ЏИКОВОТО НЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:53:"Бранкопуши,аманевовлекува

    1. Тоа хемијата чуда прави. Не била само хартијата од гласачките ливчиња и мастилото од пенкалата со чуден хемиски состав. Еве и лавовите на Љубе се однесуваат според правилата на хемијата. Час ги има, час ги нема.
    По претепувањето на колегата Зоран Божиновски од Куманово, оној портпарол на МВР, што понекогаш мислам дека е клониран Љубе, изјави дека Лав со име и презиме Горан Трајковски – Тајто, какво што посочи натепаниот новинар не постои. По три дена, Лавот со прекар Тајто се појави. Е сега од хемија, преминуваме на физика. Оти, тој навистина бил лавот што го бркаше кумановската полиција и не можеше да го фати, ама во времето кога го тепале новинарот во Куманово, бил на стража во Стенковец. Тоа веќе ги надминува и законите на физиката оти едно тело не може во исто време да биде на две места.
    Затоа велат дека за специјалците на Љубе не важат никакви закони. Тие можат да бидат ем во Куманово, ем во Стенковец. Да возат коли ем без регистарски таблички, ем со бугарски таблички. Да бидат ем припадници на МВР, ем полиција да не може да ги фати. Да бидат ем полицајци, ем со богато криминално досие.
    Спијте мирно граѓани на Македонија. Тајто чува стража.

    2. Додека Тајто чува стража, Марјан Ѓорчев чува плажа. Во исто време кога ВМРО-ДПМНЕ водеше кампања за политичка изолација на Али Ахмети и неговата партија, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата “Биди земјоделец” ги вклучуваше роднините на идните пратеници на ДУИ. Па така, на плажата во Струга им додели 3 хектари земјиште да си садат пченка.
    Министерот Ѓорчев се пожали дека “не вози точак” за да знае кое земјиште е градежно, а кое земјоделско. Плус, сакал да го заштити земјиштето на крејбрежјето од довоградби. А тоа што потпишал договор за закуп со член на поранешната ОНА било оти тој не навлегувал во семејните врски на земјоделците.
    Познато е дека министерот Ѓорчев не ги познава многу семејните врски. Тој не знаеше дека ни дека таткото на неговата сопруга гради куќа во Трпејца, а камоли дека оној со пченката од Радолишта имал брат што е кандидат за пратник на ДУИ. Познато е и дека сака да стави ред со узурпацијата на брегот на Охридското езеро и дивоградбите. Во центарот на Струга не може да се гради, а во Националниот парк Галичица – може.
    Затоа, кога Ѓорчев нема да биде министер, или ако не дај боже, Љубе му го земе потпретседателското место во партијата, тој ќе биде чувар на плажа во зимскиот период. Така ќе му се оствари желбата да вози и велосипед. А таму каде што не може да стигне со велосипед, како на пример на осамените плажи околу Трпејца ќе го позајми кајчето од дедо му.

    3. Хашката обвинителка Карла дел Понте побарала од македонскиот државен обвинител Ставре Џиков, судот за воени злосторства да ги преземе сите случаи во Македонија што се врзани со минатогодишната војна. Џиков не се согласил. Тој на Карла ѝ рекол дека “во Македонија и обвинителството и судството нормално работат”. На што веројатно Карла се насмеала. Ние би се изнасмеале, ама бројката од 40 нерешени случаи на напади на новинари и ТВ екипи некако не ни дава смеењето да ни биде слатко.
    Во секој случај, Ставре Џиков конечно рече: “Не!” И тоа, по се изгледа, станува збор за историско “Не!”. Оти, тоа е прво “Не” на државниот јавен обвинител во животот. Му здодеа во Македонија постојано да клима со главата и да вика “Да!”. Чекаше да замине во странство за да му олесне. Во Хаг ги нема Љубчо, ја нема Доста, го нема Љубе… Сам Џиков со неговата почитувана колешка Карла во една сосема поинаква атмосфера од онаа дома. Таа му бара, а тој не дава. Замислете, дури и дијалог воделе. Кога можел сиромашкиот Ставре да си замисли во Скопје да води дијалог. Или, не дај боже да каже “Не!”?

    4. Откако се појавија фалсификат дипломи на економисти, сега се очекуваат и фалсификат дипломи на лекари.
    Фалсификат- економистите успешно се снаоѓаат во фалсификат економијата. Арно ама, професорите од Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет побараа дипломите што се нострифицираат да бидат проверени со дополнителни тестирања.
    Тестирањата можат да се изведуваат врз министерот за образование Ненад Новковски. Тој рече дека дипломите биле само парче хартија и остаток од социјализмот. За да докажат лекарите дека не се со фалсификувани дипломи, ќе мораат на пациентот Новковски да му пронајдат остаток од чипот што го вртеше на собраниската говорница уште пред неколку години.

    5. Поранешниот претседател на САД Бил Клинтон, кога медиумите открија дека како студент пушел марихуана, призна: “Пушев, ама не вдишував!”
    Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на прашањето на новинарите дали ќе коалицира со Али Ахмети одговара дека ќе прави коалиција со ДУИ, ама за Али Ахмети и за командантите на ОНА нема место во неговата влада.
    Значи, Бранко ќе пуши, ама нема да вдишува.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира