ДИПЛОМАТСКО НАСЛАДУВАЊЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:99:"ВладатанаМакедонијапокажависокстепеннаединство

    1. На почетокот на неделава што изминува, додека уште не бевме освестени од шокот што ни го приреди Европската заедница, на програмата на Македонската телевизија, во исто време, додека на првиот канал се вртеше анкета со граѓани од типот: “Ма, која е таа Европа што не нé признава!?”, на вториот канал одеше еден стар филм за борбата на Мексиканците од Калифорнија против САД. Додека тамошните локални политичари, полни со револуционерен занес, се жестеа со изјави: “Ќе им се спротивставиме со сите средства!”, “Не подлегнуваме на притисоците!”, “Ќе ги победиме Американците!”, еден ги убедуваше со зборовите: “Луѓе, дајте да преговараме, можеби ќе најдеме заедничко решение. Ќе биде добро и за нас и за нив. Разберете, со САД не можеме да се бориме!”
    Филмот заврши со колеж во Калифорнија.

    2. Којзнае колкумина експерти се ангажирани во Министерството за вна­т­реш­ни работи на Велика Британија, за да ја организираат успешно посетата на нивниот шеф на дипломатијата на Македонија. Сиромашкиот Даглас Херд, ќе мора да ги впрегне сите свои умствени напори за да ја разбере нашата нова надворешнополитичка ориентација кон Африка, Азија и Латинска Америка, откако навредени ладно ја откачивме Европа. Сигурно ќе се отепа преколнувајќи нé да не ги напуштаме, ќе бара прошка, ветувајќи дека ЕЗ конечно ќе сфати дека Македонија се наоѓа во Европа.
    Ако веќе се осмели да допатува, тогаш ќе мора да застане на говорница, пред нашите прекрасни и многупочитувани пратеници и добро да се испоти, објас­нувајќи им, што разговарале тие таму за Македонија, како што сугерираше пратеникот Томислав Стојановски. Па потоа, има да си седне британскиот господин до нашиот претседател Глигоров и за казна едно пет-шест дена ќе ги слуша вдахновените дискусии на пратениците. Не го пуштаме да си замине за Лондон, барем додека не научи уште некоја лекција од дипломатијата, од најуспешниот кадар на високата дипломатска школа во Прилеп, Цветан Јовчески. Има да се засрами само што ќе го чуе Тито Петковски, кој таква де­мо­кра­тија, каква што божем имало во неговото кралство, не прифаќа. А ќе посака да нé признае во оној момент кога Трајан Мицевски строго ќе му се обра­ти: “Европа ќе нé признае, само слушајте јас што ќе ви кажам!” Ќе му легне на рамо на претсе­дателот Глигоров и ќе го залева со солзи штом Љупчо Поповски ќе извика: “Не! Благодарам ЕЗ!” И конечно, ќе изгуби секаква желба да се врати назад кај Џон Мејџор кога ќе го запознае Блаже Ристевски, барем до оној момент, додека од него не принаучи неколку слаткоречиви зборови, со кои се манифестира искреност и верност кон колегите во Владата и претпоставениот.

    3. Веројатно само сознанието дека “нашите средства за информирање се уште поедноуми, без елементи за почеток на некаков плуралистички дух во мислите и ставовите”, бидејќи не ги научија лекциите по новинарство што потпретседателот на Владата Ристевски несебично ги делеше секогаш кога некој настан поврзан со неговото име ќе излезеше во јавност, е сосема доволно сите новинари што во критиките не го штедеа премиерот Никола Кљусев сериозно да се покаат. По последниот настап на Ристевски, Кљусев станува трагична фи­гура. Штом за цело време на претседателствувањето имал толку лојален прв заме­ник.
    Сигурно е многу “човечки и прифатливо” што еден таков човек каков што е Блаже Ристевски, “висок интелектуалец, роден дипломат, респектиран соговорник, превасходен демократ, изразит хуманист и несомнен патриот”, може да му забележи на својот колега Денко Малески затоа што тој “цело време живее со отворен страв за економската положба и социјалната состојба на македонскиот народ” и “искрено се плаши од економски колапс и не гледа излез од големите пречки и тешкотии на овој план”.
    Најголемата вина на министерот Малески е што се плаши од војна и глад. Наместо да води сметка како да се одржи на власт.

    4. Ристевски го исцинкари министерот за односи со странство затоа што на последната седница на Владата ги убедувал дека треба да се оди на компромис, дека мора да се прифати некоја друга формулација на името, па макар и “бивша југословенска Република Македонија”.
    Во исто време партијата МААК, која истиот тој господин Ристевски го канди­дираше на изборите за пратеник, го обвинува Малески, затоа што не ја сфатил дипло­матската игра и не се согласил со името “бивша југословенска Република Македонија”.

    5. Гледајќи го повеќедневниот циркус во Парламентот, еден претставник од Министерството за односи со странство прокоментира: “Сега да се погоди како известувач некој расипан грчки новинар, веднаш ќе напише дека пратениците не можат да постигнат единство”.
    Зошто, за да се напише тоа, мора новинарот да биде расипан? И зошто – грчки?

    6. Графитот “ЕЗ е курва”, што деновиве така масовно беше експлоатиран, може да се прочита во преминот под зградата кај Управата за внатрешни работи на Скопје. Оние што секојдневно поминуваат таму сигурно забележале дека на спротив­ниот ѕид од оној на кој е напишан графитот има продавница за – гиро.
    Така, скопјани имаат шанса за незаборавно чувство – во исто време додека ѝ се насладуваат на пакоста на авторот на графитот, да се наследуваат на вкусот на грчкиот национален специјалитет.
    Поминувачите се ставени пред дилема: дали да се мисли со глава или со стомак?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира