ДИПЛОМАТСКА ОФАНЗИВА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:36:"Соголгазпосветот

    1. Кремот на македонската дипломатија конечно се собра во Скопје. Два дена беа затворени во Клубот на пратениците. Тие бараа пари. А шефицата Илинка ги искара и им порача да тргнат во дипломатска офанзива.
    Има една интересна приказна за познатиот српски драматург Бранислав Нушиќ, кој кон крајот на 19 век бил српски конзул во Истанбул. Во една депеша до Белград тој напишал: “Тука работите можат да се решат на два начина. Или да се платат пари, или да се даде газот. По извесно време добил одговор: “Пари нема, дејствувај!”
    Така и нашата Илинка со македонските дипломати. Пари нема, ама дејствувајте. И тоа не било како. Офанзивно. Нив телефоните во амабасадите им ги исклучуваат, газдите ги бркаат од становите оти не плаќаат кирија, праќаат писма со електронска пошта на бесплатни провајдери, немаат пари ни на лекар да одат, ама шефицата мора да се слуша. Како Нушиќ, на времето, или ќе платат, или ќе си го дадат газот. Светот ќе ја создава сликата за Македонија според тоа што нашите амбасадори ќе можат да го понудат. Бидејќи пари нема, им останува дејствување на другиот начин со што ќе ја спроведат офанзивата растрчани по светските метрополи. Од тоа што ќе го покажат ќе зависи и успехот на македонската дипломатија. Патриотскиот долг кон државата ќе го исполнат со гол газ по светот.

    2. Илинка ги искара дипломатите дека во земјите во кои се акредитирани немале доволно контакти со медиумите.
    Како ќе имаат однос со јавноста во странство, кога шефицата ги држеше во изолација дома. Во Клубот на пратениците новинарите беа држени под клуч, а на фоторепортерите и снимателите не им беше дозволено снимање.
    А материјал за нивна промоција – колку сакаш. Ем министерката дама, ем дипломатите сами по себе би требало да делуваат гламурозно, ем интересни детали кога ќе се поздрават меѓу себе ВМРО-вци и СДСМ-овци, или луѓето на Борис и луѓето на Бранко…
    Само, на СДСМ не смее ништо да му излезе од контрола. Да не случајно на фотографија се видат заедно амбасадори од спротивните страни, па после мораат да им се правдаат на Бранко и Грујо. Или уште пострашно, да не им се случи на клетите новинари да ја дознаат дипломатската стратегија што тие два дена Илинка и дипломатите ја договарале.

    3. Бранко свечено ја отпочна изградбата на скоро 12 километри автопат кон Грција. За оваа делница, министерот за транспорт Агрон Буџаку рече дека со Олимпијадата во Грција се очекува да се зголеми сообраќајот низ овој коридор, па затоа се наметнала потребата од негова изградба.
    Дванаесетте километри треба да бидат готови до ноември 2005 година. А Олимпијадата во Атина е во август 2004 година. Буџаку се подготвува за Олимпијадата. Ама онаа во Пекинг 2008 година. Или на 12-тиот километар од патот ќе направи кафеана со име “Пекинг”. Или мисли дека сите патишта до Атина водат преку Кина.
    Бранко отвара многу патишта. Во 1996 година ја почна изградбата на патот Велес – Прилеп, преку Бабуна. Не знам за кои избори ја почна пругата Белјаковце – бугарска граница. Еве се возиме и уживаме. Само не знаеме кој пат да фатиме.

    4. Буџаку вчера рече дека преку медиумите се создава култура на депресија и негативност кај народот оти сме објавувале само лоши вести. “Сега сме во ситуација кога треба да ги воспитуваме граѓаните дека и добрата вест е вест и треба да се продава”, вели министерот за транспорт.
    За Буџаку веројатно е добра вест кога некој од шума ќе стане министер.
    А што е добра вест за нас? На пример, ако министерот Буџаку ни открие каде се киднапираните од времето кога тој беше во ОНА. Или, ако соопшти кога ќе се вратат раселените во своите домови. Или, кога ќе објави дека полицијата без проблеми патролира во Липково и Арачиново.
    Тоа би биле добри вести кои ние со задоволство би ги печателе. Верувам дека со задоволство би ги читале и Македонците и Албанците.

    5. Добра вест е и кога директорот на ЕСМ Панде Лазаров објавува дека струјата во 2004 година нема да поскапи. Со мало ограничување. Струјата нема да поскапи ако наплатата достигне 90 отсто.
    Значи, ако Панде не успее да наплати во Арачиново и Липковско, ќе ја поскапи струјата. Ќе наплати од тие што плаќаат. Ај што до сега плаќавме струја и за нив, в година ќе им го плаќаме и поскапувањето.
    Среќа што идната година ќе биде година на просперитет и богатство. Ќе имаме пари да си платиме. Можеби и ќе нема поскапување. Ако Арачиново ја спаси ситуацијата. Сега кога сите ќе плаќаме за тетовскиот универзитет, ќе можат и тие да плаќаат за струја.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира