ДЕТСКА РАДОСТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:60:"Народотенепријателнадржавата

    1. Повторно не ми беше јасен премиерот Георгиевски кога ни рече дека сите треба да се радуваме. Зошто да се радуваме? Затоа што по два месеца ќе почнеме преговори со ЕУ или, пак, затоа што Унијата им ги укина визите на граѓаните од Бугарија и од Романија?
    Колку што забележувам деновиве, народот нешто не ни е многу радосен како премиерот. Тоа не е добро. Станува збор за неосвестен народ кој не ја чувствува историската димензија на добрата волја на ЕУ да почне преговори со Македонија. На премиерот Георгиевски му е најтешко. Тој вели дека сите треба да се радуваме, а ние не знаеме зошто, и не го почитуваме неговиот збор. Што да прави сиромашкиот премиер со народ кој му е државен непријател.
    Туку, не треба да се грижи премиерот зошто народот не му ги сфаќа мотивите за радост. Убаво се рекло. Глупав народ – силна држава. Така што, власта може на раат да си се радува. Нека му ја мисли кога народот ќе се опамети.

    2. Народот е државен непријател бидејќи гледа телевизија и чита весници на државните непријатели. А тоа се, се разбира – новинарите. Сега Георгиевски и нив ги поканува да се радуваат заедно со него, а тие од инает не се радуваат. И тоа, како што вели, радоста треба да ја споделат и позиционите и опозиционите новинари.
    За премиерот не постојат обични новинари. За него новинарите мора да бидат во нечија функција. Порано тоа се викаше општествено-политички работник. Сега се вика партиска војник.
    Во последните десетина дена имав две јавувања во кои високи функционери од власта ме прашуваа “За која држава работи ‘Вечер’?”
    Ништо ново и ништо вознемирувачко. Урнекот е ист како и во времето со СДСМ. И тие кога беа на власт, а и овие новиве толку се занесуваат во својата големина и моќ, што веднаш се идентификуваат со државата. Штом медиумите ќе им откријат нечесни работи, веднаш обвинуваат дека работиме против државата. Затоа и не се обидувам да им објаснувам. Нека одговорат тие на прашањето: “А за која држава работите вие?”

    3. Премиерот Георгиевски отиде во Стокхолм на Форумот за холокаустот да ја претстави Македонија во најдобра светлина. На таа тема, тоа и не е тешка работа, бидејќи во Втората светска војна и во односот кон Евреите, Македонија е чиста како солза.
    Арно ама, и бугарскиот претседател Петар Стојанов на Форумот во Стокхолм побара признание за неговата земја. Фала му на Господа, сè уште има живи сведоци за тоа како поминаа македонските Евреи за време на Втората светска војна и чија војска ги транспортираше кон логорите на смртта.
    Сега не ни е јасно дали премиерот Георгиевски не знае дека тогашната бугарска власт ја организираше хајката против Евреите во македонските градови или, пак, од почит кон Стојанов, не сака тоа да му го каже за да не ни се налути.
    Како што премолчи Георгиевски, уште малку ќе излезе дека ако бугарската војска не ги гонела Евреите, тогаш Македонците сами ги транспортирале со Хитлеровите вагони. Како што тргнал Стојанов да ја пере нечистата историја на неговите претходници, ќе излезе дека Македонија, а не Бугарија е виновна за погромот на Евреите од тукашните градови.

    4. Затоа, пак, Георгиевски во Стокхолм заврши друга работа со која ќе ја сподели радоста со други држави за брзиот чекор кон Европа. Сега разговарал и со Словачка за склучување спогодба за слободна трговија.
    Блазе си ѝ на Словачка. Како со која земја ќе склучиме договор за слободна трговија, така Европската унија со нив ги интензивира односите. Така се случи со Словенија, Турција, сега и со Бугарија. Ќе излезе дека и со Словачка џабе ќе го потпишуваме договорот. Тие ќе влезат во ЕУ и договорите нема да важат.

    5. Редовно ги следам сите вести на телевизиите. Почнувам со вестите на приватните телевизии. Црнила. Од црно – поцрно. Таму работат само државни непријатели за протерување од земјата. И откако ќе се разочараме во колку лоша земја живееме, доаѓа Дневникот на државната телевизија. Така што МТВ ни доаѓа како релаксација. Да се радуваме на работните победи, да се одушевуваме на паметните говори на премиерот Георгиевски и на високоинтелектуалните изблици на претседателот Трајковски.
    Најдобра асоцијација за брзото чекорење кон Европа, оној историски ден кога ни соопштија дека ќе преговараат со нас, беше извештајот за отворањето на фабриката за паштети во Куманово.
    Министерот за земјоделство Марјан Ѓорчев ја отвори линијата за паштети, која ќе била прва фаза од развојниот процес. Втората фаза предвидувала производство на “месен нарезок”. Арно ама, за тоа ќе требало да се вклучи и науката, зашто тие ќе биле за извоз. За нас може и без научни сознанија. Ќе преживееме со паштетите и без наука.
    Ехееј, до каде стигнавме. И паштети научивме да правиме.

    6. Само и паштетите на Марјан Ѓорчев не се ништо, во однос на успесите на градоначалникот на Скопје Ристо Пенов. Замислете, се изградил дрвен мост на Кале. Зар можеше Пенов да не се појави да ја пресече лентата на таквото мајсторско дело на нашите градители.
    Правиме паштети и градиме мостови. И после некој нека не се радува на нашата подготвеност за Европа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари