1. Министерот за одбрана Благој Ханџиски, којшто како што можевме да прочитаме во извештаите, а и да видиме на телевизија, за време на неговата официјална посета на САД се прославил со познавањето на странски јазици, од англискиот до Хомеровиот. Дури и кога слета на скопскиот аеродром, сé уште видно возбуден под импресија на тоа што му се случувало во Вашингтон и Њујорк, и на новинарите што го чекаа дома им демонстрираше солидно познавање на англискиот јазик.
Така, информираше дека за цело време на неговата посета, речиси во стапка го следел лидерот на грчката опозиција “Нова демократија” Милтијадис Еверт, чијашто посета на САД министерот Ханџиски ја оквалификува како “демиџ контрол мишн”. Потоа следеше објаснување за неуките, на македонски јазик. Според нашиот министер, господинот Еверт бил во контролна посета, односно “дојден да ги исконтролира штетите што се направени од нашата посета и да се обиде да ги исправи”. Некако во тој контекст, министерот Ханџиски рече дека во суштина тој само го продолжил тоа што во Америка го започнал министерот за надворешни работи Стево Црвенковски. Значи, и тој правел штети низ Вашингтон и Њујорк. Среќа само што Црвенковски не е јазичар како Ханџиски, па никогаш не кажува како си поминал на пат. Па новинарите немаат што да му вадат од контекст, бидејќи немаат ни – текст.
Како и да е, кога дочекавме Грк, и тоа од опозициона партија, да се обидува да ги исправа штетите што ние сме ги направиле, тоа, ќе признаете, е толку смешна ситуација, речиси иста кога сега некому би му паднало на памет да дели македонска хуманитарна помош за семејствата настрадани од земјотресот во Грција, кога Грција ја стопира хуманитарната помош од ЕУ. Баш би било штос, нели!
2. Не дека не разбравме што сакал да каже министерот кога самиот си се претстави како штеточина, ама редно е да се пренесе како што рекол, а за неговата функција е логично да внимава како ги составува речениците. Сигурно во Вашингтон паднал во занес. Којзнае како се чувствувал кога како беровски војвода дефилирал пред построени четири родови на американската војска, па потоа заборавил во која функција го испратиле од Скопје. Како министер за одбрана, како шеф на дипломатија или како претседател на држава. Па дури кога дојде дома рече дека треба да провери што сé е пренесено, дали нешто му било извадено од контекст и слично.
Како по обичај, новинарите се виновни за тоа што го зборуваат министрите. Најдобро е новинарите воопшто да не ги следат министрите кога патуваат низ светот. Да можат да си зборуваат што си сакаат и да не им влечат зборови од контекст.
Изјавите во врска со подготвеноста да се преговара за промена на знамето, како и за преземањето на сличниот грчки член од уставот, наместо нашиот член 49, тука беа примени како намерно пуштање пробни балони пред почетокот на преговорите. Демек, тоа со знамето морало еднаш да се каже, па го избрале Ханџиски, божем да се излета во Вашингтон. Веќе го нарекоа “македонски Пангалос”.
Сиромашките. Тие мислат дека кај нас толку е разработена стратегијата кон Грција, па намерно ги збунуваме. Не може да им влезе во глава дека едноставно се работи за измешани компетенции и некоординирани настапи.
3. Каде се погодија и тие денови на “Македонија во чест на свети Кирил”. Престојувајќи во Рим, претседателот Киро Глигоров пропушти два многу значајни настана дома. Го немаше ниту на отворањето на претквалификациите за Европското првенство во кошарка во Кавадарци, ниту пак на финалниот натпревар за фудбалскиот куп на Македонија меѓу Вардар и Силекс во Скопје.
На трибините во Кавадарци покрај премиерот Бранко Црвенковски беа и министрите Ханџиски, Миљовски, Симовска, Шундовски, потоа имаше повеќе пратеници, повеќето од СДСМ, плус претседателот на Стопанската комора Душан Петрески. Министрите либерали не се појавија на ова собирање на Владата. Ајде тие, ама како можеше да се случи во Кавадарци да не се појави и Стојан Андов? Политичките аналитичари велат дека ова евидентно е натамошно продлабочување на кризата меѓу коалиционите партнери.
Финалниот натпревар за купот на Македонија беше организиран според традицијата од времето кога се играше за Купот на маршал Тито. Вардар и Силекс играа на 25 мај. Пехарот на победничката екипа ѝ го врачи другарот Тито Петковски.
4. Велат дека најскапите автомобили што беа изложени на саемот за автомобили веќе се купени. “Поршето” од 210 илјади марки и најскапата “Хонда” од 160 илјади марки си нашле стопани. Ееее, кога ќе се пушти некој со 250 километри на час и кога ќе зацепи по патот од Струмица кон Турново, ќе се чудат дури и пиперките и доматите.
Среќа што на саемот имаше и други автомобили, не само вакви, без кои не можат да живеат трговците со портокали и пиљарите. Имаше избор за сечиј џеб. Па дури и интелектуалците, според скромните можности, сепак можеа дома да си заминат со нов автомобил. Во еден премин меѓу две хали се продаваа автомобилски модели – играчки за 100 денари.