ДЕВЕТTИОТ КРУГ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:88:"АкоАлбанцитенесебунат,изборитесерегуларни

    1. Според резултатите од првиот круг на локалните избори, на прво место е СДСМ. На второ – ВМРО-ДПМНЕ. За да откриеме кој се наоѓа на трето место ќе организираме мала квискотека.
    Јас сум “особа А”, се викам Петар Гошев и мојата партија е на трето место. Јас сум “особа Б”, се викам Стојан Андов и мојата партија е на трето место. Јас сум “особа Ц”, се викам Љубисав Иванов и мојата партија е на трето место. Одго­­ворете на паршањето: Која личност е лидерот на партијата што се наоѓа на трето место? Се вклучува ПДП и вложува “Квиско”. Без потреба, зашто “Квис­кото” на ПДП ги зголемува поените на првопласираната партија. И  таман  кога на екранот се појавува госпоѓата претседателка на жири-комисијата Лилјана Ристова-Ингилизова, ја прекинува Оливер Млакар со најава на рекламни пораки: “Жал ми е, вашето време истече, ќе се видиме следната сабота”. На госпоѓата Ингилизова ѝ олеснува. До следната сабота, Државната изборна комисија, по вонредни напори и за извонредно кусо време од само две недели, белким ќе успее да ги изброи гласачките ливчиња од сите општини во државата.

    2. Изборните резултати покажуваат некои нелогичности. Во местата каде што власта се покажа како агилна во решавањето на комуналните проблеми, граѓаните ѝ ги дадоа гласовите на опозицијата. Еве, на пример, во Старавина. Премиерот Црвенковски на селаните им пушти чешма. А тие го преведоа жеден преку вода. Кандидатот на СДСМ се најде на трето место. Џабе Бранко пушташе вода.

    3. Жените од Скопје завчера вечер организираа хуманитарна акција “Тортија­да”. Во скопскиот хотел “Гранд” се натпреваруваа која ќе направи поубава торта и потоа ги продаваа на лицитација, а собраните пари ќе бидат употребени за донација. Среде “Тортијадата” меѓу жените се појавија и кандидатите за градона­чалник на Скопје, Ристо Пенов и Јовица Угриновски. Кој по слаткото, кој по жените, важно двајцата кандидати го искористија настанот за политичко претста­вување пред вториот изборен круг.
    Зошто меѓу жените не се појави и независниот кандидат Љупчо Николов­ски-Фуфо? Да не се налутил оти скопјанките не се натпреваруваат во правење пици? Или веќе му е доста од сладок живот.
    На четвртиот кандидат Дарко Марковиќ таму не му беше местото. Тој сака да пецка. Значи дека е по лутото. А сезоната на готвење ајвари и лутеница помина.
    По вториот круг жените ќе организираат натпревар во правење расол. Таман ќе стаса расолницата за трезнење. Ќе им треба. Кому од славење, кому од разочарување. Се плашам само дека дотогаш на сите ќе ни скисне.

    4. По првиот круг доаѓа втор круг. Некаде, поради поништувањето, ќе има и трет круг. На некои места можеби ќе се организира и четврти круг.
    Сé уште има надеж. Има време до деветтиот круг.

    5. Посматрачите на изборите од Советот на Европа беа концизни и прецизни на конференцијата за печат што ја одржаа ден по првиот круг. Тие дванаесетмина, посетиле 95 избирачки места, ама врз основа на посетата на само 13 избирачки места во опш­тините во Тетовско, дошле до заклучок дека 25 од сто од граѓаните не биле запишани на избирачките списоци, и тоа до 12 часот. Којзнае, ако останале и попладне, можеби ќе дошле и до 50 од сто.
    Гостите од Советот на Европа, научени како и досега да делат лекции на помалку демократските од нив, се појавија самоуверено пред новинарите во државата којашто цело време ја нарекуваа “вашата земја”.
    Тоа можеби и не им е за забележување, бидејќи со каква леснотија ги оценија изборите, ништо чудно и да не знаеле во која земја пристигнале. Им рекле: “Одете, видете дали ќе се бунат Албанците”. Ако Албанците не се бунат, изборите се регуларни.

    6. Досега имавме двапати парламентарни избори, сега во тек се и локални избори, во меѓувреме правевме референдум за независна држава и уште не можат да се ажурираат избирачките списоци до таа мера да не фрлаат никаква сенка врз резултатите.
    Кога кај нас, со милион и четиристотини луѓе гласачко тело не можат да се средат списоците, сосема ми е јасно зошто Кина не воведува повеќепартиски систем.

    7. Американците ставија вето на повторниот избор на Бутрос Гали за генерален секретар на ОН. Од јануари во Палатата на нациите во Њујорк треба да дојде нов прв човек.
    Бутрос Гали треба да допатува во Македонија во јануари идната година. Рече дека ќе дојде без разлика дали ќе биде на функција.
    Гали ни е кум. Тој ни го смисли прекрасното име “бивша југословенска Репуб­лика Македонија”. Неговото доаѓање ќе има симболичен карактер. Во “бивша…” држава доаѓа бивш генерален секретар.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира