1. Војната не е проблем. Главниот проблем е кој колку ќе ќари од неа. Сфаќате ли дека никој веќе не зборува за војната? Ви текнува ли дека половина држава сè уште ни е под опсада? Кој е поважен: заробениот војник за кој власта ништо не знае или фотелјата на Стојан Андов. Војната и десетиците мртви полицајци и војници беа само предигра. Главната игра е големата коалиција.
Добри се нашите лидери. Така ни рече Солана. И си замина, уште истата вечер, во ниедно време. Што подалеку од нив. Од арно да не куртулиме. Да не се добри Љубчо, Бранко и Џафери, Солана ќе остане без работа.
Новата влада ќе има малку време до изборите. Ќе успеат ли спасителите на Македонија до 27 јануари в година, да доземат сè што останало. Верувам дека ќе успеат. И едните и другите имаат тренинг. И едните и другите велат дека Македонија е сè што имаме. Е па, ако е Македонија сè што ни остана, сигурно нема да крадат од друго место.
Па, здравје боже, ќе го преживееме и ова чудо од влада. Ќе дојдат белки нови избори. Само, колку сме будали, којзнае што ќе изгласаме.
2. Стојан Андов е најдобар доказ дека поговорката “Додека некому не му се стемни, на друг нема да му се раздени” – е жива вистина. Додека на државата ѝ се заканува воена состојба, Андов стои на барикадите на својот кабинет. Исто како што во 1995 година, побрза додека Киро Глигоров го оперираа по атентатот, да се всели во неговиот кабинет. Човекот има мерак по кабинети.
Стариот лисец, по којзнае кој пат, нè увери дека е искусен политичар. И во најтешките моменти за државата, тој знае да си се снајде за себе.
3. Наместо офанзива во Кумановско, жестока офанзива во центарот на Скопје. Владата е опседната. Сите сакаат да бидат министри.
Сиромашкиот Керим, Андов не му даде да се доинхалира на Флорида. Расипувач на забави. Да преземеше Керим таква дипломатска офанзива за Македонија, како што презел од Америка за спас на министерското место, до сега не само членки на ЕУ и НАТО туку можеби и членки на Советот за безбедност на ОН ќе станевме. Упорен е Керим кога сака нешто.
Само Зоран Крстевски не презеде никаква офанзива. Каква му била судбината, така е. А судбината, барем досега, му ја одредуваше Андов. Пустиот, душа немаше и одвај дишеше кога даваше изјави. Кому да се приклони – на Андов, или на Гуштеров. За гревота. Што избор има.
4. Нели на Бранко му беше многу битно МВР и уценуваше со тоа министерство, за да ја прифати големата коалиција со Љубчо? Нели велеше дека за тоа место се потребни стручњаци? Нели не требало да има компромитирани партиски војници што не се замешани со аферата “прислушување”?
Вчера брат Љубе Бошкоски, кога дознал дека е во комбинација за министер за внатрешни работи, славел со легендарниот ТВ новинар Бане Димовски во “3 Ф”. А бе Бранко, барем Доста беше дама.
Туку, вака, така, и ние простите полека им ја сфаќаме политиката. Спасувањето на Македонија има цена. Брат за брат, сирење за пари. Така и брат Љубе за сестра Доста.
5. Љубчо и српскиот премиер Ѓинѓиќ, завчера кај Фуфо, на плоштадот Македонија ручаа во релаксирана атмосфера. Околу ресторанот вриеше од полицајци со машинки. Во ресторанот лежерно пиеја кафе еден куп агенти. Додека премиерот глумеше нормална состојба, иако два дена пред тоа бараше да прогласи воена состојба, скопјани од зад стаклото ги ѕиркаа важните гости и се чудеа: Види го ти Љубче наш, ја нареди работата и со Србите.
Туку, што го однесе српскиот премиер на пица? Зошто не им текна на она убаво ресторанче на Попова Шапка, со традиционални македонски јадења. Ќе уживаа и во храната и во погледот на ослободените села на Шара.
Сепак, парадата низ центарот на градот ни влеа надеж. Толку полицајци што го чуваа Љубчо додека јадеше пица, ќе беа доволни да се ослободи барем Слупчане. А толку паркирани “мерцедеси” со кои дојдоа на ручекот, ако се продадат ќе бидат доволни барем за уште два хеликоптера. Значи, не било дека немаме војска и пари да се биеме со терористите. До ПДП било.
А и ПДП, што се праваи толку важна? Мисли дека само таа има некаква врска со ОНА. А Џафери кај е? Или можеби Хисни Шакири решил да смени партија? Зошто не, ако му ветиле министерско место.
6. Следниот пат кога ќе дојде Солана, ќе го прашаме дали како што бара да ги амнестираме терористите од ОНА, тој ќе ги амнестира неговите од ЕТА?