќе има војна. Во СДСМ пукаат од радост оти си мислат дека ова е единствениот начин да му ослабне позицијата на Груевски. А и на ВМРО-ДПМНЕ не и` доаѓа лошо ако се зборува за нешто друго, а не само за барокот и за беспарицата. Па дури и вонпарламентарните партии се истакнаа. Најдоа тема за да се сети некој дека постојат.
    И така, загрижените вчера состаночеа во Собранието. Заседаваше Комитетот за односи меѓу заедниците. Сигурно тие со фантомките, безбол палките и со ножовите гледале Собраниски канал и нестрпливо го чекале исходот од седницата. Да знаат дали вечерва ќе работат, или не. Дали да кршат коски по автобуси, или да боцкаат по улици.
    Само се плашам при тоа кршење некој да не замавне повеќе со палката или со ножот да избоде подлабоко, па некој и да загине. Спремни ли се загрижените политичари, или “тие на кои им одговара тензијата” да преземат одговорност? .
    Се сеќаваат ли на Босна? Се сеќаваат ли на Хрватска? Се сеќаваат ли на 2001 кај нас? Додуша, тогаш дојдоа некои бандити од планина и удрија по војската и по полицијата. А сега е полошо. Излегуваат луѓе од зградите и ги тепаат сограѓаните.
    Тие мислат дека ја контролираат ситуацијата само затоа што успешно си ги поделиле тендерите. А знаат ли дека си играат со човечки животи? Свесни ли се дека ако сега создадат меѓуетнички судир, нема да мора да заседава Комитетот во Собранието. Не дај боже да мора за нас пак да заседава Советот за безбедност на ОН.

    3 ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се договорија да менуваат имиња на улици во Скопје. На жртвите на фашизмот сега ќе им се придружат и жртвите на комунизмот. Остана и по некоја жртва на Отоманската Империја. Бидејќи се вративме дури до Александар, треба да има улици и на жртвите на феудализмот и на жртвите на робовладетелството.
    Единствено нема улици за жртвите на капитализмот. Оти тие уште се живи.

    4 ТВ Алфа објави дека, според Регулаторната комисија, ЕВН и ЕЛЕМ би можеле да ги зголемат сметките за струја затоа што во нив ќе бидат вградени и трошоците за промена на фасадата во барокен стил.
    А зошто само сметките за струја? Зошто не и сметките за вода и парно, патарините, бензините? Па барок е ова, не е шега.
    Во претходниот систем тоа се викаше самопридонес. Сега ќе му дојде нешто како данок на убавина.
    Само, убавината е минлива. А глупоста останува.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира