1 Зошто европскиот претставник Ерван Фуере и американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ ги собираат лидерите на политичките партии во Маврово? За да бидат на чист воздух. Да дишат длабоко и да си ги разбистрат главите.
Целата дипломатска колонија во Скопје е потресена што новата власт не го игра Али Ахмети и со сите сили се труди да го спои со Груевски. Поради тоа што лидерот на ДУИ цело време се жали дека нема дијалог, му го смислија и последниот викенд во Маврово. Ама Ахмети не им дојде. Се расипа забавата.
Портпаролката Ермира Мехмети рече дека и лидерот има право на одмор. Не може него Фуере и Миловановиќ да му кажуваат што да прави за време на викенд. Особено не може да му кажат како да се однесува кога е во планина.
Не е проблемот во тоа што Али Ахмети цело време бара дијалог меѓу власта и опозицијата. Проблем е што тој сака дијалогот да биде монолог. Така што амбасадорите на ЕУ и на САД не треба џабе да си ги трошат викендите. Оти и тие имаат право на одмор. Нека го остават дијалогот за работен ден. Во викенди се водат монолози.
2 Потсекретарот во Стејт департментот Николас Барнс пред два дена на брифинг во вашингтон рече: “САД ја поддржуваат Хрватска да стане членка на НАТО во 2008, додека Македонија и Албанија остануваат потенцијални членки”.
Е како така? Според испитувањата на јавното мислење, Македонците повеќе сакаат да бидат во НАТО отколку Хрватите. А Хрватска ќе ја примат, а нас не. Па нели ќе одевме со Хрватска и со Албанија со јато во НАТО. Овие одлетаа, јатото се растури. Па нели кога Буш пред хрватскиот премиер Санадер ја спомена само Хрватска како кандидат за НАТО во 2008, нашиве беа среќни. И координаторот за НАТО Никола Димитров и министерот за одбрана Лазе Еленовски ни велеа дека тоа што американскиот претседател ја споменал Хрватска, било исто како да ја спомене и Македонија.
Тоа е нешто слично како ова: САД ќе го нападнат Ирак, ама тоа значи дека ќе ги нападнат и Иран и Сирија.
За да нема дилеми, потсекретарот Барнс јасно кажа: “Претседателот Буш излезе јавно и рече дека ја поддржува Хрватска за членство во НАТО во 2008. Албанија и Македонија ги гледаме како можни кандидатки за членство”.
Што ќе каже сега Еленовски? Дека Буш и натаму ќе зборува за Хрватска, а ќе мисли на Македонија. Така во 2008 година Хрватска ќе биде во НАТО, а Македонија во мислите.
3 Поранешниот гувернер на Народната банка Љубе Трпески го уапсија оти постапил според одлука на Владата. Што ќе се случеше тогаш со гувернерот ако не постапеше според одлуката на Владата.
Во времето кога Трпески префрлувал пари од државните девизни резерви на сметката на Експортимпорт банката за да ја извади од була, премиер беше Љубчо Георгиевски. Не се знае дали министер за финансии тогаш бил Борис Стојменов или сегашниот премиер Никола Груевски.
Без потпис на премиерот и без знаење на министерот за финансии, пари од државните резерви не можеле да бидат префрлени.
Со оглед на тоа што Љубчо Георгиевски е најчесниот човек во Македонија, ќе излезе дека и во случајот со Трпески нема случај. Оти, ако Љубчо бил нечесен, како што пред 2002 година кажуваше СДСМ, до сега, дури и со вакво судство ќе беше осуден.
4 Во официјална посета на Македонија дојде унгарскиот премиер Ференц Ѓурчан. Тој се сретна и со претседателот Црвенковски и со премиерот Груевски.
Ѓурчан е премиерот на Унгарија кој неодамна јавно призна дека го лажел својот народ за да победи на изборите.
По средбите со Црвенковски и со Груевски, унгарскиот премиер изјави: “Очекувањата на Македонија за покана за членство во НАТО во 2008 се реални” и “амбициозната програма на премиерот ветува дека во Македонија економското чудо ќе се случи”.
Не е јасно. Дали Ѓурчан се обидува и нас да нѐ лаже. Или дава такви изјави оти го излажале него.
5 Како благодарност до САД оти ја признаа Македонија со уставното име, советниците од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат една улица во Скопје да се именува со името на американскиот претседател Џорџ Буш.
Јас имам уште еден предлог. Зошто и главната пешачка улица во центарот на Скопје не им ја посветиме на Американците. Наместо улица Македонија да се вика “51ва држава”. Така ем Грците ќе бидат задоволни ем Американците почестени.