1. Среќа што денеска е молк, па Циле ќе нé поштеди од неговите изјави за излегување или за останување во коалицијата. Секои пет минути ни даваше различни изјави, па нé збуни. Којзнае дали и самиот знае каква изјава сега доаѓа на ред.
Неговите министри, угледни универзитетски професори и интелектуалци, се однесуваат како деца. Бегаат од час, па после бараат оправдание од Циле. Ги навредил Љубчо Георгиевски. Им признава оправдание само лично од Циле. Писменото не го смета за сериозно.
Сега учителот решил да им прости на професорите. Му требаат додека да завршат изборите. После, ако не бидат мирни на час, пак ќе ги избрка.
2. Министрите на ДА ја напуштија седницата на Владата. Иако коалицијата сé уште официјално не е раскината, тие во моментов се надвор. Дали тоа значи дека кога и официјално Љубчо и Циле ќе објават дека се скарале, министрите ќе одат понадвор.
Од министрите на ДА, на седницата остана само Павле Трајанов. Не сака да ги обновува старите рани. ДА има осум министри. Павле не сака повторно да биде еден од осумтемина.
3. Не треба луѓето толку да се секираат што ќе стане со Владата и кој каква одлука ќе донесе. Не треба ни да им веруваат на разни извори. Нека слушаат само што ќе реши централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тукашните луѓе се научени да му веруваат само на ЦК, па овие промениве лесно ги поднесуваат.
Ете, и покрај заминувањето на министрите од ДА, Владата продолжи со седницата и донесе заклучоци. Значи, ВМРО-ДПМНЕ секогаш има алтернатива за алтернативците. Тоа покажува дека таа и досега не функционирала како Влада, туку како парадржавен орган. Министрите си работеле едно, замениците друго, а ЦК си ја спроведувал политиката.
Впрочем, преку функционирањето на Владата, Доста Димовска го спроведува тоа што го предавала како професорка во средно училиште. Во Владата на Македонија, Доста вежба марксизам.
Во практикувањето на марксизмот сите одлуки се носат во ЦК. И онака, Владата е орган кој само треба да ги потврди и спроведе одлуките на партијата. Парламентот повеќе не е интересен, дури ни како куклена претстава. А во согласност со марксизмот, и судството не е валидно. Нели вистинските револуционери го признаваат само судот на својата партија.
4. Љубовта меѓу Љубчо и Циле почнува да заличува на американска мелодрама. Партнерите постојано се караат, се изневеруваат, плачат кај пријателите, па пак ќе се смират, па пак ќе се скараат, ако треба и ќе се натепаат… И на крај, среќни и весели, ќе заминат заедно во Венеција, на романтично патување каде што повторно ќе се разгори заемната љубов.
Е, нашиве романтичари не одат во Венеција. Тие на помирување одат во американската амбасада. Нема гондоли. Не е толку романтично, ама поевтино е.
Кога човек ќе изброи колку работи завршила американската амбасада и за време на оваа и за време на минатата влада, не е лошо седиштето на Владата да го преселиме таму. Коцките кај Вардар може да му се продадат на Стојменов за стоковна куќа, а Љубчо, сосе министрите, нека се пресели до кабинетот на американскиот амбасадор. Дури и адресата не треба да се менува. И двете згради се на иста улица. Па нека му ја мислат Американците, кога не им кажаа на Љубчо и на Циле порано дали им е дозволено да се караат или не.
Ако, пак, амбасадата е со ограничен капацитет, па не може да ја прими целата македонска Влада, на паркингот отспротива може да се распне голем шатор. Тој одговара многу повеќе на активностите на министрите. Тогаш нема да бидат навредени дека се – циркус. Во тој случај, и Циле, сосе неговите министри, нема да може да се фолира дека излегува надвор, а всушност останал внатре. Кога е шатор во прашање, нема дилеми. Штом излегуваш, веднаш си надвор.
5. Добро е што дојде Бернар Кушнер од Косово, за да ни ги отвори очите. До неговото доаѓање, ние си мислевме дека сме биле држава. А тоа, ние сме ти биле врата. Влези – излези…
Според тоа како изгледа вратата кон Косово, изгледа дека ние не сме обична врата. Ние сме врата за клатење. Како оние оние низ кои влегуваат и излегуваат каубоите во салуните на Дивиот Запад. Само нé шутираат со чизмите.
Шерифот Кушнер нам, како на претставници на вратата која важи за пример на издржливост на Балканот (колку и да ја шутираш со нозете, дрво е, не реагира), ни ги покажа новите регистарски таблички за Косово. Не за да нé убеди во нивните убедувања дека Косово е дел од Србија и Југославија, туку како препорака: “Гледате што ве чека, ако не сакате да бидете врата. Ќе ви направиме вакви таблички, ако не ја направите државата како што ви кажуваме ние!”
Кога човек подобро ќе размисли, 10 години независна држава и не е некоја мала работа. Во однос на 12-те дена Крушевска Република, ова е значителен напредок. Белки ќе ни дозволат да ѝ се порадуваме уште две години на државата, за да може после во историјата да пишуваат дека сме постигнале неверојатни резултати. Денот сме го претвориле во година. Дванаесет дена Крушевска Република, дванаесет години Република Македонија.